Жителите најавуваат и протести, со надеж дека на некој начин ќе успеат да влијаат на надлежните да ја зголемат безбедноста на тој булевар

Булеварот Васко Карангелески во општината Аеродром, наместо светла точка, станува црна сообраќајна точка во Скопје

Со години многу се зборува, а притоа се спроведуваат и кампањи за дополнителна едукација на возачите, дека треба да бидат особено внимателни кога возат покрај градинки и училишта. За жал, и покрај многубројните апели, обуки и казни, обидите не даваат плод, бидејќи на одредени локации во метрополата одново и одново се случуваат страшни сообраќајни несреќи. За среќа, засега нема настрадани ученици, но, според состојбата на теренот, прашање на време е кога ќе се случи и тоа.

ЦРНА ТОЧКА

Булеварот Васко Карангелевски во општината Аеродром станува црна точка во Скопје. Пред само неколку дена на тој булевар се случи втората сообраќајна несреќа, која не им дава мир на жителите на таа скопска општина.
На социјалните мрежи имаше лавина реакции, при кои се споделуваа стравотни фотографии од несреќата, на кои се гледаше возило превртено на покривот.
Треба да се истакне дека жителите што живеат во тој дел од градот со недели апелираат до надлежните да се најдат безбедносни решенија, најмногу затоа што во непосредна близина е училиштето „Љубен Лапе“, а некои од учениците за да стигнат на училиште, мора да го преминат тој булевар.
– Можете ли да замислите каков стрес ни е секое утро кога ги носиме децата на училиште? Ајде, јас ги носам моите, но има родители чии деца се веќе големи, па ги пуштаат да одат сами. Дете како дете, не знае како да изреагира доколку некој вози со голема брзина, а возачите се крајно несовесни. Овде, на овој булевар, се вози пребрзо. Во ризик се животите на сите, децата, постарите, родителите – револтирано вели Ангела Стојановска, жителка на таа општина.
Токму затоа жителите најавуваат и протести, со надеж дека на некој начин ќе успеат да влијаат на надлежните да ја зголемат безбедноста на тој булевар.
Жителите велат дека таму се вози и до 100 километри на час, нема никаков пешачки остров за пешаците, а тука е и училиштето. За нив, ова е целосно промашен проект, без сообраќајна идеја и решение.
– Има мали пешачки острови, но на нив не можат да застанат пешаци, бидејќи се премали. Кога излегуваме од училиште, од десната страна може да се види дали доаѓа возило, но од другата страна нема никаква видливост. И сега, замислете, се впуштате во непознато, не знаете дали доаѓа автомобил или не. Сега се подготвуваме и за протести, бидејќи малку треба да ни загине некое дете, потоа сѐ ќе биде залудно – изјави една жителка на Аеродром.

СОВЕТОТ НА РОДИТЕЛИ НА УЧИЛИШТЕТО „ЉУБЕН ЛАПЕ“ СО БАРАЊЕ ЗА ИТНО РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ

Со реакција се огласија и од советот на родители на училиштето „Љубен Лапе“, од каде што испратија барање до надлежните институции за итно преземање безбедносни мерки.
– Поради големиот број сообраќајни незгоди на улицата Васко Карангелевски во близината на ООУ „Љубен Лапе“, а во отсуство на официјално пуштање на проширениот дел на улицата, во насока на зачувување на безбедноста на учениците апелираме и бараме од службите на Град Скопје, како и од сите релевантни институции задолжени за оваа тематика, итно да донесат решение за овој проблем и да преземат мерки за зачувување на безбедноста на децата, а и на сите учесници вклучени во сообраќајот на оваа улица.
Уште колку сообраќајни незгоди треба да се случат за надлежните во Град Скопје и другите одговорни институции да се вклучат и да преземат мерки за безбедно користење на оваа улица – се наведува во нивната реакција.
Една членка на советот на родители, која сакаше да остане анонимна, во изјава за „Нова Македонија“ потсети на несреќата во скопска Железара, во која на пешачки премин животот го загуби една мајка, која со двете деца преминуваше улица.
– Дури откако почина жената, надлежните се сетија дека треба некако да се обезбеди таа улица, па поставија големи забавувачи на сообраќајот. Зошто кај нас секогаш прво мора да умре некој за да се преземе нешто – прашува таа.

СЕ ОГЛАСИЈА И ОД ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Општина Аеродром итно бара од Град Скопје да ги преземе неопходните мерки за зголемување на безбедноста на улицата Васко Карангелевски.
– По реакциите од страна на граѓаните на Аеродром, пензионерските здруженија, вработените и родителите на децата што учат во ООУ „Љубен Лапе“, Општина Аеродром во изминатиот период во неколку наврати оствари комуникација со градската администрација во насока на решавање на проблемот со безбедноста на улицата Васко Карангелевски. Безбедноста на граѓаните е најважна и токму поради тоа уште еднаш апелираме и бараме Министерството за внатрешни работи, Град Скопје и градската администрација да преземат соодветни мерки за ревидирање на сообраќајното решение за улицата Васко Карангелевски, во насока на поставување соодветна сигнализација со која се гарантира безбедноста на пешаците и преостанатите учесници во сообраќајот. Во оваа пригода уште еднаш ја информираме јавноста дека реализацијата на проектот за улицата Васко Карангелевски е целосна надлежност на Град Скопје, а Општина Аеродром нема никаква надлежност во однос на сообраќајниот проект и сообраќајната сигнализација. Во таа насока Општина Аеродром уште еднаш со писмено барање ќе побара надлежните институции да ги преземат потребните активности за решавање на овој проблем – информираа од Општината.


Надлежните служби реагираа на ул. Васко Карангелевски

Екипи на јавното претпријатие „Улици и патишта“ интервенираа на две улици – Васко Карангелевски и 11 Октомври, по алармирање на граѓаните и медиумите дека безбедноста е загрозена. Токму затоа, вработените во ова јавно претпријатие извршија замена на оштетени сообраќајни знаци на улицата Васко Карангелевски и ги поставија новите гумени платоа за забавување на брзината на движење на возилата.
Како што додаваат од претпријатието во нивното соопштение, на улицата 11 Октомври била обележана хоризонталната сигнализација на пешачките премини со ладна пластика. Обновата на сообраќајната сигнализација се извршува со цел зголемување на безбедноста на учесниците во сообраќајот, се вели во соопштението.