Мисли за (не)заборав

Кога господинот од надворешни го изусти ова малку се подзамислив, си реков, господинов за надворешни спомена дека грчкото малцинство што живее во Албанија прво е албанско, потоа по потекло е од Грција. Со мојот прост ум почнав да си мислам, ако во Албанија е можно Грците прво да се Албанци, потоа по потекло од Грција, во таков случај зошто да не е можно господинот од надворешни, кој врши важна функција, прво да е Македонец, потоа од албанско етничко потекло, туку само Албанец од албанска партија во Македонија, тоа и ништо друго?

Може ли некој да ми каже, може ли некој да ми објасни, како е можно ВМРО-ДПМНЕ да гласа против своите предложени кандидати за министри во идната влада, само да се спречи именување премиер Албанец!? Може ли? Има ли некој што може да ми го објасни ова? Уште се вели технички премиер! Зошто технички? Тој е премиер како и сите досегашни премиери, разликата е во временската должина во која се врши оваа сложена и одговорна функција.
Ова го кажуваше, пред само неколку дена, висок службеник од Министерството за надворешни работи. (Господинот мисли назначениот премиер не е технички, ама е технички.)
Во продолжение службеникот говореше: Премиер Албанец е хармонија меѓу етничките групи, тој претставува и рамнотежа во општеството, нуди стабилност и спречува едни да бидат повисоко, други пониско. (Во Македонија нема само две етнички групации, покрај Македонците и Албанците има и Турци, Срби, Роми и други. Што со нив?)
Ова ја потврдува тезата дека во нашава држава суптилно и потајно се гради албанофобија, заклучи службеникот од надворешни работи. (Албанофобија!?)
Техничкиот премиер даде заклетва дека ќе ги почитува законите и Уставот на државата. Ќе се труди да се создадат демократски услови за реализација на наредните претседателски и парламентарни избори. Од истото место техничкиот премиер се спореди со Ајнштајн! Не го разбрав што сакаше да ни соопшти!? Сепак Ајнштајн си е Ајнштајн.
За разлика од големиот научник, техничката влада само по два дена прекрши куп закони и одредби. Сменија двајца министри од АА, со европско знаменце и по итна постапка беше донесен закон за игри на среќа. (Во чекалницата за влез во ЕУ да имаме со што да се занимаваме. Да играме џокер, лото или бинго.)
Претходниот премиер за смената на двајцата министри рече дека причината за разрешување беше што едниот од нив излегол од седница на влада. (Дали се вратил брзо или останал надвор подолго, не беше кажано. Што ако бившиот министерот имал потреба од мала нужда!? Сите ние секој ден го правиме тоа. Зарем за тоа се менуваат министри!?)
Една друга важна политичка личност ги уверуваше разрешените министри дека неговиот лидер Ал.А. се грижи за сѐ и им посака – добра ноќ! Двајцата разрешени министри на важната личност ѝ порачаа да ги следи календарот и датумот осми мај. Промените доаѓаат. (Понекогаш времето брзо се менува и уште побрзо минува.)
Аналитичар за состојбите во власта мисли дека ДУИ не го води СДСМ за нос, за друг аналитичар ДУИ управува со цела држава. Во Македонија се важни провизиите, тендерите и криминалот, кој функционира како картел! Кој не може да го види тоа, значи дека тој е слепец! Едни играат улога на Вито Корлеоне, други на Џеновезе, трети се претставуваат како Лаки Лучијано.(Со ова се мисли дека цела Коза ностра е сместена во Македонија. Овие од Италија можат вода да ни носат. Сепак се тешат дека споменатите личности се Американци со италијанско етничко потекло.)

Дама, министерка, во студио следи и одговара на новинарски прашања. Почитувана, да претпоставиме дека на наредните избори ќе победите и заедно со ДУИ ќе направите влада. Во таков случај, како ќе го решите проблемот со промена на Уставот, нешто што е барање на Бугарија и ЕУ, а опозицијата досега не дозволуваше? Тоа е едноставно и лесно, одговори дамата министерка, па продолжи: На наредните избори, во редовите на опозицијата ќе се одберат пратеници што ќе бидат доволни свесни за тежината и потребата од промена на Уставот. Така тие ќе гласаат за промена.
Новинарот ја потпраша: Мислите тоа ќе биде така лесно и толку возможно?
На што дамата одговори: Апсолутно сум убедена дека така ќе се случи тоа!
(Ова ми личи на народната, плевна гори, баба се чешла.)
Повторно поранешниот премиер, на прашање за состојбите во АА и за претседателот на оваа партија вели: Колку што знам, господинот Т. не е толку важна личност, од која цела држава треба да се потресе и зависи од една личност или од една партија. (Исто така, според народната мудрост, често кога зборуваме за другите, мислиме на себе.)
Важната личност, која има улога да ги следи другите министри, на еден митинг што личеше на тие од Истокот, им посочи на граѓаните: Во нашата држава постојат две крила. Едното влече кон правите и вистинските вредности, кои водат кон Запад, за жал, продолжи важната личност, постои и друго крило, кое лета и влечи кон Истокот и Азија, односно кон Русија и Путин! (Море мајката, колку сме биле паметни и мудри! Едни кон Запад, други кон Азија! Само да не заборавиме, дури и Икар не можел да лета само со едно крило.)
Личноста од надворешни повторно се јави, сакајќи да ја потврди албанофобијата што потајно се гради и ни го посочи следниот пример. Знаете, во Албанија живее големо грчко малцинство, всушност, продолжи личноста од надворешни, тоа се граѓани Албанци со етничко потекло од Грција. И немаат никакви проблеми, си живеат релативно мирно и ги уживаат сите граѓански права во Албанија.
Кога господинот од надворешни го изусти ова, малку се подзамислив, си реков, господинов за надворешни спомена дека грчкото малцинство што живее во Албанија, прво е албанско, потоа по потекло е од Грција. Со мојот прост ум почнав да си мислам, ако во Албанија е можно Грците прво да се Албанци, потоа по потекло од Грција, во таков случај зошто да не е можно господинот од надворешни, кој врши важна функција, прво да е Македонец, потоа од албанско етничко потекло, туку само Албанец од албанска партија во Македонија, тоа и ништо друго? Е не, господинот за надворешни и редица други наши македонски сограѓани работите и тие за надворешни и тие за внатрешни ги редат по желба. Тоа што важи за Албанија и грчкото малцинство не може да важи и да се примени и во Македонија!
И тука доаѓаме до политичката перверзија, која секогаш се јавува со две или повеќе лица.

Овој собран колаж од мисли, кажувања или видувања, се разбира со извесна слободна интерпретација, всушност ја отсликува политичката атмосфера во нашата средина, која честопати е хаотична и тешко разбирлива.
Заклучок, тоа што е демократско правило во блискиот и подалечниот свет, не треба да нѐ чуди што кај нас е тешко применливо.
Двајцата разрешени министри рекоа промените доаѓаат. Наместо добра ноќ, ќе речам добро утре. Да се надеваме дека ќе биде така!

Коле Манев: Група од ликови