„Нова Македонија“ секогаш се потсетува на корените на архетипот на македонското новинарство и никогаш не го заборава Горно Врановци.
Денеска, по повод 78-от роденден, планинарското друштво „Х2О“ по вторпат организира роденденска планинарка тура од родното селото на „Нова Македонија“, Горно Врановци, до врвот Кале (2.112 м надморска височина).
Ќе се навратиме на смелиот подвиг на партизаните кога на раце ја носеле еден тон тешката печатарска машина „бостонка“, неуморно, не броејќи километри, од Црешово по трнлив пат до Горно Врановци. Ќе ја спомнеме и супстанцијалноста на првата печатница во Горно Врановци, која денес е преобразена во музеј, и турата ќе ја завршиме со посета на спомен-куќата.
На 29 октомври, во 7 часот, од музејското село Горно Врановци, прочуено по петте музеи, почнува турата долга 19 километри, при што се совладува надморска височина од 1.460 м, а трае десетина часа.
– „Нова Македонија“ е првиот официјален документ испечатен на македонски јазик. Тоа е мојот јазик и историја, тоа е јазикот и историјата на моето семејство, другари, колеги, сограѓани и познаници. Затоа ќе направам сè што е во мојата моќ да ги негувам и зачувам. За никогаш да не заборавиме дека сме Македонци што говорат, пишуваат, љубат, се радуваат, се лутат и тагуваат на македонски јазик. Јазикот, идентитетот и историјата не се за продажба – вели Ирена Диков, водич и иницијаторка на планинарската тура. С.Ј.