Европа во потрага по замена за рускиот ураниум

Подготвил: Mарјан Велевски

Земјите од Источна Европа и Соединетите Американски Држави се обидуваат да ја намалат зависноста од рускиот ураниум, барајќи нов снабдувач од 2025 година, а Казахстан е меѓу можните опции. Генералниот директор на националната нуклеарна компанија „Казатомпром“, Јержан Муканов, изјави дека геополитичката неизвесност го менува протокот на нуклеарното гориво и дека земјата се приспособува на тоа.
– Ги подготвуваме нашите производствени резерви за да можеме да одговориме на барањата на пазарот – рече тој.

Казахстан, кој произведува повеќе од 40 отсто од светскиот ураниум, планира да го задржи производството на околу 22.000 тона оваа година.
– Предвидуваме зголемување на побарувачката на ураниум, но не сме заинтересирани за експлозивен раст на цените – рече Муканов, додавајќи дека побарувачката од Кина расте поради планираните нови нуклеарни централи, а Кинезите очекуваат континуирано долгорочно снабдување.

„Казатомпром“ планира да отвори трета извозна маршрута оваа година – испорака на ураниум преку едно од пристаништата во Кина, рече извршниот директор.
Рудникот во моментов испраќа нуклеарно гориво преку Русија и Касписко Море до Црно Море.

Медиумите специјализирани за оваа проблематика забележуваат дека Америка, исто така, сака да ја намали својата зависност од збогатен ураниум од Русија, најголемиот светски снабдувач на нуклеарно гориво, но досега без поголем ефект, бидејќи Русија успеа нагло да го зголеми извозот на оваа енергија од почетокот на судирот со Украина.

Побарувачката за ураниум се очекува да порасне за околу една третина до 2030 година, објави минатата година Светската нуклеарна асоцијација, истакнувајќи дека се предвидува зголемување на капацитетот на реакторите за 16 отсто.