Фото: Макфакс

Шефот на дипломатијата ги претстави приоритетите за претседавањето со ОБСЕ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја претстави приоритетната рамка на претседавањето на Македонија со ОБСЕ в година.

Зборувајќи пред амбасадорите во рамките на Постојаниот совет на ОБСЕ, Османи ја образложи рамковната платформа на претседавањето во 2023 година. Информирајќи ги амбасадорите за нашите приоритетни цели и проекции за претседавањето, министерот се фокусира на актуелните предизвици во регионот на ОБСЕ.

Османи истакна дека војната Украина и улогата на ОБСЕ во намалување на далекосежните последици од кризата неминовно ќе зазеде централно место во нашата агенда во 2023 година. Реализацијата на приоритетната рамка во најголема мера ќе зависи од развојот на ситуацијата во Украина, која директно се рефлектира на односите во ОБСЕ.

„За жал, живееме во ера на турбуленции. Ситуацијата во регионот на ОБСЕ е критична. Рамковните приоритети се подготвени во корелација со актуелната политичка слика и треба да го одразат општиот интерес на Организацијата во време на криза. На тој начин демонстрираме свесност за реалните предизвици, препознатливост и целисходност – истакна Османи.

Министерот посочи дека прелиминарните приоритетни цели се на линија на принципите и заложбите на Организацијата и дека тие имаат повеќекратна цел: да ги рефлектираат нашите интереси, да одразат континуитет на редовните приоритети на ОБСЕ, но и истовремено да соодветствуваат и одговараат на денешната сложена геополитичка констелација на односите. Во таа смисла тој ги издвои енергетската безбедност и безбедноста на храна и вода како теми што со својата актуелност се наметнуваат и врз агендата на ОБСЕ.

– Доколку не дискутираме за вакви или слични предизвици, се ризикува тие да станат перпетуални, дополнителни извори на конфликти – истакна министерот Османи.

Рамковните приоритети произлегуваат од концептот на севкупна безбедност на организацијата. Тие се осврнуваат на тематски целини поврзани со традиционалниот корпус прашања што се провлекуваат во агендата на ОБСЕ во текот на годините: замрзнатите конфликти, нивната превенцијата, менаџирањето и трансформацијата. Понатаму, теми поврзани со економијата и животната средина, дигитализацијата, климатските промени, како и оние што произлегуваат од хуманата димензија на ОБСЕ, со цел зајакната промоција на човековите права и слободи, доброто владеење, родовата еднаквост и младинските политики. Промоцијата на придобивките од нашиот модел на функционална мултиетничка демократија ќе биде дел од приоритетната рамка на претседавањето.

Македонија го презема претседавањето во в година од Полска, а во согласност со утврдениот формат оваа година претседава со Медитеранската група партнери на ОБСЕ.