Коалицијата ГЕРБ-СДС на Бојко Борисов освои најмногу гласови/Фото: Принт-скрин

Исходот од предвремените парламентарни избори во Бугарија не навестува некаква можност за промена на бугарската политика кон Македонија, особено не во правец на нови блокади од Софија. Сепак, Софија очекува Македонија доследно да ги исполни обврските околу промена на Уставот и впишување на Бугарите во него, според последните изјави на бугарскиот претседател Румен Радев.

Политичките аналитичари во Македонија сметаат дека овој период Бугарија е свртена кон внатрешните прашања, и ќе се придржува до францускиот предлог, но сепак можни се изненадувања од страна Радев.

Фокус се внатрешните политички и економските предизвици

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека во овој момент мала е веројатноста да се врати спорот со Македонија на главната политичка агенда во Бугарија. Сепак, тој не исклучува дека може да се очекуваат спорадични излети на темата, најмногу од бугарскиот претседател.

Петар Арсовски/Фото: Принт-скрин

– Сега во фокусот на тамошните граѓани е домашната ситуација и неуспешноста таму да се формира политичка стратегија и политичка стабилност. Бугарите сега се фокусираат на тоа како ќе ја поминат оваа политичка состојба, како и енергетската криза во зимскиот период. Состојбата во Македонија сега не е во центарот на вниманието. Но, не треба да сметаме дека таа тема е умрена за Бугарија. Како што процесот за ЕУ итеграции ќе се активира, така и ова прашање повторно ќе се актуелизира, а притисокот од бугарска страна се очекува да продолжи. Но, не овој момент – заклучува Арсовски.

Ставот на Бугарија за Македонија нема да се промени

Политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски, не очекува никакво менување во однос на политичката состојба во соседна Бугарија, особено во однос на нивниот став кон нас, бидејќи тие нивното внатрешно единство, консензусот за македонското прашање како што го поимуваат таму во нивното општество, го преточиле во францускиот предлог, и тоа веќе е нивна официјална политика и дипломатија кон нас.

Благојче Атанасоски/Фото: Приватна архива

– Некако, како по некоја закономерност од моментот кога Бугарија го употреби инструментот вето врз македонските евроинтеграции, влезе во една институционална политичка криза која се перпетуира со постојани избори во овие две години. Никако Бугарите не може да создадат стабилна политичка влада, која ќе работи на подобрување на животниот стандард, но и која ќе ја менаџира енергетската криза – посочува тој.

Според него, после овие предвремени парламентарни избори, постојат две опции.

– ГЕРБ да формира влада, веројатно со некој нов премиер. Да не биде тоа долгогодишниот Бојко Борисов со партијата на етничките Турци (ДПС). Тоа е подобра варијанта за нас, одошто да формира ГЕРБ влада со ултранационалистот Костадин Костадинов, бидејќи тој има порадикални ставови кон нас и од еден Красимир Каракачанов. ГЕРБ да не успее да се формира политичка влада, повторно да има службено правителство поставено од претседателот Радев и Бугарија да оди наново на парламентарни избори, кои веројатно нема драстично да ја сменат политичката слика и политичкиот распоред во народното собрание – објаснува аналитичарот Атанасоски.

Сепак, тој посочува дека треба да почекаме за да видиме која опција ќе стане поизвесна.

Според резултатите од 99,91 отсто обработени гласови од страна на Централната изборна комисија (ЦИК) во Бугарија, седум партии ќе влезат во 48. состав на бугарското Народно собрание.

На прво место според бројот на освоените гласови, се наоѓа коалицијата ГЕРБ-СДС на поранешниот премиер Бојко Борисов со 25,34 отсто. Втора политичка сила е Продолжуваме со промените на Кирил Петков со 20,2 отсто. ДПС има 13,75 отсто.

Четврта партија, според обработените гласовите е популистичката Преродба со 10,17 отсто, а зад неа е Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 9,3 отсто.

Како шеста на овие избори, според моменталните резултати, заврши Демократска Бугарија со 7,45 отсто.

Новата партија на политичката сцена, Бугарски подем на поранешниот технички премиер Стефан Јанев, пак, со освоени 4,63 отсто е последната партија која ќе влезе во парламентот со свои пратеници.

Под цензусот од 4 отсто, кој е потребен за освојување пратенички мандати, и на 99,84 обработени гласови, останува Има таков народ на Слави Трифонов која освои 3,83 отсто.

Катастрофален резултат на овие избори има и ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов со освоени само 0,81 отсто од гласовите.