ФОТО: Маја Јаневска Илиева

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека нема никакви индиции дека шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен нема да дојде на Министерскиот совет на ОБСЕ што при крајот на месецов ќе се одржи во Скопје, а почната е и процедурата за доаѓање на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, чија земја подлежи на санкции од ЕУ по војната со Украина.

– Во санкциите се вели дека за меѓународни организации како што е ОБСЕ е дозволен прелет. Сепак, одлуката е на земјите членки. Затоа нашите соседи ќе треба да одлучат, а и ние за нашиот воздушен простор – рече вечерва Османи во емисијата „360“, прашан за доаѓањето на шефот на руската дипломатија Лавров.

Прашан дали е можно доколку дојде Лавров, да не присуствува украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, шефот на македонската дипломатија и актуелен претседавач со ОБСЕ се надева дека тоа нема да се случи.

– Затоа пред две – три недели отидов во Киев, да обезбедам присуство и на Кулеба. Се уште сме во разговори. Јас мислам дека како што во Виена имаме состанок секој вторник, така треба да биде и во Скопје, рече Османи.

Додаде дека според информациите што ги има, на состанокот во Скопје се очекува да дојдат и министрите за надворешни работи на Канада, Велика Британија, на земји членки на НАТО, ЕУ, како и централна Азија. Според Османи, ќе дојде и заменик-министерот на Тајланд кој ќе биде прв официјален претставник од оваа земја што дошол во Македонија од независноста.

На Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје се очекува присуство на 76 делегации од кои 57 се од земјите членки на ОБСЕ и 11 од партнерските земји од медитеранската и азиската група. Букирани се пет хотели каде треба да се сместат овие делегации. Самитот, ќе почне со неформална вечера, која како што рече Османи, ќе се одржи на 29. овој месец.

Според Османи, подготовките се одвиваат согласно зацртаната динамика и се работи согласно т.н. Водич на ОБСЕ во кој се утврдени и најситните детали за организирање на вакви настани.

Досега, како што посочи, потрошени се три милиони евра во делот на набавките, иако првично биле предвидени пет милиони евра.

Во однос на информациите во јавноста околу изборот на компанијата „Евровиа“ која е ангажирана за реконструкцијата на салата „Борис Трајковски“ каде ќе се одржува Министерскиот совет и околу изборот на рентакар компанијата, Османи вели дека опозициски шпекулации се контроверзиите околу јавните набавки.

За „Евровиа“ вели дека критериум била најниската цена, а изборот го направила Комисија која не ја интересира дали компанијата е спонзор на ДУИ или не, додека во однос на изнајмувањето на возила за претстојниот Министерски совет во вкупен износ на рамковната спогодба од речиси еден милион евра, вели дека само една фирма се пријавила на тендерот и оти не знае дали позадински имало договарање меѓу компаниите.

– Очекувавме дека ќе има четири-пет понуди и на крај ги отвораат понудите – излезе една. Не е мое да испитувам дали тие го поделиле пазарот, дали се договараат меѓу себе за да не си конкурираат еден на друг – тоа не е работа на Министерството. Ние отвораме понуди, таа што е најповолна, ја потпишувам – вели Османи.

Во однос на извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, оценката на шефот на македонската дипломатија е дека вкупниот напредок на Македонија не е загрозен.