Фото: Игор Бансколиев

Бугарија како членка на Европската Унија би требало да ги следи примерите на германскиот канцелар Вили Брант или холандскиот премиер Руте и да им се извини на сите Македонци за нанесените страдања и неправди во минатото. Доколку Софија се реши на овој европски и цивилизациски чин, признавајќи го македонскиот народ, тоа ќе биде појдовна точка за разбирање и соработка помеѓу македонскиот и бугарскиот народ и општество. Дополнително, извинувањето ќе го отвори процесот на катарза во бугарското општество од темните сенки на минатото што ги нарушуваат добрососедските односи помеѓу Македонија и Бугарија

Софија треба да го следи примерот на Берлин и на Амстердам со извинување за неправдите над други народи направени во нејзиното минато

Меѓународните и домашните експерти се согласни дека европскиот современ политичко-општествен поредок е поставен врз темелите на помирувањето и соработката. Во овој контекст тие ја посочуваат мислата на Конрад Аденауер, еден од идеолошките татковци на Европската Унија, дека европската интеграција е неопходна затоа што помага за надминување на историските конфликти, како на пример германско-француското непријателство. Овој европски стремеж за помирување беше олицетворен на 7 декември 1970 година, кога германскиот канцелар Вили Брант им оддаде почит на жртвите на варшавското гето кога клекна и побара прошка, на изненадување на целиот свет. Дека европските вредности се темелат врз принципите на разбирање и соработка потврди и последната постапка на холандскиот премиер Марк Руте, кој формално се извини за историската улога на неговата земја во трговијата со робовите во минатите векови. Повеќе универзитетски професори, политички аналитичари и историчари посочуваат дека главната причина за нарушување на македонско-бугарските односи е одбивањето на Софија да се соочи со сопствената историја и да ги признае сопствените грешките од минатото, но и да му се извини на македонскиот народ.

Гестот на Вили Брант го скрши табуто во Европа

На 7 декември 1970 година, тогашниот германскиот канцелар Вили Брант положи венец на споменикот во варшавското гето, споменик подигнат во спомен на Евреите што ги загубија своите животи во борбата со армијата на Третиот рајх. Германскиот канцелар го положи венецот, направи неколку чекори наназад, клекна на колена и ја наведна главата. Вили Брант во своите мемоари напишал: „Соочен со бездната на германската историја и товарот на милионите убиени, го направив она што ние луѓето го правиме кога немаме зборови да ги опишеме своите чувства“.
За овој настан, Кшиштоф Ружниевич, професор по историја при Универзитетот во Вароцлав, вели дека до тој момент ние секогаш ги сметавме за злобни Германците.
– Ги гледавме како реваншисти и поттикнувачи на војни. И тогаш одеднаш имате германски канцелар што клекнува на колена како симбол на подготвеност за покајување – вели Ружниевич.
Германската историчарка Кристина Мејер за гестот на Брант посочува дека тоа го скршило табуто во Германија и дека е пресвртница во напорите на германското општество да се помири со своето нацистичко минато.
– На овој начин, политиката на Брант кон Источна Европа беше пресвртница на тешкиот пат на помирувањето меѓу Истокот и Западот во Студената војна – нагласува германската историчарка.

На 7 декември 1970 година германскиот канцелар Вили Брант им оддаде почит на жртвите на варшавското гето кога клекна и побара прошка, на изненадување на целиот свет

Деновиве холандскиот премиер се извини за темните петна од
историското минато на неговата земја

Холандскиот премиер Марк Руте одржа говор во кој формално се извини за историската улога на неговата земја во трговијата со робови во минатото и нејзините последици до денес. Во својот говор, Руте нагласи дека во име на холандската влада се извинува за минатите постапки на холандската држава.
– Со векови, холандската држава и нејзините претставници овозможуваа и стимулираа ропство и профитираа од тоа – додаде Марк Руте во својот говор.
Според холандскиот премиер, неговата влада ќе формира фонд за иницијативи што ќе помогнат во справувањето со наследството на ропството во Холандија и во нејзините поранешни колонии. Според меѓународните експерти, овој потег ќе означи пресврт за холандскиот премиер, затоа што тој претходно одби да се извини, тврдејќи дека таквиот чин може да предизвика поларизирачка дебата во неговата земја.
Со овој чекор, холандската држава се соочи со сопственото минато, кога во 16 и 17 век околу 600.000 Африканци беа испратени на Карибите и Јужна Америка, како дел од холандската трговија со робови. Во минатото, Холандија беше трета колонијална империја во светот, а свои колонии имаше во Суринам, островот Курасао, Јужна Африка и Индонезија.

Бугарија не треба да се однесува како регионален хегемон, а бара извинување од својата жртва?!

Домашните експерти се согласни дека Бугарија како членка на Европската Унија треба да го следи примерот на германскиот канцелар Брант или на холандскиот премиер, затоа што тоа е европски и цивилизациски чин. За оваа проблематика, проф. д-р Билјана Ванковска вели дека колку подалеку во минатото е некој настан, толку е полесно да се изрази жалење или побара извинување за некое злодело. Но дури и во случајот на Холандија, каде што премиерот најде сила за тоа, јасно е дека таквиот чин предизвикува бура и поделба во јавноста. Патем, како што посочува Ванковска, ни во Белгија ова сѐ уште не е можно да се замисли (за зоолошките градини со луѓе од Африка во почетокот на векот).
– Секоја држава (па и народ) се однесува кон својата историја како кон самопослуга од која го зема она што сака, а го избегнува она што е трауматично и ги поставува нештата во темната димензија. Патем, извинувањето е наједноставниот, ама и најповршниот начин на соочување со темното минато, бидејќи оние што страдале се одамна мртви, а нивните потомци немаат никаква полза (освен можеби мала морална сатисфакција), односно нивната социокласна и дискриминирана положба останала до денешен ден – вели Билјана Ванковска.
За македонско-бугарските односи, но и за македонско-грчките, Ванковска нагласува дека товарот од минатото е премногу свеж, а општеството уште се држи заедно на некаква романтизирана историја.
– Притоа, двете држави имаат моќ над Македонија, па не чувствуваат никаква потреба да се извинат за нешто. Грција не го направи тоа ни кон лицата што се/биле нејзини државјани од Граѓанската војна. И конечно, во случај на слаба влада (во Бугарија таа не може ни да се конституира), не е реално да се очекува таков чин. Бугарија дури и без барање прошка од наша страна, се однесува како регионален хегемон, па дури и бара извинување од својата жртва – рече Билјана Ванковска.