Диме Данов, поет, режисер, фотограф

Диме Данов e режисер и сценарист на поетските филмови: „Пиколомини“, според песна на Радован Павловски, „На ракавот на градот“ според песна на Ивана Јовановска, „Кратка песна за Скопје“ според песна на Исток Улчар и „Јас не сум“ според песна на Ѓоко Здравески. Филмовите се дел од проектот „Стиховно мапирање на Скопје“, кои ќе бидат проектирани вечерва, во 21 часот, во кафе-книжарницата „Буква“, во рамките на второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“. Тој е и автор е на стихозбирката „Меч од мечти“, а негови песни се објавени во препев на српски, на англиски и на грчки јазик, како и во антологијата „Гласови на новиот век: панорама на поновата македонска поезија“ Исто така е и фотограф со неколку значајни награди.

Како се создаваа „Пиколомини“, „На ракавот на градот“, „Кратка песна за Скопје“, „Јас не сум“?
– Филмот што е инспириран од „Пиколомини“ на Павловски е без наративно дејство. Во филмот, како и во песната, градот се навраќа на еден од оформувачките моменти од неговата историја. Но, како и со секоја интерпретација на нечие дело, филмот си зема за право да ги прикаже денешната чума на Скопје и нејзината пропаст нанесена од една невидлива и недефинирана сила. Таа чума е претставена преку симболот на скорашно издигнатите згради во Тафталиџе и некои што им се во непосредна близина. Чумата е капитализмот, зградите пак со својата видливо избрзана изработка се прекрасен израз на нечовечноста што тој ја условува. Истиот пристап го применив и при интерпретацијата на другите филмови. Се држев што подалеку од симболите во песната, но се обидував да им најдам аналогни симболи што би се прикажале визуелно.

Кој е предизвикот да се создаде поетски филм?
– Предизвикот е во тоа да се биде што е можно помалку патетичен. Кога се интерпретира поезија, поради нашето разбирање за формата, многу е лесно да се биде детално дескриптивен. Особено кога интерпретацијата се врши преку филм. Верувам дека ова воопшто не е случајот кога се интерпретира поезија преку ликовните уметности. Такви прифатливи интерпретации имавме можност да видиме при првото издание на СПФ.

Што најсилно ве инспирираше?
– Радован Павловски.

Каков жанр се поетските филмови, што нуди поетскиот филм како медиум?
– Доста е важно да се снимаат независни филмови. Агенциите спијат пред младите таленти. Со доволно добра мрежа на колеги, изводливи се секакви чуда во поглед на филм. Поетскиот филм е всушност поджанр, па во зависност од тоа во кој жанр работиме, можеме да го изработиме филмот „поетски“, така што ќе примениме неконвенционални решенија на делото. Имаме примери за ова дури и во документарниот филм. Најдобриот пример за ова е „Санс солеил“ на Крис Маркер. На пример, со поетски документарен филм би можеле да се фокусираме на визуелниот ритам, наместо на пренесувањето вербални описи за она што се документира. Таквиот пристап може да нѐ одведе многу поблиску до субјектот што го истражуваме.

Беше ли деликатно да се спои филмот, поетската интима и поезијата?
– Филмовите се споени несмасно. Дури и со свесна несмасност, за да се избегнат какви било конкретни изјави што само би му пречеле на наменетиот израз.

Филмската поезија не е доминантна во јавната сфера, каква порака сакате да испратите преку вашите дела?
– „Ни требаат независни филмови!“, како што изјави Борјан Стојков на првиот ден од „Скопскиот поетски фестивал“.