Политички регрупирања во Советот на Општина Битола

Политичката криза во Советот на Општина Битола, која трае веќе неколку месеци, не само што не се смирува туку ескалира. Сите обиди на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, да ги спушти тензиите во интерес на подигање на степенот на парламентаризмот и функционална дебата не дадоа плод. Напротив, по кавгата со независната советничка листа на Поинаку и претседателката на Советот, Габриела Илиевска, ВМРО-ДПМНЕ го изгуби мнозинството во Советот и сега со Советот раководи новосоздадена неформална коалиција, која ја сочинуваат СДСМ, Поинаку и Левица, која има 18 советници.
Новото мнозинство на Советот на последната седница целосно му го прекрои доставениот ребаланс на буџетот на градоначалникот Коњановски, збогатувајќи го со дваесетина нови амандмани, кои ги поднесоа советниците од т.н. ново неформално мнозинство на СДСМ, Поинаку, Левица, ДОМ, за цели 116.000.000 денари.
Ваквиот ребаланс, кој беше едногласно прифатен од сите советници во Советот, во голема мера ја надминува рамката на основниот буџет и тој, најверојатно, нема да биде прочитан во Министерството за финансии и градоначалникот ќе мора да поднесе нов ребаланс.
– Иако по усвојувањето на амандманите и нивното вметнување во ребалансот на буџетот тенденцијата на некои советници беше популистичка да се прикаже дека Советот донесе ребаланс на буџетот со амандмани во интерес на битолчани, морам да истакнам дека тоа е груба лага, манипулација и поигрување со чувствата на граѓаните. Советот изгласа ребаланс на буџетот што ја надминува законската рамка за 116 милиони денари, поради што нема да биде вчитан и одобрен од Министерството за финансии, а со тоа ништо од амандманите што ги усвоија нема да може да се реализира. Моите обиди да постигнеме разумно и законско решение, со координаторите на советничките групи, не се реализираа. Сега, за жал, усвоениот фиктивен ребаланс на буџетот, кој потенцирам е незаконски, нема да се реализира, а со тоа нема да може да се реализира ниту она што го предлагав јас како предлагач на доставениот ребаланс на буџетот до советниците, 20 дена пред седницата. Општината во овој момент е закочена со изгласаниот ребаланс на буџетот што го предложија и усвоија советниците, а со тоа Битола ќе загуби многу време, проекти, реализација – вели градоначалникот Тони Коњановски.
На ваквите изјави на градоначалникот, од СДСМ одговараат.

– Кога градоначалникот го понуди ребалансот на буџетот, откако го прочитавме, го повикавме да го повлече и да предложи ребаланс со кој сите дополнителни приходи од даноци што ги собира државата ќе бидат распределени за капитални објекти и дополнително ќе се намалат трансферите и договорните услуги, но Коњановски остана глув на нашите барања и терајќи инает, обвинувајќи го Советот за своето неработење, до последен момент го туркаше ребалансот скроен по негова мера и екипата околу него! Коњановски заборави дека по Законот за локална самоуправа буџетот, а со тоа и ребалансот, го гласа Советот на предлог на градоначалникот. Но тој немаше храброст да се соочи со советниците и само го прочита своето излагање, одговори на две-три прашања и замина, па продолжи со Советот да комуницира преку медиумите. Не остана на седница да ги соочи своите аргументи со советниците! Советниците со изгласувањето на ребалансот јасно им порачаа на градоначалникот Коњановски и на неговата тајфа од ДПМНЕ дека се за наменско трошење на буџетот, за крај на аздисаноста на градоначалникот, секретарот и неколкумина околу нив! Затоа, советниците изгласаа ребаланс на буџет по мера на граѓаните, а не по мера на Коњановски – нагласуваат од СДСМ.
Во врска со усвоениот ребаланс на буџетот, за кој и тие гласаа со реакција се јавија советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
– Новото мнозинство на СДСМ и Поинаку го направија токму она на што предупреди градоначалникот. Претседателката на Советот, Габриела Илиевска, продолжува со популизам и своеволие да ѝ штети на Битола. Вакво незаконско работење од страна на претседател на Совет не е запаметено досега во Битола. И покрај предупредувањата од општинската администрација за законските ограничувања беа усвоени амандмани, а со тоа и ребаланс што ја надминува дозволената рамка и нема да биде вчитан од Министерството за финансии. Со ова, не се одобрија средства за: професионалните спортски клубови и дореализација на реконструкцијата на спортската сала „Боро Цурлевски“, лицата со ретки болести, реконструкција на планинарскиот дом „Копанки“, продолжување на реконструкцијата на улицата Драгорска, улиците во Горно и Долно Оризари, субвенции за сите апликанти за клима-уреди – се вели во реакцијата на советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
На реакциите на градоначалникот и советниците на ВМРО-ДПМНЕ, претседателката на Советот, Габриела Илиевска, во изјава за медиумите, рече:

