Причините за поделеноста на населението немаат само економска природа. Врз поделеноста на луѓето влијаат и други фактори, како што се етничките и религиските, кои, заедно со економските, социјалните и класните, дејствуваат комбинирано и за секоја епоха имаат различно дејство; некогаш се доминантни неекономските, а некогаш социјалните и класните фактори

Фељтон: Скопје – утопија, визија, реалност (9)

Без сомнение, кога говориме за Скопје пред сѐ мислиме на град што поседува сложена социјална, културна, религиска и етничка структура. Градот претставува „мозаик“ од различни светови, во кои пулсираат вредностите, обичаите, желбите на неговите жители; тој е систем од различни културни, етнички и религиозни заедници, формирани простори, кои потекнуваат длабоко од историјата и културите, кои можеби не постојат во овој момент или постојат во видоизменета форма, реални институции и норми што го формираат политичкиот и институционален поредок. Целокупноста на сите тие елементи и многу други го формираат поимот град, кој за секој човек може да има различно значење, може да го потсетува на настани што се случиле многу одамна, но, може да потекнува и од неговата непосредна околина и да има изразито локално значење.
Секоја епоха во развојот на градот ги втиснала во просторот карактеристиките на социјален, економски и културен развој и низ најразлични процеси и форми, како што се процесите на социјална диференцијација и етничка сегрегација во различни форми на етничко, социјално или професионално групирање што во градот добива и просторен израз што е својствен на неговиот развој, низ историјата па сѐ до денес му давала сопствено обележје како што му дава и денес.
Во градовите на постиндустриските општества, иако процесите на формирањето на етничката и социјалната сегрегација се детерминирани од пазарната логика, сепак, преку процесите на свесно планирање и интервенција од страна на државата во голема мера се ублажува нивното негативно влијание. Во тој процес голема улога играат и развојот на новите технологии, глобализацијата и масофикацијата на општеството, кои во еден сплет на причинско-последични односи и влијанија го формираат новиот тип град карактеристичен за западните развиени општества.
Причините за поделеноста на населението немаат само економска природа. Врз поделеноста на луѓето влијаат и други фактори, како што се етничките и религиските, кои, заедно со економските, социјалните и класните, дејствуваат комбинирано и за секоја епоха имаат различно дејство; некогаш се доминантни неекономските, а некогаш социјалните и класните фактори.
Скопје главно го следи ова општо сознание, дека секој период од неговиот развој во себе ги вклучува карактеристиките на времето.
Етничката сегрегација може да се јави во апсолутна и релативна форма: припадниците на една етничката група можат да бидат целосно концентрирани на еден или неколку дела од градот, можат да бидат претежно или, пак, да бидат распрскани на целата територија.
Во Скопје, како што ќе го покаже тоа анализата, се сретнуваа повеќе комбинирани случаи на сегрегација.
Мултиетничкиот состав на градот често се одразува врз неговата топографија, во форма на територијална сегрегација, која може да биде присилна или доброволна, а причините за тоа можат да бидат најразлични, да бидат предизвикани од надворешни или внатрешни фактори, да произлегуваат од потребите на групата или други фактори што во еден определен момент се појавуваат како значајни.
Етничката сегрегација кога еднаш ќе се појави, како секундарна појава, во веќе развиените периоди од животот на агломерацијата опстојува во систем на сложени односи помеѓу разните групи. Но еднаш формирана таа останува да егзистира уште долг временски период иако факторите за нејзиното појавување одамна исчезнале. Таа може да се појави и како резултат на ново прегрупирање на етничките заедници, како последица на освојување и колонизација на една територија или други фактори што доведуваат до миграција на населението, од едно место на некое друго место на кое се населени претставници на други етнички групи.

Да се живее во Скопје, да се има статусот на „скопјанец“, согледано од повеќе аспекти на македонската реалност, ги наметнува прашањата дали е тоа привилегија, предизвик или само патемна станица до некоја поперспективна дестинација. „Нова Македонија“ го објавува фељтонот „Скопје – утопија, визија, реалност“ на универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески, кој преку свои студиски истражувања и анализи ги согледува корените на актуелните предизвици на македонската метропола, но и насочува на целите кон кои треба да се дејствува во плановите за негов развој

Еве како, во еден извештај за феноменот на етничката сегрегација, е запишано во средината на осумдесеттите години на минатиот век. Многу работи од тој период се промениле, сигурно дека ги нема повеќето од трошните куќарки, но останал духот на едно време што продолжува да живее сега во други околности, на засилена етничка поделеност и можеби уште поголема етничка дистанца. „Локалитетите (сламови) на територијата на општина Центар (централното подрачје на градот Скопје) претежно се населени со Албанци што е скоро половина од ова малцинство што живее во Скопје… На овој простор се изградени над десетина илјади супстандардни станбени единици за кои единствено решение е да бидат урнати и на нивно место да се изградат нови… Центарот на градот е јасно поделен на три дела, и тоа: десна страна на реката Вардар – населби со македонско христијанско население, лева страна на реката Вардар поделена на албанско-муслимански дел каде што се сконцентрирани Ромите во населбата Топаана… На просторот на општината Чаир, според информациите на општинските служби, на 54,8 хектари се изградени 2.192 објекти (состојбата до 1987, денес ги има многу повеќе!) Најголеми локалитети се Дижонска и Калајџиев гроб со близу 7.000 жители) денес ги има над десет илјади) од албанска и муслиманска националност“, се констатира во истражувањата пред речиси две децении, но и фактот дека состојбите не се променети туку обратно, процесот на сегрегација продолжува и понатаму. (Ацески И., Скопје визија – реалност, 1997)
Едно од прашањата што длабоко навлегува во целите на планирањето е создавање реални претпоставки за намалување на поделеноста во просторот во однос на етничката припадност, особено во централниот дел од градот и особено во користењето на јавните простори.

(Продолжува)

Автор: Илија Ацески