Фото: Принт-скрин

Секоја избрзана постапка на бугарската влада, секој позитивен сигнал може погрешно да се протолкува како некакви отстапки од бугарска страна, изјави бугарскиот претседател Румен Радев, а пренесе бугарски „БГНЕС“.

–  Посетата на бугарскиот премиер на Северна Македонија беше избрзана. Бугарската дипломатија мора целосно да го искористи својот професионален капацитет, да не верува во надворешната експертиза, на невладините организации и да не подлегнува на надворешниот притисок – нагласил бугарскиот претседател.

Тој смета дека Бугарите во Македонија се борат за еднаквост.

– Македонските Бугари се борат за еднаквост, која е загарантирана во нивниот Устав. Тие се борат за нивна целосна интеграција во јавниот живот во државата. Ова е радикално различно од сепаратистичките ставови и малцинските тврдења што ги искажуваат луѓето со кои се среќава претседателот Пендаровски – истакнал Радев.

Бугарија, според него, секогаш е отворена за дијалог.

– Бугарија цело време иницираше дијалог. Кога политичарите на РСМ ги обиколија европските метрополи, ја избегнуваа Софија, но мило ми е што овој дијалог почнува да се случува. Во контакт сме со претседателот Пендаровски. Ќе бараме соодветен момент за средба на високо ниво, се разбира, зависи и од неговите постапки – додал Радев.