Како што постојано се нагласуваше во времето на долгогодишното чекање датум за почеток на преговорите, реформите за владеење на правото и правната држава ѝ се потребни на Македонија за самата неа, во интерес на нејзиното општество и нејзините граѓани, без оглед на членството во ЕУ. Модерна и демократска држава, со функционален систем заснован на правото, правдата и законите, секако е во интерес на граѓаните

СЕРИЈАЛ ТЕКСТОВИ ПО ПОВОД ЕВРОПСКИТЕ
ДЕНОВИ НА ПРАВДАТА (3)

Европските денови на правдата се предизвик да се анализира и да се истражи какви се околностите на овој план во и околу Македонија. Зашто има голем број примери од минатото што покажуваат како (не)правдата се прекршува токму врз грбот на Македонија пред очите на Европа и на целокупната меѓународна заедница. Во таа насока, предизвиците на Македонија во остварување на правдата се на повеќе нивоа, и тоа да се избори за рамноправен третман и еднаква правда на меѓународно-политички план, но и за спроведување на законите на внатрешен план за сите граѓани еднакво. Во серијалот текстови за тоа до каде е правдата во и околу Македонија ќе разговараме со истакнати правници, судии, извршители, нотари, адвокати…

Очекувањата содржани во стандардните критериуми на ЕУ за нејзино проширување, наменети за земјите-кандидати за членство во Унијата, е првенствено усогласување на националниот правен систем и регулатива со стандардите за правна држава и владеење на правото во Унијата. Токму затоа, постојано се нагласува дека поглавјето 23, кое се однесува на фундаментите и судскиот систем (владеење на правото спроведено преку институциите) е првото поглавје што се отвора и последно што се затвора во преговорите. Навистина, според новата реверзибилна методологија на ЕУ, според која би требало да се одвива преговарачкиот процес на Македонија, ниту едно поглавје (и кластер) практично нема да бидат затворени до конечно завршување на преговорите. Оптимистичките очекувања за конкретниот почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, односно отворање на поглавјата се проектирани приближно за една година (ноември 2023), за кога е планирано да заврши тековниот скрининг-процес на моменталната усогласеност на македонското законодавство со она на ЕУ. Во таквите оптимистички очекувања, како со леснотија да се превидува нестандардниот услов за уставни измени што треба да ги спроведе Македонија за вистински да ги започне преговорите. Тоа, секако, е политички предизвик со тежина на уцена, како за Македонија така и за ЕУ, иако одговорноста за одложувањето на почетокот на преговорите со францускиот предлог на преговарачката рамка се настојува да се префрли исклучиво на македонска страна.
Сепак, како што постојано се нагласуваше во времето на долгогодишното чекање датум за почеток на преговорите, реформите за владеење на правото и правната држава ѝ се потребни на Македонија за самата неа, во интерес на нејзиното општество и нејзините граѓани, без оглед на членството во ЕУ. Модерна и демократска држава, со функционален систем заснован на правото, правдата и законите, секако е во интерес на граѓаните, а македонските политичари и аналитичари проценуваат дека во периодот на чекање датум за почеток на преговорите, македонското законодавство и правен систем речиси 40 отсто биле усогласени со европското.
Неодамна, министерот за правда Никола Тупанчески во гостување во дебатна ТВ-емисија, по посетата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, изјави дека тоа што таа го кажа на прес-конференцијата во Скопје влева надеж и оптимизам дека сме на вистинскиот пат во однос на реформите во правосудството.

– Траекторијата по која се движиме во моментов е вистинската патека до која што треба да се стигне. Извештајот за напредокот во нашата држава е комплементарен и содржи повеќе сегменти. Посебно се апострофирани неколку прашања, едното од нив е правосудниот систем, вториот корпус на прашања се однесува на борбата против корупцијата, третиот корпус е борба против организираниот криминал и четвртиот, тероризмот и насилниот екстремизам. Значи сублимат или заедничка карактеристика на сите овие подрачја што ги спомнав е дека има умерено подобрување – вели Тупанчески.
Осврнувајќи се на реформите во правосудниот систем, министерот за правда смета дека тие не може да се случат прекуноќ, но сепак се интензивирани и се очекуваат конкретни резултати.
– Македонија се наоѓа на 63-то место од 140 држави според индексот на владеење на правото на вашингтонската невладина организација „Ворлд џастис проџект“, со што е за едно место подобро рангирана во споредба со минатата година кога бевме на 64. место – потенцира Тупанчески.
Искусните правници, со долгогодишна практика во македонското судство и воопшто во градењето на правниот систем во Македонија, сметаат дека реформите по моделот на ЕУ секако ни се потребни, но тоа не значи почеток од нула. Според поранешниот претседател на Врховниот суд на Македонија, Дане Илиев, главниот предизвик на реформите во македонскиот правен систем (не само поради преговарачкиот процес со ЕУ) е враќање на функционалноста на институциите и неселективна примена на законите.

