Пратеникот Изет Меџити и градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, објавија фотографии на кои се заедно со независниот пратеник Кастриот Реџепи, што го отвори прашањето за негово приклучување кон т.н. „огнена група“ во ДУИ. Исто така се актуелизира евентуалното формирање на пратеничка група од страна на незадоволните членови на ДУИ, но засега нема потврда за ваквата можност.
Беџети и Меџити ја споделија истата фотографија на Фејсбук, во прилог на која напишаа „заедно“. Реџепи, пак, моментно настапува како независен пратеник во Собранието, по неговото исклучување од движењето „БЕСА“.
Реџепи се најде во центарот на вниманието на јавноста откако ги поремети плановите на опозицијата за преземање на парламентарното мнозинство и за уривање на Владата. Реџепи потоа беше исклучен од БЕСА, па го промовираше проектот „Европа 21“ со цел обединување на прогресивните политички сили за задржување на европската перспектива на Македонија. Меџити и Беџети, пак, се потписници на писмото со кое бара смена на Артан Груби, како и промени во ДУИ.
Огранокот на ДУИ од Сарај, предводен од Беџети и чаирскиот огранок предводен од Меџити, минатата недела во Мала Речица имаа средби со лидерот на партијата Али Ахмети.
Пратеникот Арбен Зибери тогаш истакна дека на средбата имало конструктивна дебата на која разговарале и за несогласувањата во партијата, посочувајќи го обидот за изнаоѓање решение со кое би се надминале разликите, како повод за средбата.
Беџети и Меџити остануваат на првичните ставови, судејќи според нивните тогашни објави на Фејсбук, при што и двајцата високи партиски функционери споделија фотографии на кои се со Ахмети, а во прилог на кои напишаа оти се „цврсти во ставот против извршната власт“.
Ахмети, пак, во изјава за медиумите нагласи дека е нормално да има незадоволство во меѓучовечките односи, додавајќи дека ќе се разговара за да се поправат односите. Тој нагласи дека ДУИ е национално богатство на Албанците во Македонија, зборувајќи токму за односите во партијата.