Издавачката куќа „Антолог“ ја објави книгата „W“, која ја раскажува приказната на самиот автор, Игор Штикс, левичарски интелектуалец што по повеќе од дваесет и пет години се враќа на Јадранот за читањето на тестаментот на Валтер Штиклер, конзервативен француски филозоф, кој под неразјаснети околности е убиен во Далмација. Таму ја среќава згодната активистка Теса Симон. Двајцата се запознаваат еден со друг во куќата на Валтер, но ја запознаваат и мистериозната историја за Валтер, кој од левичар од 1968 година станал водечки десничарски мислител, како и неговиот пријател Владимир, највлијателниот лев милитант, зад чиј терористички ракопис секогаш се крие доза иронија и кој продолжува да ги инспирира сите млади бунтовници на денешнината.
Приказната за Валтер и Владимир се отвора пред Игор и Теса како напнат политички трилер на современата историја на Европа, кој нѐ води во сите делови на континентот. За да ги осознаат сите поединости и за да ги откријат тајните, тие двајца мора да отидат во родниот град на Игор и Валтер, Сараево.
Најновиот роман на Игор Штикс е книга што буквално не се испушта од раце. Напишана во манирот на најдобрите скандинавски трилери, преполн интриги и пресврти, „W“ ни дава пресек на последниот половина век на европската и светска левица, на нејзините борба, падови и застранувања.
Писателот и теоретичар Игор Штикс беше еден од учесниците на фестивалот „Букстар“, каде што беше претставена и неговата книга „Сечилиште“. Во рамките на фестивалската програма, тој одржа и предавање на тема „Активистичка литература“.
Неговите дела се преведени на 15 јазици. За неговите книжевни и интелектуални достигнувања му е доделено престижното француско одликување „Витез на уметноста и книжевноста“. Во 2017 година, Штикс ја потпишал петицијата за заеднички јазик меѓу Хрватите, Србите, Босанците и Црногорците.