Партиите нема да можат ниту да нарачуваат платено политичко рекламирање во медиуми што ги нема во регистарот на ДИК и ним нема да може да им исплаќа пари од трансакциската сметка за изборната кампања

Државната изборна комисија (ДИК) го усвои регистарот на радиодифузери, печатени медиуми, електронски медиуми и интернет-портали, на кои ќе се врши платено политичко рекламирање за претседателските и парламентарните избори

Политички реклами за време на изборната кампања ќе можат да објавуваат 249 интернет-портали, 37 телевизии, три радија и 11 печатени медиуми. Оваа одлука ја донесе Државната изборна комисија и, според неа, за платено политичко рекламирање за претстојните двојни избори ќе се дадат 656 милиони денари, односно над 10.614.000 евра. Според официјалните податоци од ДИК, ќе има регистар на медиуми каде што партиите ќе можат да си платат за политичка реклама, а ќе бидат објавени и цените што тие ќе треба да ги платат.

ДИК ги елаборира деталите за покривање на трошоците за државното политичко рекламирање за претстојните избори

Вкупно 333 барања за платено политичко рекламирање пристигнале до ДИК, за претстојните претседателски избори. Сепак тоа не значи дека секој што поднел барање ќе му биде одобрено да може да рекламира политички партии.
Рекорден е бројот на интернет-портали што на македонскиот електорат ќе му го понудат политичкото рекламирање. На тоа коментар даде дури и потпретседателката на Државната изборна комисија (ДИК), Дитмире Шеку, „сме имале многу портали што некои јас воопшто не ги знам“.
Според официјалните податоци, осум правни субјекти со десет портали, еден поткаст и едно радио се одбиени поради неисполнување на законските услови за регистрација на медиуми за платено политичко рекламирање.
– Две телевизии и три радија ќе треба да достават корекција на ценовниците во согласност со чл. 75 ѓ, ст. 11 од Изборниот законик. Вкупно осум правни субјекти со 10 портали, еден поткаст и едно радио се одбиени поради неисполнување на законските услови за регистрација на медиуми за платено политичко рекламирање – велат од ДИК.
Партиите нема да можат ниту да нарачуваат платено политичко рекламирање во медиуми што ги нема во регистарот на ДИК и ним нема да може да им исплаќа пари од трансакциската сметка за изборната кампања.
Со усвојувањето на регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет-портали) се отвора просторот за изборно рекламирање на двојните избори, претседателските и парламентарните, кои треба да се одржат на 24 април и на 8 мај.
Против решенијата за одбивање на медиумите што не ги исполнуваат условите за регистрација за платено политичко рекламирање, незадоволната страна има право на тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Д.Т.З.