Меси со репрезентацијата освои златни медали на сениорско и на младинско светско првенство, на летни олимписки игри, на првенство на Јужна Америка и на меѓуконтинентален куп, а со клуб бил европски и светски првак и победник на Суперкупот на УЕФА, за вкупно 15 меѓународни титули во осум натпреварувања на највисоко ниво, во разни возрасни категории, 13 „златни копачки“, 12 „златни топки“ од разни врвни меѓународни натпреварувања и избори

ФУДБАЛ

Со освојувањето на титулата на Светското првенство (СП) во Катар, аргентинскиот капитен Лионел Меси (35) го освои единствениот златен медал што му недостигаше во богатата кариера и со тоа има меѓународни титули во осум натпреварувања на највисоко ниво во разни возрасни категории.
Неговата златна низа почна во 2005 година, кога со Аргентина стана светски првак во категоријата до 20 години, на шампионатот што се играше во Холандија, и каде што во финалето Аргентина ја победи Нигерија со 2-1. Меси, најмлад во составот заедно со Серхио Агуеро, со по 17 години, ги постигна двата гола во финалето, беше прв стрелец на шампионатот со шест гола, а ја освои и „златната топка“, за најдобар фудбалер на турнирот.
Потоа следуваше првата титула во Лигата на шампионите, во 2006 година, со Барселона, титула што ќе ја освои и три години подоцна со еден гол во финалето, како и во 2011 (еден гол во финале, најдобар стрелец во ЛШ таа сезона) и во 2015 година.
Во годините помеѓу таа клупска низа следуваше нов трофеј со Аргентина, на Летните олимписки игри во 2008 година во Кина. Во репрезентацијата на Аргентина, за фудбалери до 23 години, Меси (стрелец на два гола) одново беше меѓу помладите, со 21 година, а во составот беа и Анхел ди Марија (стрелец на голот за победа во тоа финале, а стрелец на еден гол и во мечот за титулата на СП 2023), Агуеро, Хуан Роман Рикелме, Хавиер Маскерано…
Во меѓувреме, Меси со Барселона по трипати стана светски клупски првак (стрелец на по еден гол во секое финале, двапати добитник на „златната топка“) и победник на Суперкупот на Европската фудбалска унија (вкупно три гола).
По два пораза во финалињата на првенствата на Јужна Америка, во 2021 година Меси го освои и својот прв континентален трофеј со Аргентина, победувајќи го Бразил во финалето на Копа Америка, со 1-0 (стрелец Ди Марија), на шампионатот во Бразил. Меси и Луис Диаз од Колумбија беа први стрелци со по четири гола, а Меси и на ова натпреварување ја освои „златната топка“. Лани Меси славеше со Аргентина и во првиот меѓуконтинентален куп на прваците на Јужна Америка и на Европа, познатата Финалисима, победувајќи го европскиот шампион Италија, во Лондон, со 3-0. Меси беше прогласен за најдобар фудбалер на натпреварот.
Годинава стигна круната на сите овие успеси, со светската титула на Мундијалот во Катар, на кој Меси ја освои и „златната топка“, втора за него на мундијалите, со што и во оваа категорија е рекордер. Така, Меси сега има дури 15 меѓународни титули во осум натпреварувања на највисоко ниво во разни возрасни категории, 12 „златни топки“, 13 „златни копачки“ од разни натпреварувања и избори…
Следува продолжение на сезоната во ЛШ, одбрана на титулите на Копа Америка во 2024 година, на Мундијалот во 2026 година…


МЕЃУНАРОДНИ ТИТУЛИ НА МЕСИ

Младински светски првак 2005
Олимписки шампион 2008
Лига на шампионите 2006, 2009, 2011, 2015
Суперкуп на УЕФА 2009, 2011, 2015
Светско клупско СП 2009, 2011, 2015
Копа Америка 2021
Финалисима 2021
Светско првенство 2022

НЕКОИ ИНДИВИДУАЛНИ ТРОФЕИ
„Златна топка“ на СП 2
„Златна топка“ на младинско СП 1
„Златна топка“ на клупско СП 2
„Златна топка“ на „Франс фудбал“ 7
„Златна копачка“, младинско СП 1
„Златна копачка“ на Европа 6
„Златна копачка“ во ЛШ 6