Избор број 1 на „Економист“ за 2024 година: Избори во целиот свет / Фото: ЕПА

Како што се наближува крајот на календарската година, така и светски реномираните медиуми, врз основа на своите анализи, синтези и предвидувања, прават листа на најкрупните глобални појави и проблеми што ќе ја обележат претстојната година. „Нова Македонија“ редовно им ги пренесува на своите читатели предвидувањата од повеќе светски медиуми. „Економист“ излезе прв со таков материјал. Тој традиционално објавува десет тренда, односно важни појави во светски рамки што се очекуваат за наредната година

Според изборот на „Економист“: Десет настани и појави што ќе ја обележат 2024 година

Меѓу десетте најважни настани и појави што ќе ја обележат 2024 година, според изборот на овој реномиран британски весник, влегуваат можните разврски на актуелните воени конфликти во Украина и во Газа, како и изборите што ќе се спроведуваат во повеќето земји од светот, од чии резултати ќе зависи во каков свет ќе живееме во наредниот период. Во листата на приоритетните теми влегува и мултиполарната поделба меѓу економските и политичките интереси, кои ќе доведат и до состојба на појава на втора студена војна. Исто така меѓу предизвиците е и соочување со последиците од забавувањето на светската економија, но и процесите на зелената енергетска транзиција и ширењето на вештачката ителегенција.

1. Изборорама

Следната година ќе биде изборна година во целиот свет. Најголем број гласачи ќе бидат во можност да влијаат на глобалната слика и на демократијата во светот. Во 2024 година ќе има повеќе од 70 избори во земји во кои живеат околу 4,2 милијарди луѓе. Повеќе од половина од светската популација ќе има можност да го оствари своето гласачко право во една календарска година. Но иако има повеќе избори од кога било, тоа не мора да значи дека ќе има и повеќе демократија. Многу избори нема да бидат ниту слободни ниту фер.

2. Глобалниот избор на Америка

Американските гласачи и судови ќе ги донесат своите одлуки и пресуди за Доналд Трамп, а веројатноста тој да се врати на претседателската функција е околу триесет отсто. Резултатот на следните претседателски избори во САД може да се сведе на разлика од неколку десетици илјади гласачи во неколку држави. Но последиците од изборите во САД ќе бидат глобални и ќе влијаат на сè во светот, од климатската политика до американската воена поддршка за Украина. Реално, тоа може да значи дека судбината на Владимир Путин на изборите во Русија повеќе ќе зависи од американските гласачи отколку од руските.

3. Европа да засили

Соодветно на тоа, Европа мора да ги засили своите позиции и да ѝ обезбеди на Украина воена и економска поддршка потребна за долга борба, истовремено поставувајќи го патот кон евентуалното членство во ЕУ. Тоа е вистинската работа што треба да се случи во Европа, за да се осигури од ризикот во случај Трамп да ја врати власта во САД и да ја повлече поддршката за Украина.

4. Превирања на Блискиот Исток

Нападот на Хамас врз Израел и одмаздата на Израел против Газа го нарушија регионот и ја отфрлија идејата дека светот може да продолжи да ги игнорира интересите на Палестинците. Останува дилемата дали ќе стане поширок регионален конфликт или ќе понуди нова шанса за мир? За Америка, која е преголема суперсила, ова е исто така тест дали може да се приспособи на покомплексен и понебезбеден свет.

Избор број 4 на „Економист“ за 2024 година: Превирања на Блискиот Исток

5. Мултиполарна поделба

Планот на Америка да се сврти кон Азија и повеќе да се фокусира на своето ривалство со Кина, која е во подем, беше попречен од војната во Украина, а сега и во Газа. Русија која е „растргната“ меѓу Америка и Азија, го губи влијанието. Замрзнатите конфликти се топат, а локалните студени војни се вжештуваат низ светот. Нестабилноста во Сахел се зголемува. Светот се подготвува за поголем конфликт, во време кога завршува американскиот „униполарен момент“.

6. Втора студена војна

Како што забавува растот на Кина, така се зголемуваат тензиите над Тајван, а Америка продолжува да го ограничува кинескиот пристап до напредните технологии. Реториката за „новата студена војна“ повторно се зацврсти. Но, на западните компании што се обидуваат да ја намалат зависноста на нивните синџири на снабдување од Кина многу им е полесно да кажуваат за потребата од нови канали на снабдување отколку да го направат тоа. Во меѓувреме и двата табора ќе се обидат да ги придобијат „средните сили“ на Глобалниот Југ, поради нивните ресурси.

7. Нова енергетска географија

Транзицијата со чиста енергија поттикнува создавање нови „зелени“ суперсили и повторно исцртување на картата на светските енергетски ресурси. Литиумот, бакарот и никелот се сѐ повеќе важни, додека нафтата и гасот и регионите што доминираат во нивното снабдување ќе бидат сѐ помалку важни. Конкуренцијата за располагање со зелени ресурси ги преобликува геополитиката и трговијата и создава неочекувани победници и губитници. Во меѓувреме ќе расте бројот на гласачите што политиката за заштита на климата ја сметаат за елитен заговор против обичните луѓе.

8. Економска несигурност

Западните економии постигнаа подобри резултати од очекуваното во 2023 година, но сè уште не се надвор од опасната зона на рецесија. Каматните стапки ќе останат повисоки подолго време и ќе бидат болни и за компаниите и за потрошувачите, дури и ако се избегнат рецесиите. Кина може да падне во дефлација. И покрај најбрзото затегнување на монетарната политика од 1980-тите, економскиот раст на Америка веројатно забрза во 2023 година. Европа главно се одвикна од зависноста од рускиот гас без да се соочи со економска катастрофа. Глобалната инфлација падна без големи скокови на стапката на невработеност. Сепак, светската економија ќе остане кревка во 2024 година. Иако инфлацијата ќе биде пониска, таа ќе остане премногу висока. Економската политика сè уште се соочува со мачен балансирачки чин. Ако Америка продолжи да избегнува рецесија, остатокот од светот изгледа е ранлив. Неодамнешниот пад на инфлацијата беше олеснување за централните банкари. Од друга страна, економиите ќе мора да се борат со ефектите од поскапата нафта, која може да предизвика страв од „втор бран“ на инфлација.

9. Вештачката интелегенција е реална

Вештачката интелегенција ќе биде прифатена од бизнис-секторот, додека регулаторите ќе се обидат да ја стават во законски рамки, а научниците ќе продолжуваат да наоѓаат подобри технички решенија за нејзино подобро искористување. Во државите во светот ќе се интензивира дебатата за најдобриот регулаторен пристап. Следната година ќе се појавуваат неочекувани случаи за нејзина употреба и злоупотреба. Меѓу луѓето ќе расте загриженоста од примената на вештачката интелигенција врз работните места и потенцијалното влијание врз изборите!

10. Обединување на светот?

Можеби идеолошките разлики ќе бидат ставени настрана додека светот ужива на Олимпијадата во Париз или додека астронаутите (можеби) кружат околу Месечината и машкиот Светски куп во крикет. Но, исто толку е веројатно дека оние што се надеваат на некое глобално единство ќе бидат разочарани.