Каква позиција и каква политика започнува да реализира постојнава Европска Унија не само на Балканот туку и во Европа? Дали европските либерални елити сѐ подлабоко забраздуваат водејќи политики на очигледна милитаризација, зајакнување на воениот сектор во ЕУ и за продолжување на војната во Украина? Зар дестабилизирачка и воено подбуцнувачка политика на европскиот континент, спротивна на потребите на европските народи за мир, соработка и суверено решавање на сопствените внатрешнополитички и државни работи, е потребна во овој момент, кога е на повидок мир или најмалку прекин на огнот на завојуваните страни на европскиот континент?! Дали однесувањето на еврократите, либералните елити во Брисел, но и на лидерите на водечките земји членки на ЕУ, е спротивно на сите европски резолуции и на Повелбата на ЕУ од Лисабон?!
САД жестоко ги критикуваат либерален Брисел и одделни европски влади за начинот на кој ги потиснуваат политичките и идеолошките противници, вклучувајќи ја и слободата на говорот
„Кому во ЕУ не му одговара Македонија да мрдне од мртвата точка?!“ Интересно е гласно поставеното прашање деновиве од страна на универзитетската професорка д-р Мирјана Најчевска. Прашањето не е едноставно ниту еднослојно.
Многу наши соговорници, аналитичари, професори го поставуваат истото прашање и го ставаат во еден поширок геополитички контекст, при што фактите што ги земаат предвид аргументираат една уште поголема и многу посериозна дилема: Каква позиција и каква политика започнува да реализира постојнава Европска Унија не само во Балканот туку и во Европа? Дали европските либерални елити сѐ подлабоко забраздуваат водејќи политики на очигледна милитаризација, зајакнување на воениот сектор и во ЕУ и за продолжување на војната во Украина? Зар дестабилизирачка и воено подбуцнувачка политика на европскиот континент, спротивна на потребите на европските народи за мир, соработка и суверено решавање на сопствените внатрешнополитички и државни работи, е потребна во овој момент, кога е на повидок мир или најмалку прекин на огнот на завојуваните страни на европскиот континент?! Дали однесувањето на еврократите, либералните елити во Брисел, но и на лидерите на водечките земји членки на ЕУ, е спротивно на сите европски резолуции и на Повелбата на ЕУ од Лисабон?!
Србија како очигледен пример на дестабилизирачки хушкачки тенденции однадвор
Опсервацијата ќе ја започнеме со последниот случај, со позицијата на ЕУ кон Србија.
Имено, магистер Дарко Обрадовиќ, експерт за хибридни дејства и геополитика во Центарот за стратегиска анализа од Белград, во врска со француско-германскиот план за дијалогот меѓу Белград и Приштина околу иднината и статусот на Косово вели дека тој станал веќе „платформа на ЕУ“, која претставува „можност, но и закана за Србија“!
– Ако се отфрли овој план, последиците нема да бидат нималку безначајни, иако францускиот и германскиот амбасадор тврдат дека противмерките, кои би следувале, нема да претставуваат санкции. Прекинувањето и заминувањето на странските директни инвестиции, негативното рангирање на државата Србија и враќањето на европските визи се сосема доволни причини да се каже дека ќе биде загрозен опстанокот на Србија и оти ќе биде доведен во прашање и нејзиниот развој ако се отфрли германско-францускиот план, претворен веќе и во европска платформа за Косово – оцени Обрадовиќ.
Натаму, негативното етикетирање и рангирање на Србија од страна на елитите во европската заедница се надгради кога Белград ѝ изрази безрезервна поддршка на Република Српска. Белград излезе со јавна поддршка на Република Српска и застана зад уставните измени што таму (Србите во БиХ) ги имаат како амбиции за „плебисцитарното изразување на волјата на српскиот народ, вклучувајќи ја и можноста за легално одвојување од дејтонска БиХ“. Исто така, Белград застана и зад претседателот на Република Српска, Милорад Додик, давајќи му поддршка и спротивставувајќи се на пресудата против него. На тој начин Србија со своите поведенија и во односите спрема Косово и во односите со Република Српска, како и од поддршката што ја добива од Унгарија, Русија и од Кина, им станува трн во око на либералните европски елити.
