Фото: Маја Јаневска-Илиева

Неодамна во медиумите беше актуализирана информацијата дека и по три години од реформирањето на поранешната УБК во АНБ и понатаму на обработка чекаат околу 3.000 барања за македонско државјанство. Овие податоци за бројноста на барањата што чекаат со години на одобрување во АНБ го поттикнаа интересот за тоа колку е лесно или тешко да се добие македонско државјанство, односно колкав е просечниот временски рок за исполнување на сите процедури

Деновиве, по повод прославата на третата годишнина од формирањето на Агенцијата за национална безбедност, во медиумите беше актуализирана информацијата дека и по три години од реформирањето на поранешната УБК во АНБ и понатаму на обработка чекаат околу 3.000 барања за македонско државјанство. Овие податоци за бројноста на барањата што чекаат со години на одобрување во АНБ го поттикнаа интересот дали е лесно или тешко да се добие македонско државјанство, односно колкав е просечниот временски рок за исполнување на сите процедури.
Според законските одредби, македонско државјанство може да се добие со потекло, односно ако барателот е роден од родител/родители што е/се државјанин/државјани на Македонија. Во исклучителни околности, државјанство се добива и со раѓање во Република Македонија, како и со природување, односно ако како возрасна личност доброволно се стекнете со државјанството на државата во која престојувате, откако сте ги исполниле условите од законот на таа држава тогаш сте стекнале државјанство со природување. Во Македонија, природувањето може да биде пред сѐ врз основа на годините на законски престој или на брак со државјанин на земјата.

– Процедурата за добивање македонско државјанство може да биде заокружена кога ќе се добијат сите позитивни мислења од надлежните институции. Позитивните мислења ги дава Агенцијата за национална безбедност, врз основа на проверките на податоците за барателот на државјанството. Неизвесноста околу должината на времетраењето за добивање државјанство произлегува од фактот што не постои законски определен временски рок во кој АНБ треба да даде мислење со кое ќе се комплетира досието за прием во државјанство на одреден барател. Има случаи што осум-девет години чекаат одговор за прием во македонско државјанство – велат од Одделот за односи со јавноста на Министерството за внатрешни работи.
Процедурата за добивање македонско државјанство, сепак, и понатаму започнува и завршува во МВР, каде што се поднесува барањето и се изготвува решението, откако ќе се добие позитивното мислење од АНБ, која веќе три години е независна агенција што работи на националната безбедност. Формирањето на АНБ произлезе од извештајот на Прибе за реформа на безбедносните органи, по скандалот со прислушувањето што изби во 2014 година и злоупотребата на УБК (која беше во рамките на МВР) за политички и партиски пресметки.
На одбележувањето на тригодишнината од почетокот на формирањето на АНБ беше нагласен моментот дека досегашниот директор Виктор Димовски наскоро заминува на нова должност, како амбасадор на Македонија во Париз, Франција, а од новиот директор се очекува да се ангажира околу забрзување на процедурата за државјанствата.
– Десетина пати сум се сретнал со директорот за ова прашање и секогаш сме напредувале, но не доволно. Досегашниот директор е назначен за амбасадор во Франција и прашање на денови е кога ќе замине да ја извршува својата должност. Оценувам дека со новата управа на АНБ прво прашање ќе биде државјанството – изјави на годишнината на АНБ, вицепремиерот во македонската влада, Артан Груби.