Оливер Спасовски / Емил Димитриев

Во принцип, техничката влада не добива мандат на избори, туку е назначена со согласност на главните политички сили во една земја. Можно е таа влада да биде формирана и со посредство на меѓународната заедница. Всушност таков е случајот и со македонскиот политички феномен наречен пржинска влада. Пржинскиот договор беше потпишан во 2015 година помеѓу водачите на четирите најголеми политички партии во Македонија (Никола Груевски – ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев – СДСМ, Али Ахмети – ДУИ и Мендух Тачи – ДПА, за решавање на тогашната политичка криза. Иако „рокот на траење“ на владата за организирање избори беше димензиониран на сто дена, во двата случаја (изборни циклуси) кога беше спроведуван, беше длабоко отстапено од таквата одредба.
Уште на почетокот имаше отстапувања од договорот, па наместо на 15 септември 2015 година, првата пржинска влада беше воспоставена на 18 јануари 2016 година, со поставена намера предвремените избори да се одржат на 24 април истата година. Прв технички премиер беше Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, кој го замени дотогашниот премиер Никола Груевски. Изборите закажани за 24 април 2016 година сепак беа одложени, прво за јуни, а подоцна за декември истата година, па во мај имаше прекин на мандатот на техничката влада и се врати претходната политичка влада. Вториот дел од мандатот на таа прва пржинска влада беше повторно воспоставен на 2 септември 2016 година, повторно со Емил Димитриев како премиер. Изборите се одржаа на 11 декември 2016, а ДИК ги прогласи за завршени на 29 декември, кога на министрите и дополнителните заменик-министри од дотогашната опозиција им заврши мандатот, но Димитриев остана на чело на владата до 1 јуни 2017, кога беше формирана новата политичка влада.
Второто искуство со пржинскиот модел на техничка влада Македонија го доживеа во пандемиската 2020 година, за парламентарните избори, кои првично беа закажани за 12 април таа година. Оливер Спасовски на 3 јануари 2020 беше изгласан во Собранието за премиер на техничката влада, заменувајќи го дотогашниот премиер на политичката влада Зоран Заев. Пандемијата на коронавирусот, која официјално на глобално ниво беше прогласена на 10 март 2020, предизвика политичка интервентност за прогласување вонредна состојба, за техничката влада со ограничени ингеренции да може да носи одлуки со законска важност. Изборите повторно беа одложени, за 20 јули 2020 година, па наместо сто дена, и оваа техничка влада според пржински модел траеше речиси двојно подолго, околу седум месеци. Како своевиден куриозитет од пандемиското владеење на техничката влада е носењето одлука со законска важност за увоз и извоз на дијаманти, во време кога се очекуваше првата вакцина против коронавирусот, а заштитните маски и средствата за дезинфекција беа главен приоритет.
Со оглед на двете досегашни нестандардни изданија на техничката влада според пржински модел, непрецизната регулираност на нејзиното функционирање, пред почетокот на третото искуство македонските граѓани се скептични во однос на почитувањето на наведените принципи во и така дискутабилно „уставниот“ Преспански договор.


Јован Митревски

Постизборните рокови може да го продолжат мандатот на техничката влада

Откако Државната изборна комисија (ДИК) ќе ги прогласи изборите за завршени, на министерот за внатрешни работи, како и на министерот за труд и социјална политика, но и на дополнителните заменик-министри, по сила на законот им завршува мандатот! Но техничкиот премиер останува да ја предводи владата до воспоставување нова политичка влада. Формирањето нова политичка влада по завршени избори е поврзано со рокови за конституирање на парламентот и мандатот што го дава претседателот на државата. Бидејќи претстојните избори ќе бидат двојни, и претседателски и парламентарни, а рокот за инаугурација на новоизбраниот претседател (15 мај) е многу краток по завршувањето на вториот круг претседателски избори (заедно со парламентарните, на 8 мај), таквиот временски теснец за преземање на надлежностите, остава простор за многу хипотетички сценарија по изборите.

Различни можни сценарија

Во едно сценарио е можно да не се конституира парламентот во потребниот рок за претседателот да го добие мандатот од Собранието и претседателот да не биде во можност да даде мандат за составување влада. Сепак, таквото сценарио може да се избегне, бидејќи актуелниот собраниски состав има мандат до конституирањето на новиот, според резултатите од претстојните избори, па актуелниот претседател на Собранието (Јован Митревски од СДСМ треба да го наследи Џафери) би можел да го верификува мандатот на новоизбраниот претседател.
Но и понатаму е оставен простор за други сценарија со неможност за составување влада, што би одзело значителен временски период. За сето тоа време, со Владата ќе раководи актуелниот технички премиер, формално со ограничени надлежности.


Пржинскиот договор неуставен, следствено, владата и премиерот надвор од Уставот?!

Досегашното практикување на пржинскиот договор во два наврата, односно два изборни циклуса (2016 и 2020 година), покажа меѓу другото дека овој документ сепак е многу непрецизен и остава простор за „креативно политичко толкување“ на околностите и ситуациите, што во правниот сообраќај прави карамбол, за сметка на политикантските толкувања на конкретните ситуации. Речиси десетина години по потпишување на пржинскиот договор и организирањето на парламентарниот изборен процес според неговите параметри, во македонското општество и понатаму се активни реалните дилеми за неговата уставност, односно усогласеност со македонскиот устав!

Преодна, уставно неусогласена влада во пакет со самоволието на преодниот премиер

Новиот технички премиер Талат Џафери во неговата досегашна функција како претседател на Собранието често беше критикуван од опозицијата дека самоволно ја организира неговата работа, отстапувајќи од пропишаното во Деловникот. Дури и пред поднесувањето на оставката за својот втор спикерски мандат, Џафери експлицитно манифестираше израз на самоволие. Имено, довчерашниот спикер на Собранието издаде тријазичен извештај „Мандатен извештај…“ за својата работа во вториот четиригодишен мандат, а првата верзија беше на албански јазик, па потоа на македонски и на англиски јазик. На прашањето на новинарите зошто е првообјавена албанската верзија, Џафери одговори: „Извештајот е така напишан дека јас така сакав!“
Според однесувањето на мандатарот за новата техничка влада, во пакет со непрецизната регулираност на одредбите од пржинскиот договор, се очекува и во третиот пржински мандат да биде предизвик (не)излегувањето од ограничените надлежности на пржинската влада. Поедноставно кажано, прекршување на надлежностите на преодната влада и излегување од нејзиниот мандат, експертите велат дека ќе има отповеќе!
Дополнителен аргумент за ваквите очекувања се големите преседани во претходните две искуства.
Сепак, граѓаните на Македонија очекуваат дека во времето на функционирање на техничката влада не смее да се дозволи самоволие, отстапување и проширување од надлежностите, за да се прекршат некои норми и да се прават нови преседани. Всушност, т.н. пржинска влада сама по себе е преседан, на работ на уставноста. А искуството покажува дека многу преседани создаваат практика спротивна на првично замислената концепција, во случајов на правната функционалност на македонската држава.