– Реформите на правниот систем за усогласување со правото на ЕУ не значи дека треба да се почнува од нула, туку да се подобри и надгради континуитетот на правната држава, што во Македонија сепак има речиси стогодишна традиција. Поглавјето за фундаментите и владеењето на правото во преговорите со ЕУ е тоа што прво се отвора и се затвора со завршувањето на целиот процес. Според базичната правна дефиниција, за да има владеење на правото, потребна е првенствено правна држава, односно институциите на државата да работат според законите и да бидат функционални во служба на граѓаните. Во таа смисла, главниот предизвик на реформите во македонскиот правен систем (не само поради преговарачкиот процес со ЕУ) е враќање на функционалноста на институциите и неселективна примена на законите. Симптоматичната институционална нефункционалност со која граѓаните секојдневно се соочуваат е резултат на долгогодишниот неселективен избор на партиски кадри во државните институции. Партизираноста, наспроти стручноста и професионалноста во изборот на кадрите се првата проблематична состојба со која треба да зафатиме во реформите. За борбата против корупцијата и организираниот криминал, кои се во фокусот на европските очекувања од земјите-кандидати, потребно е силно и независно Јавно обвинителство. А Јавно обвинителство без тесна соработка со Министерството за внатрешни работи, во практиката не значи ништо. Во тој контекст, македонското МВР повеќе наликува на пожарникарска служба, која и како таква не функционира. Значи приоритетот во реформите за владеење на правото треба да биде Јавното обвинителство и МВР. Секако, тие реформи треба да бидат надградени со реформи во судството, за што е доволно ажурно да се постапува со предметите, а не да стојат во фиока, со сувопарно образложение дека „се води истрага за предметите“ – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.
За промените во уставниот дел од македонскиот правен систем, како дополнителен и нестандарден европски услов за Македонија ефективно да ги започне преговорите со ЕУ, судијата Илиев смета дека во ова време и под тие услови е погрешно да се менува македонскиот устав.
– Кога станува збор за барање на малцинските права во Македонија, тие може да се добијат и се заштитени и според актуелно важечкиот устав и законски одредби. Секое барање за менување на Уставот за внесување нови малцинства, не е во интерес на заштита на правата на одредено малцинство, туку во заднина се кријат други политички намери. Досегашното менување на Уставот, особено за имплементирање на Преспанскиот договор, сериозно ја поткопа македонската државност. Менувањето на Уставот под надворешно влијание е загрозување на уставниот суверенитет на Македонија – вели Дане Илиев.


Правни техники и за спорните имиња на здруженијата

По едногласното усвојување во Собранието на измените на Законот за формирање граѓански здруженија и фондации, во јавноста се наметна дилемата за неговата ретроактивна важност. Според министерот за правда Тупанчевски и други функционери во Владата, изменетиот закон не може да се примени ретроактивно на веќе регистрираните здруженија во Македонија, од граѓани со бугарска самосвест, кои носат спорни имиња на личности со фашистичко минато. Судијата Дане Илиев смета дека за решавање на случајот со здруженија чии имиња ја вознемируваат македонската јавност нема потреба од ретроактивна примена на законот.
– Постојат правни техники за решавање вакви ситуации. Откако е усвоен законот им се дава рок на субјектите што се опфатени со изменетиот закон да се приспособат на промените. Ако во тој одреден рок не се приспособат, едноставно се бришат од регистарот – вели судијата Дане Илиев.


Од 140 земји, Македонија е на 63-то место според индексот на владеење на правото

Македонија е на 63-то место според индексот на владеење на правото, на вашингтонската невладина организација „Ворлд џастис проџект“. Извештајот е објавен неодамна, а предводник на листата е Данска. За земјите што се во Европската Унија, Бугарија и Унгарија се наведуваат како најслаборангирани кога е во прашање владеењето на правото. Меѓу земјите од Западен Балкан, најдобропласирано е Косово (57.), потоа Македонија (63., на ланската листа 64. – скок за едно место) и Босна и Херцеговина (70.). Црна Гора не е спомената на листата. Србија, која бележи пад во однос на лани, годинава е на 83. место, додека Албанија е на 87. место од вкупно 140 рангирани земји.
Од 2009 година, индексот на вашингтонската невладина организација „Ворлд џастис проџект“ го мери развојот на владеењето на правото врз основа на осум фактори: ограничувања на владините овластувања, отсуство на корупција, отворена влада, фундаментални права, ред и безбедност, регулаторно спроведување, граѓанска правда и кривична правда. За годинашниот индекс на владеење на правото беа анкетирани повеќе од 154.000 домаќинства и 3.600 правни експерти.