Токму поради овие ставови и политики на Белград, аналитичарите тврдат дека либерален Брисел сака „да ги дисциплинира Белград и Вучиќ“, а начините за тоа се различни. Токму тука се наметнува прашањето дали е можно замешателство на одделни активни неолиберални структури од Европа, тие да имаат вмешано свои прсти во случувањата во Србија, во обид да се „постави Србија на местото каде што тие мислат да биде поставена според нивните планови и програми“.
Во поткастот со српскиот претседател Александар Вучиќ, Доналд Трамп Јуниор, синот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој беше во Србија, во врска со протестите во оваа балканска држава изјави: „Постојат извештаи за вмешаност на одделни американски држави во протестите во Србија. Шокиран сум!“
Случувањата во Романија како втор пример на „коинциденција“
Вакви слични сомневања за замешателства на либералните елити, нашите соговорници издвојуваат и со примерот поврзан со Романија. За потсетување, романската Централна изборна комисија му ја отфрли кандидатурата на независниот десничарски кандидат Калин Георгеску на претседателските избори, а победата во првиот круг на претседателските избори му беше поништена со одлука на суд. Членовите на администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, ги нарекоа случувањата со претседателските избори во оваа земја членка на ЕУ „пример како европските влади ги потиснуваат слободата на говорот и политичките противници“. Самиот Георгеску изреагира преку општествените мрежи: „Европа сега е диктатура, Романија живее под тиранија!“
На почетокот на месецов во едно интервју Георгеску изјави дека европските земји можат многу подобро да се развиваат независно отколку во рамките на ЕУ. Сите природни ресурси на Романија мора да се вратат во рацете на романскиот народ наместо да бидат под контрола на големите корпорации.
– Можеме да се развиваме самостојно, можеме да напредуваме уште подобро како независни држави во Европа. Кому му се потребни парите од европските фондови, кога сè што ни треба имаме дома? Нашата земја не сме ја добиле како подарок од Брисел или од Вашингтон. Таа ни е дар од Бога – посочи овој романски политичар, кој е и остар противник и критичар на воената поддршка на Европската Унија за Украина.
Постојната политика на оваа Европска Унија станува контроверзна, високодискутабилна, па дури и спорна
Овде доаѓаме до најконтроверзната позиционираност на постојната Европска Унија кон актуелните случувања на европскиот континент. Наместо да придонесуваат кон градење мир и запирање на крвавата и смртоносна војна во Украина, либералните „миротворци“ од Брисел (ЕУ) се решаваат за огромен нереален финансиски план од дури 800 милијарди евра, при што се подразбира дека намерата е да се продолжи со давањето воена помош за оваа страдална држава во судирот со Русија.
– Безбедноста на Европа е загрозена на многу реален начин – тврдеше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која предложи „план за вооружување на Европа“ вреден стотици милијарди евра.
Дали е можеби поточно дека самата Европска Унија, самата „европска влада“, самата Урсула фон дер Лајен и другите „воени јастреби“ од Брисел ги загрозуваат безбедноста на Европа, мирот и иднината на европските народи?!
Наместо заклучок: Постојната политика на оваа Европска Унија станува контроверзна, високодискутабилна, па дури и спорна. Таа влезе во „трговска војна“ со Трампова Америка, навистина бидувајќи принудена да одговори на економските и царинските потези на шефот на американската држава, но ЕУ е во своевидна „војна“ и со своите европски народи. Европската Унија со своето однесување и потези на сцената и зад сцената, кои ги води кон Грузија, Србија, Романија, а особено кон Македонија, актуализира крупна дилема: Дали обидувајќи се да ја поврати својата веќе загубена геополитичка релевантност како актер во светските и европските случувања Европската Унија поправо станува чинител на дестабилизација и противник на европската коегзистенција и соработка на народите не само во државите, кои се нејзини членки?
