Фото: Игор Бансколиев

Веќе неколку дена по ред граѓаните, институциите и државата се заложници на монструозно субверзивно дејствување преку пораки по имејл и социјалните мрежи и ширење закани за поставени бомби во училиштата. И додека се чекаат резултатите од истрагата за брзо разоткривање и санкционирање на сторителите, експертите имаат јасни укажувања дека ваквите закани воопшто не се случајни и дека ништо не се случува без некаква конкретна цел

Лажните дојави за бомби во училиштата како повод

Последните случувања со анонимните дојави за поставени бомби во неколку средни училишта низ Скопје внесоа доза страв и паника меѓу граѓаните, кои со право се прашуваат кој во вакви турбулентни времиња си поигрува со вакви закани, кои почнаа да се повторуваат.
Истрагата на специјалниот полициски тим покажа дека првичната дојава за поставени бомби во осум средни училишта во средата, за среќа, била лажна, но она што е вистинито е фактот дека децата и родителите беа сериозно исплашени и принудени едните да ја пропуштат наставата, другите предвреме да излезат од работа и да ги земат од училиште. Истата закана се повтори и вчера, кога повторно до неколку средни училишта пристигна електронска порака со предупредување за поставена бомба.
Повеќе од јасно е дека ваквите закани не се шега и дека во време на сериозна економска и енергетска криза, недозволиво е да се трошат ресурси на вакви „несолени шеги“. Уште полошо е ако во сето ова има некаква скриена интенција однатре или однадвор за постигнување некаква цел, а за остварување на таквата цел да се злоупотребуваат токму најмладите.
Причина за дополнителна загриженост се јавува и поради страшната војна што беснее во Украина, односно на европска почва, кога почнува да се зборува и за употреба на валкани бомби, кога има најави за нови мигрантски бранови, за дестабилизирачки сценарија во соседството, така што и лажното навлекување на полициските сили и нивно дефокусирање може да има и некаква друга безбедносна заднина, односно додека специјалните антитерористички единици ги проверуваат училиштата, на удар да се најде некоја друга цел.
Неодамна слични секојдневни дојави за бомби во училишта и авиони имаше и во соседна Србија, а Албанија и Македонија во истиот период беа цел на сериозни хакерски напади на клучни државни институции.

– Одделот за компјутерски криминал прави анализи, ги оставивме сите можни барања и потреби, и очекуваме дека ќе дојдеме до резултати за тоа кои се целите за да се прави ова. На вакви случувања бевме сведоци и во регионот, не само кај нас – вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Според него, монструозно е да се преземе каков било чекор што ќе предизвика таква вознемиреност во училиштата, но генерално и меѓу граѓаните, а тоа да се искористува за сопствени цели.
– Мислам дека ова е дел од тие хибридни инструменти на војни, кои пробува некој да ги води, дали се тоа надворешни или внатрешни, секако, ќе покаже истрагата… Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП-адреси од каде доаѓа овој монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз С. Македонија или политички игри, како една од претпоставките. Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата и на сите нас. Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да си игра со системот и со граѓаните на Република С. Македонија – истакна Спасовски, притоа додавајќи дека казните за оние што се дрзнуваат да сеат страв и паника треба да бидат најстроги.
Армискиот генерал во пензија Митре Арсовски смета дека ваквите закани не се случајни и дека ништо не се случува без некаква крајна цел.

– Ништо не се случува без цел. Која е целта, што сакаат да кажат со тоа, ќе видиме. Не е играчка некој бомби да спомнува. Нашата држава од 2001 година не е зафатена со бомби – вели Арсовски.
Според него, потврдата дека станува збор за лажни дојави само покажува дека главната цел е постигната, а тоа е да се дефокусира јавноста од некои други прашања.
– Вербализмот денеска го заменува оружјето. Ќе пуштите нешто во јавност цела земја да се занимава со тоа, а не се открива вистинската цел, која, всушност, е дефокусирање на граѓаните од другите случувања. Јас сум бил војник долги години, така што добро знам кои се целите и ефектите што сака да ги постигне терористот. Неговата намера е да нападне таму каде што е најопасно и каде што тој напад би можел најдобро да се пласира. Овде не е таков случајот. Ако цел беше едно училиште, може да станува збор за терористички чин, но да се постават бомби наеднаш во осум училишта и тоа да помине незабележано од никого, едноставно е невозможно. Ако полицијата брзо не го лоцира сторителот, приказната ќе продолжи, а со тоа и одвлекувањето на вниманието на јавноста од другите проблеми. Ќе се занимаваме со тоа, а ќе бегаме од основните потреби и проблеми со кои се соочува Македонија – категоричен е генералот Арсовски.
Тој не ја исклучува можноста некој со ваквите дојави и да сака да испрати некаква скриена порака.
– Ова е класично дефокусирање на јавноста, да се истераат граѓаните од колосекот на секојдневието. Кога ќе кажете бомба во училиште, сите нè асоцира на деца, многу загрижени родители, а знаејќи дека децата се нашата најслаба точка, некој го злоупотребува тоа, всушност ги злоупотребува децата за некакви свои цели. Факт е дека децата мораат да учат, за жал, ние немаме ефикасен образовен систем и за сето тоа да се потисне настрана, некому може да му падне на памет дека нешто треба да се случи. И, еве, се случува ваква закана што може да произлезе само од луд човек, па се ангажира полиција, се трошат непотребно пари, родителите се исплашени, за на крајот да излезе дека повикот е лажен. Сторителот веднаш мора да се пронајде, за да нема сомнеж дека во игра е некое друго сценарио, а заканите со бомби само да се користат како параван. Можеби во сето ова има и некаква симболика, дека школството ни назадува и дека државата треба да му посвети поголемо внимание – заклучува Арсовски.