Македонскиот народен театар во септември официјално ја отвора и новата театарска сезона, со меѓународни гостувања и патувања надвор од границите на државата. Овој пат во изборот на селектираните претстави се двете најнаградувани претстави од изминатата сезона, „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен и „Нема да биде крај на светот“ од Аднан Лугониќ, и двете во режија на Нина Николиќ.
Првото гостување со претставата „Народен непријател“ ќе се случи на отворена сцена, со отворање на амбиенталниот театарски фестивал „Нов тврдина-театар“, во уникатниот амбиент пред вилата „Станковиќ“ – Фрушка Гора. Фестивалот оваа година се одржува од 1 до 7 септември, под слоганот „Чудата се случуваат, но треба да ги препознаеме“. Покрај МНТ, учествуваат и најголемите театарски куќи од регионот: Народно позориште – Белград, Народно позориште – Ниш, Народно позориште – Сараево, Српско народно позориште – Нови Сад и други. Претставата во ноември ќе гостува и во Италија.
По гостувањето во Србија, следува изведба на театарската претстава „Нема да биде крај на светот“ на 30. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, на 12 септември, во Струмица. Кон крајот на септември, на малата сцена во МНТ, се очекува и премиерната изведба на безмилосната комедија „Лагата“, работена по текст на современиот и мошне актуелен француски писател, драматург, театарски режисер, сценарист и филмски режисер Флоријан Зелер, а во режија на Бесфорт Идризи. Во тек се и подготовките за претставата „Сите сме птици“, по текстот на либанско-канадскиот автор Важди Муавад, а во режија на Слободан Унковски.