Фото: Архива

Одложена е седницата на собраниската Комисијата за труд и социјална политика, на која требаше да бидат разгледани измените на Законот за работните односи.

Со законските измени се предлага прекувремената работа да може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, односно повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.

Законот, исто така, предвидува измена со која се овозможува уредување на местото и начинот на исплата на платата на работници на проекти од национален и стратешки интерес. Дополнително се воведува можноста за работа во недела како и прекувремена работа подолго од осум часа во текот на една недела.

Опозициската партија Левица претходно поднесе 1.111 амандмани за предложените измени на Законот за работните односи.

Од партијата велат дека со овие измени се прави обид неуставно, работната недела од 40 часа се зголемува на 60 часа и работниците да работат и во недела.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на социјалните мрежи денес напиша дека власта се плаши од тоа пратеник на Левица да дојде до говорницата, оти не знае каде тоа ќе ги однесе.

– Денешната Комисија за труд – на која планираа да воведат 12 часовно работно време – е одложена! Остануваат 1.111 амандмани на двајцата левичарски маченици – напиша Апасиев.