До август годинава во Украина имало над седум милиони раселени лица, покажа истражувањето спроведено од неколку меѓународни агенции, јавија западните медиуми.

Повеќето од раселените се жени, а речиси една третина од нив биле раселени повеќе од еднаш, се наведува во заедничкиот извештај на Агенцијата за азил на ЕУ, Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Меѓународната организација за миграција (ИОМ), што беше објавен вчера.

Истовремено, повеќе од шест милиони лица, кои избегаа од Украина или се внатрешно раселени, до август одлучиле да се вратат во своите домови.

Според податоците на агенцијата за бегалци на ОН, од Украина досега се избегани вкупно 14,3 милиони лица, а три четвртини од нив се заминати во четирите соседни земји од ЕУ: Унгарија, Полска, Романија и Словачка.