Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ попладнево демантираше дека на пратеничката Дафина Стојаноска и испратил вербална или гестикулативна порака на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

– Најостро ги демантирам недостојните и ниски лаги на пратеничката Дафина Стојаноска. Со пратеничката ниту сум имал било каква комуникација ниту сум ѝ испратил било каква вербална или гестикулативна порака. Ништо од тоа. Дафина Стојаноска денеска им нанесе срам на сите пратеници, на цел Парламент и пред сѐ на нејзината партија. Сепак, најголемиот срам си го нанесе себеси. Македонските граѓани заслужуваат достојно однесување од своите избраници, а не срамни потези за евтини и партиски манипулации – напиша Маричиќ на Фејсбук.

Достојноста на македонскиот Парламент, како што стои во објавата на Фејсбук е многу поважна од личните и партиски интереси на Дафина Стојаноска и од нервозата и безидејноста која владее во нејзиниот табор.

Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ попладнево во рамки на собраниската седница за пратенички прашања побараа оставка од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, обвинувајќи го дека недолично се однесувал кон пратеничката Дафина Стојаноска.

– Ова Собрание има голем број на камери кои може да го доловат моментот за којшто реагирав. Она што го направи вицепремиерот, не може ниту еден демант да го избрише – рече Дафина Стојаноска во процедурална забелешка.

Стојаноска претходно кажа дека ѝ е срам за постапките на Маричиќ, тврдејќи дека од седиште ѝ праќал бакнежи.

Стојаноска тврди дека Маричиќ ѝ праќал бакнежи: Како не ви е срам, нека ве снимаат камери

Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски даде 15-минути пауза, образложувајќи дека согласно Деловникот за работа има постапка како се бара оставка од претставници на Владата.

Претходно, пратеникот Бојан Стојановски го повика премиерот Димитар Ковачевски да одговори дали го осудува однесувањето на вицепремиерот Маричиќ.

– Г. Маричиќ се однесуваше согласно сите етички стандарди во Собранието и има пишан демант на она што се случуваше на парламентарната говорница на една од пратеничките – рече Ковачевски, одговарајќи на пратеничкото прашање.