Наместо пари за пензии и деца – пари за армијата на петтемина што ја предводат ЕУ, жестоко порачува до бугарската и европската јавност адвокатката од Софија во својата колумна
Бугарска адвокатка и поранешна пратеничка
без влакна на јазикот стравотно ја критикува
воинствена Европа
Елена Гунчева-Гривова: Опасно е иднината на европските народи да се стави во рацете на вакви луѓе!
Елена Гунчева-Гривова, адвокатка и поранешна пратеничка во бугарскиот парламент, кон крајот на годинашниов февруари жестоко изреагира во својата колумна, која нималку случајно ја објави со насловот „Дали сега разбирате дека со нас управуваат лудаците од Европската Унија?!“. „На заднината на сè повеќе осиромашеното и избезумено европско население, топ-идиотите од ЕУ сакаат да даваат стотици милијарди евра годишно за да се заштитат… од Русија. За да има заедничка европска армија! Сега размислете за кутрата Бугарија, каде што пензионерите, па и работниците паѓаат во беда, како треба да учествува во ова лудило. Наместо пари за пензии и деца – пари за армијата на петтемина што ја предводат ЕУ! Опасно е иднината на европските народи да се стави во рацете на вакви луѓе!“, напиша Гунчев-Гривова во споменатата колумна.
Сијарто: Либералните европски политичари заговараат војна и постојано
се обидуваат да го спречат успехот на мировните преговори меѓу Русија
и САД за украинското прашање:
ЕУ е на пат што е катастрофален
На состанокот на министрите за надворешни работи на Европската Унија, Унгарија се спротивстави на предлозите од Брисел чија цел е да го продолжат конфликтот во Украина и да ги поткопаат мировните напори за негово решавање. Тоа го изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
– На дневен ред во Брисел има неколку предлози за обезбедување на Украина со милијарди евра повеќе или оружје на сметка на европските даночни обврзници. Ние сме во Брисел за да се спротивставиме на предлозите насочени кон поддршка на воените дејства и да придонесеме за успехот на мировните преговори – излезе со став унгарскиот министер за надворешни работи Сијарто.
Тој смета дека Брисел сега е во меѓународна изолација поради фактот што либералните европски политичари, кои, како што вели, заговараат војна, постојано се обидуваат да го спречат успехот на мировните преговори меѓу Русија и САД за украинското прашање. Унгарската влада во неколку наврати изјави дека ги поддржува мировните преговори и ги смета за единствен пат кон мирот во Украина.
Средбата на Советот за надворешни работи на ЕУ „исклучително провоена
и проукраинска“
По состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, Сијарто рече дека мнозинството членки на Европската Унија одлучиле да одат по пат што е катастрофален и може да предизвика „трајна пропаст“ за економијата и безбедноста на континентот. Тој на прес-конференција рече дека средбата повторно била „исклучително провоена и проукраинска“ и дека голем број учесници „слепо инсистирале на продолжување на конфликтот и речиси итно пристапување на Украина“ во ЕУ. Ова и официјално, како соопштение, го лиферува и унгарското Министерство за надворешни работи. Сијарто, пак, оцени дека предлогот според кој ЕУ ќе потроши 20 милијарди евра за испорака на оружје за Украина е „безобразен“ и дека Унгарија се спротивставила.
– Унгарија не сака да учествува во таква иницијатива бидејќи има интерес за мир, кој е поблизок од кога било – изјави Сијарто.
Тој го поздрави почетокот на мировните преговори за Украина меѓу САД и Русија.
– Унгарија нема да поддржи иницијативи што би го продолжиле конфликтот – рече тој.
Свето Тоевски