Со нејзините континуирани инсистирања и притисоци за измени во дидактичките образовни материјали во едукативниот систем во државава, нашите соговорници укажуваат дека официјална Софија суптилно и чекор по чекор реализира стратегија на вметнување свои наративи за историски настани и личности по свој терк, за потоа преку таквите видоизменети наративи во македонското образование, во иднина, да ги докажува своите (ретуширани) тврдења и ставови, прифатени и стипулирани во македонското образование
Со научната вистина во образовниот процес нема политички компромиси
Повеќемина наши соговорници, експерти, познавачи на политичките случувања, правници, историчари и универзитетски професори, во низа разговори и интервјуа идентификуваат една симптоматична континуирана тенденција на Софија. Имено, преку нејзините инсистирања за измени во дидактичките образовни материјали во македонското образование, соговорниците укажуваат дека официјална Софија „суптилно реализира стратегија на вметнување свои наративи за историски настани и личности по свој терк, за потоа преку таквите видоизменети наративи во македонското образование, во иднина, да ги докажува своите (ретуширани и ревидирани) тврдења и ставови, прифатени и стипулирани во македонското образование“.
Реализирање „пеколен асимилаторски план“ преку образовниот процес
Проф. д-р Иванка Василевска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ предупредува дека горенаведеното веќе се прави перманентно, ненаучно и со политички притисоци и компромиси, за во одреден погоден момент Бугарија да добие „македонски аргументи извлечени од (изменетите) образовни материјали, учебници и сл., преку кои Софија полесно ќе докажува одредени бугарски тврдења“! Имено, професорката издвојува анализиран материјал од Бугарија, насловен „Бугарската политика спрема Република Македонија“, публикуван во 2008 година, кој токму преку Договорот за пријателство и добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија на директен и непосреден начин „моќно девастирачки задира во процесите на македонското образование“, и тоа токму со таква „национално деноминирачка и асимилаторска цел“.
Професорката го предвидува и следниот, уште поагресивен чекор за „промена на македонското образование и историја“, имено со „внесување на бугарските историски теории во македонските учебници, а потоа и со едуцирање лица што ќе ги бранат овие теории, како професори и наставници во Македонија, именувани вработени по национален клуч“. Во разобличување на ова сценарио, професорката демаскира и одредени проекции на софиските центри што во врска со горенаведеното сметаат токму на алатката „балансер“, со чија помош би биле „внедрени кадри во институциите што се од клучно значење за државата (образование, одбрана, полиција, култура и др.), и тоа не како граѓани што работат за Македонија, туку како Бугари што ги исполнуваат бугарските барања“, предупредува проф. д-р Иванка Василевска.
Софија ја третира заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања како своја алатка
Според проф. д-р Иванка Василевска, како резултат на став 2 од членот 8, во 2018 година започна со работа Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Во фокусот на оваа комисија се историските прашања и напорите од бугарска страна во учебниците по историја во Македонија да се внесат и содржини што би биле соодветни на бугарското видување и толкување на историските настани. За целото време на своето работење на комисијата, Бугарија инсистира на гледиштето за Македонија што се совпаѓа и е детално образложено во стратегијата „Бугарската политика спрема Република Македониjа – препораки за развоj на добрососедски односи по приемот на Бугариjа во ЕУ и во контекст на проширувањето на ЕУ и НАТО на Западен Балкан“.
– Последиците се јасни, а тоа е дека во македонското образование, покрај официјално прифатената историја што се изучува во училиштата во Македонија, ќе се инсистира и на прифаќање на бугарските толкувања на историјата. Со ваквите активности се создаваат можности бугарската држава постојано да става „вето“ на поглавјата што се однесуваат на образованието, културата и историјата, како и да ја повторува тезата за „постоењето на македонскиот народ, јазик и историја дури по 1944“- вели Василевска
Во планот на Софија се и силни влијанија и промени во основното образование во државава
Анализирајќи ги овие состојби, професорката од Правниот факултет посочува дека следна последица за македонското образование поврзана со бугарските барања е воведувањето на концепцијата за основно образование предложена во 2020 година според која се обезличува македонскиот народ преку уништување на идентитетот по сите основни. Според концепцијата, повеќе наставни предмети беа укинати, меѓу кои и Историја и Географија. Кога се повлече овој потег, се појавија голем број реакции и притисок на научната и стручна јавност, по што наставниот предмет Историја беше вратен преку предметот Историја и општество, но наставниот предмет Географија не, односно тој беше поделен и приклучен кон другите наставни единици.
Според Василевска, содржините по историја во одредени одделенија ги предава одделенскиот наставник, а не предметен наставник по историја, а во одредени сѐ уште не е дефинирано. Со ова, можеме да кажеме дека свесно историјата станува предмет на релативизација, односно се добива впечаток дека овие содржини може да ги предава кој било, а не наставник што е стручен за историја.
– Ако овој чекор го поврземе со тоа што во македонските учебници покрај постојните содржини, од бугарската страна се инсистира на вметнување на бугарското видување на настаните, тогаш можеме само да претпоставиме што би се случило доколку овие содржини ги предава недоволно стручен наставник. Се претпоставува дека целта на споменатата концепција е да се еродира македонскиот идентитет, како и да се извршат дејства што претставуваат обид за целосно претопување на Македонците – посочува проф. д-р проф. д-р Иванка Василевска.