– Советот на Општина Битола едногласно изгласа ребаланс на буџет. Резултат од гласањето е – 29 советници гласале ЗА, 0 гласале против, двајца советници не беа присутни во салата! Градоначалникот вели дека ребалансот е незаконски, дека ќе ја закочи Битола и е донесен за да се нанесе огромна штета под мое водство. Ако сум јас нестручна, ребалансот е незаконски и ќе ја „закочи“ Битола, сакам да прашам зошто советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата гласаа ЗА?
Со своја реакција се јавија и советниците на Левица, кои искажаа загриженост за тоа како се трошат парите на граѓаните.
– Левица изразува загриженост за начинот на трошење на парите на граѓаните и го повикува градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, да објасни како се потрошени близу 46 милиони евра досега. Ова е огромен износ за Општина Битола и граѓаните имаат право да знаат како се управуваат нивните пари. Овој ребаланс е резултат на лошата политика и лошиот пристап кон важните прашања за развојот и напредокот на Општина Битола. Политичката партија Левица како партија што го слуша гласот на своите сограѓани, во намера да ги заштити од расипничкиот однос на градоначалникот и локалната самоуправа, во интерес на нивните потреби и интереси, нема да го поддржи ребалансот, бидејќи не го одразува најдоброто решение за развојот на Општина Битола – се вели во реакцијата на советниците на Левица.
Инаку, како капак на кризата во Советот на Битола дојде деновиве решението на Државниот инспекторат на Министерството за локална самоуправа, кој по вторпат по извршениот надзор ѝ даде „жолт“ картон на претседателката на Советот, Габриела Илиевски, бидејќи одлуките на советниците за смена на управните и надзорните одбори на јавните комунални претпријатија биле донесени надвор од Статутот на општината и Законот за јавни претпријатија.

Да потсетиме, недоразбирањата во неформалната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Поинаку, која имаше мнозинство во Советот од 16 советници, се јавија откако градоначалникот и општинската администрација доцнеа со реализацијата на проектите што ги имаше понудено независната советничка листа Поинаку, а кои се однесуваа за изградба на стационарот за бездомни кучиња кај Земјоделското училиште, Новиот градски парк, изградбата на партерното уредување кај ЈАТ, доцнењето со реконструкцијата на планинарскиот дом „Копанки“, а особено недоразбирањата кулминираа кога од предвидените над 46 милиони денари за изградба на стационарот за бездомни кучиња со ребалансот беа пренаменети над 41 милион денари, што беше знак дека локалната самоуправа едноставно се откажала од намерата да гради стационар во согласност со проектот што беше прифатен во Советот.
Дека Поинаку нема намера да ја спушти топката со градоначалникот Тони Коњановски најдобро се виде деновиве кога при промоцијата на еден инфраструктурен проект претседателката на Советот и еден советник од независната листа Поинаку организираа герила-акција, како во времето кога ги опструираа проектите на ексградоначалникот Владимир Талески.