Фото: Влада

Премиерот Димитар Ковачевски попладнево го пречека американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој во Скопје допшатува по повод учеството на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, што се одржува од денеска до петок.

– Топло добредојде во Скопје за американскиот државен секретар Антони Блинкен. На средбата попладнево уште еднаш ги истакнавме нашите одлични односи и разговаравме за поддршката која САД ја даваат во континуитет на Северна Македонија на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ и спроведувањето на потребните реформи – се наведува во објавата на премиерот на Фејсбук.

Фото: Влада

Македонија, се додава во објавата на социјалната мрежа, е високо ценета како НАТО сојузник, но и во регионален контекст како фактор на стабилност на Западен Балкан.

– Државниот секретар го поздрави нашето успешно претседавање со ОБСЕ и конструктивниот пристап во реализацијата на агендата и адресирањето на предизвиците со кои се соочува Организацијата – се нагласува во објавата на Ковачевски.

Блинкен попладнево се сретна и со министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи. Американскиот државен секретар вечерва треба да учествува на неформалната вечера која му претходи на Министерскиот совет на ОБСЕ, кој официјално почнува утре.

Фото: Влада

Во најавата од Стејт департментот за посетата на Блинкен на Скопје се наведува дека тој ќе ја потврди цврстата посветеност на САД кон ОБСЕ и нејзината основна мисија за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирното решавање на спорови. Секретарот Блинкен, исто така, ќе ја истакне клучната улога на ОБСЕ во унапредувањето на сеопфатната безбедност во регионот и ќе и се заблагодари на Македонија за нејзината лидерска улога.

Министерскиот состанок во Скопје го одбележува токму присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што го прави еден од ретките настани на кој ќе се најдат двајцата, на исто место, од почнувањето на војната во Украина, во февруари 2022 година. Засега нема најава за средба на Блинкен и Лавров.

Виш функционер на Стејт департментот, пак, денеска изјави дека не очекува американскиот државен секретар Блинкен да има каква било средба со рускиот министер за надворешни работи Лавров за време на состанокот на ОБСЕ во Македонија, пренесе дописничката од Гласот на Америка од Стејт департментот.

– Не очекуваме средба – потврди функционерот од Стејт департмент на прашањето за можноста за каква било средба меѓу Блинкен и Лавров.

Блинкен од Скопје доцна вечерва заминува за Блискиот Исток .

Состаноците на Лавров за време на Самитот на ОБСЕ во Македонија ќе бидат утре, наведува дописничката на Гласот на Америка од Стејт департментот.

На самитот присуство потврди и високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, кој вечер ќе биде примен од премиерот Димитар Ковачевски, по што двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција.

Борел вчера нагласи дека ќе присуствува на официјалната вечера, но потоа ќе мора брзо да се врати поради други средби во Брисел. Тој најави дека нема да разговара со рускиот министер за надворешни работи Лавров, како и дека е завршена главната работа на новите европски санкции против Русија поради војната во Украина, за кои се надева дека соодветната одлука ќе биде усвоена во декември.


Македонија е клучен НАТО-сојузник и стратешки партнер на Балканот, порачуваат од САД

Македонија е наш клучен НАТО сојузник и стратешки партнер на Балканот и ги поддржуваме стремежите на земјата за целосна интеграција во евроатлантските институции. Ова се наведува во соопштение објавено од Стејт департментот, а во заднина на средбата на државниот секретар Ентони Блинкен со премиерот Димитар Ковачевски во Скопје.

Во него се вели и дека Македонија покажала огромно лидерство на глобалната сцена како претседавач со ОБСЕ, предводејќи ја Европа пред рускиот „опструкционизам“ во организацијата.

САД се исто така посветени во помошта на нашата земја да развива инклуизвна демократија и граѓанска власт, како и да се бори против корупцијата и дискриминацијата.

Вашингтон помага на нашата земја во зајакнување на владеењето на правото; зајакнување и диверзификација на економијата; промовирање на слободата на медиумите; и изградба на поголеми демократски институции во целосно, инклузивно, мултиетничко општество.

Во соопштението се вели дека „билатералната соработка меѓу Соединетите Американски Држави и Македонија е силна и се фокусира на зајакнување на демократските институции, реформите на владеењето на правото и економскиот развој кој ја поддржува регионалната интеграција и енергетската безбедност“.

-САД го ценат безбедноснот партнерство со Северна Македонија како цврст сојузник во НАТО. Членството на Северна Македонија во НАТО ја зајакнува безбедноста, стабилноста и просперитетот во целиот регион на Западен Балкан – се вели во соопштението од Стејт департментот.

Од информациите објавени овде се потсетува дека Македонија е членка на Светската трговска организација од 2003 година, а од неодамна се приклучи на Договорот за државни набавки на СТО и има преговарано за Договори за слободна трговија со многу од нејзините соседи.

Во 2022 година, вкупната трговска размена меѓу Македонија и САД изнесувала 270 милиони долари. Американските електро машини и опрема се особено привлечни за увозниците во земјава.

Главниот извоз на нашата земја во САД е тутун, облека, железо и челик.

Понатаму, помошта на САД за Македонија се фокусира на зајакнување на демократските и економските реформи потребни за зајакнување на напредокот кон пристапувањето во ЕУ… Промовирање на економски реформи и можности, стимулирајќи ја енергетската и кибер еластичноста и развивајќи разновидна работна сила.

Од 1993 година досега САД доделиле повеќе од 1,3 милијарди долари помош за  Македонија.

Се потсетува дека Македонија е членка на повеќе меѓународи организации во кои тесно соработува со САД, вклучувајќи ги ОН, ОБСЕ, Јадранската повелба, ММФ. Земјата е и официјален кандидат за членство во ЕУ откако Европскиот совет одлучи да ги отвори преговорите за пристапување во ЕУ со Северна Македонија во 2020 година.

-Северна Македонија покажа огромно лидерство на глобалната сцена како претседавач со ОБСЕ, предводејќи ја Европа пред рускиот опструкционизам. Земјата е претседавач со Групата А5 за 2023 година, чија цел е да ги зајакне демократските институции, да промовира мир и стабилност и подлабоко да ги интегрира земјите од регионот во евроатлантската заедница. Историскиот договор од Преспа од 2019 година го реши спорот меѓу Грција и Северна Македонија што го отежнуваше пристапувањето на земјата во НАТО и ЕУ – се вели во соопштението од Стејт департментот.