Одбележан Денот на полицијата – 7 Мај
Денот на полицијата, 7 Мај, традиционално беше одбележан во кругот на Министерството за внатрешни работи, со положување цвеќе пред споменикот на загинатите припадници на МВР. На настанот присуствуваше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а покрај неговите најблиски соработници, присуствуваа и претставници на Здружението на бранителите, семејствата на загинатите припадници на МВР и претставници на Македонскиот полициски синдикат.
Честитка по повод Денот на полицијата упати и премиерот Димитар Ковачевски, кој порача дека постигнатите резултати на полицијата се одраз на посветеностa и стручностa во справувањето со сите национални и глобални предизвици.
– Ви честитам на ефикасноста во борбата со корупцијата и организираниот криминал, за што показател се реализираните резултати во 2022 година – сузбиени 15 криминални групи, запленети над 2,4 тони дрога со проценета вредност од 6 милиони евра на црниот пазар, спречени се над 26 илјади обиди за илегални преминувања на границите – порача Ковачевски на Фејсбук.
Ковачевски додаде и дека продолжува проектот за реконструкција и изградба на полициските станици, со кој досега се опфатени 78 комплетно реконструирани објекти, најголем дел енергетски ефикасни, а обезбедени се, како што рече, и повисоки плати и нови униформи за сите полициски единици.
Од Владата порачаа дека со реализацијата на процесот на реформи е придонесено кон повисока професионализација на полицијата, која денес е препознаена како сервис на граѓаните, бранејќи ги нивните права и штитејќи ги јавниот мир и безбедност.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повод празникот упати честитка до припадниците на македонската полиција, вработените во МВР.
– Ова е ден на кој им оддаваме признание на полициските службеници што ги доведуваат во опасност сопствените животи, додека ги извршуваат своите работни задачи во служба на граѓаните и на државата. Ми претставува чест што како министер за внатрешни работи имам можност секојдневно да соработувам со полициските службеници низ државата и да се уверам во непоколебливата посветеност на она што значи заштита на јавното добро, на чување на јавната безбедност, почитувањето на законите и сигурноста на заедницата – наведе Спасовски во видеочеститката.
Истакнувајќи дека нема ништо поблагородно од тоа што полициските службеници се на браникот на државната сувереност, на сигурноста на граѓаните, гарантирајќи мир и безбедност за секого, министерот Спасовски рече дека полициските службеници се симболот на довербата во институциите.
– Почитувани колеги, вие сте симболот на довербата во институциите. Токму полициската униформа влева чувство на сигурност, на спокоен живот. Вие сте првиот пријател на граѓанинот кога станува збор за одржување на јавниот ред и мир, за безбедноста во сообраќајот, за имотни деликти, спасувачка мисија или некоја покомплексна оперативна акција, како што се оние за сузбивање недозволена трговија со дрога и оружје, илегална миграција или пресметка со организирана криминална група… За сите овие активности влогот е енормен, бидејќи често знаат да бидат и многу ризични – истакна меѓу другото Спасовски во видеочеститката до припадниците на полицијата.