Фото: Илустрација/Игор Бансколиев

Собраниската седница на која пратениците расправаат за Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2022 година попладнево е прекината, а нејзиното продолжение ќе биде дополнително закажано.

Во попладневниот дел од расправата, власта и опозицијата со спротиставени ставови. За пратениците на власта, во Извештајот се нотирани позитивни поместувања во многу области, а според опозицијата, со вакви оценки и динамика, земјава нема да биде подготвена уште многу долго време да пристапи во Европската унија.

Љубица Спасова, пратеничката на СДСМ, оцени дека Извештајот на Европската комисија за 2022 година е балансиран и во него има вкупно 1.560 наоди, односно активности што се препознаени како одреден напредок.

– Согласно Извештајот на Европската комисија, Република Северна Македонија е на добро ниво на подготвеност за влез во Европската унија во областа на земјоделството и руралниот развој, како и во областа на безбедноста на храната, ветерината и фитосанитарната политика. Најголем успех е нотиран во реализација на ИПАРД 2 Програмата. Позитивно се оценети и сите елементи на интервентниот административен и контролен систем кои се усогласени со правото на Европската унија. Овие резултати се постигнати заради грижата на Владата кон земјоделците во 2022 година, а се надевам дека Извештајот во 2023 година ќе биде уште попозитивен – рече Спасова.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ забележаа дека разгледувањето на Извештајот доцни пет месеци што според нив говори како власта се донесува кон најважниот документ којшто се однесува на напредокот на земјата во Европската унија. Една од забелешките на опозицијата е и, како што посочија, злоупотребата на европското знаменце при носењето на законите. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ потенцираа дека иако со висока оценка се оценети последните локални избори, сепак забелешките се однесуваат на Изборниот законик, односно навременоста на неговото усогласување при што се укажува на потребата таквата консолидација да не се врши непосредно пред процесот на самите избори.

На прашањето од пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ зошто Владата ја прифатила, како што рече, бугарската уцена за внесување на Бугарите во Уставот, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ одговори дека не се работи за никаква уцена и дека од внесувањето на бугарското малцинство во Уставот не можеме да имаме ниту штета, ниту да бидеме повредени како Македонци.

– Секогаш и во преговорите со Грција за Преспа и во преговорите со Бугарија сме имале една водилка – да покажеме и да докажеме дека е возможно и да влеземе во ЕУ и да останеме Македонци кои говорат македонски јазик со заштитен идентитет и тоа го постигнавме. Не е воопшто лесно. Ниту имплементацијата на овој договор не е едноставна, ниту ќе биде едноставна. Ве уверувам дека од внесувањето на бугарското малцинство во Уставот и во преамбулата која почнува со мнозинскиот македонски народ и потоа ги реди сите останати заедници, не можеме да имаме ниту штета, ниту да бидеме повредени како Македонци. А, тоа ќе ни ги отвори вратите, ќе ни ја зајакне позицијата да не може повеќе Бугарија да продолжи со уценувачката политика. Ние таа политика ја прекинавме со францускиот предлог. Целта на францускиот предлог беше да прекине уценувачката политика и да се заштити идентитетот, македонскиот јазик – нагласи Маричиќ.