Фото: Маја Јаневска-Илиева

Граѓаните платија 117 милиони евра за нешто што не се гледа за новите автопапатишта каде не е ниту шајка заковано и до 6 мај треба да платиме над 230 милиони евра, а тука во Василево гледаме дека се што се испорачува во секоја област граѓаните можат да го видат и користат, рече лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по денешниот увид во реализацијата на проектите во Општина Василево.

Според него, до 30 април државата треба да плати само за пенали околу 230 милиони евра, а веќе се исплатени 117 милиони евра.

– Според договорот е предвидено 117 милиони евра да се платат за подготвителни работи и подготовка на градилишта, тоа се уште тече, претпоставувам, и се предвидени да се платат во два наврати: 83 милиони е предвидено да бидат исплатени две недели откако е потпишан договорот и дополнителни 30 милиони евра, 45 дена откако е потпишан договорот – изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посетата на Василево одговарајќи на новинарско прашање, при што потенцираше – сумата наскоро ќе надмине 230 милиони евра, а нема ни шајка да има на коридорите.

Мицкоски посочи дека вториот дел е пеналите кои треба да се платат поради тоа што не е променет Законот за работни односи во рок од 45 дена од потпишување на Договорот, а тој датум заврши на 22 април.

-Таа сума која треба да се плати е минимум 53 милиони евра. Тие треба да се платат во рок од две недели откако ќе изминат тие 45 дена предвидени да се смени Законот за работни односи и да се продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа, а тој ден истекува на 6 мај. Од информации со кои располагаме има натегање помеѓу Владата и фирмата изведувач околу банкарската гаранција кога ќе се договорат да бидат исплатени дополнителни 50 милиони евра по основ на авансно плаќање предвидено во тој договор. Таа бројка за недела дена ќе биде огромна, повеќе од 220-230 милиони евра, а се уште од проектот нема ни шајка некој заковано – рече Мицкоски.

При денешната посета на општина Василево, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на најновите статистики на Еуростат за енергетика истакна дека бројките што се објавени се немилосрдни и за жал граѓаните во Македонија незнаењето на власта го плаќаат многу скапо, односно граѓаните плаќаат една од трите или четири најскапи цени на електрична енергија кои што ги има во Европа и покрај тоа што нашиот стандард е на дното помеѓу трите најсиромашни држави во Европа.