Фото: Игор Бансколиев

Од Брисел двојни сигнали: И за европска кохезија и проширување, и за никнување внатрешни дезинтегративни тенденции

Европски претставници од Брисел иако сѐ уште тивко, но сепак јасно предупредуваат дека „доколку однесат победа на наредните избори одредени партии
и лидери во Словачка и во Австрија, кои негуваат слични политики како унгарскиот премиер Орбан, тогаш пукнатината меѓу политиките на одредени членки на ЕУ ќе се продлабочи“. Соговорници од Брисел нагласуваат дека „Европската Унија не е во криза, но дека може да биде“.

И според некои европски медиуми, „појавата на ’орбанизмот“ во Австрија и во Словачка ќе создаде дополнителни проблеми за Унијата на повеќе полиња: третманот на мигрантите, поткопување на санкциите и напорите на ЕУ да ѝ помогне на Украина, како и дефокусирање на проширувањето и фокусирање на внатрешните ЕУ-проблеми…“

Австрискиот политичар Херберт Кикл е и фаворит за нов лидер на државата и „нова голема главоболка за Европа“, напиша деновиве „Политико“. Партијата на слободата (ФРОе) на Херберт Кикл води во анкетите за неколку процентни поени од ноември минатата година, бидејќи зголемената инфлација и големиот пораст на бројот на барања за азил го поттикнаа незадоволството од актуелната влада.

Во најава голем внатрешен проблем за ЕУ

Имајќи предвид дека другата главна опозициска партија, Социјалдемократите (СЈО), е растргната од внатрешните превирања, партијата на Кикл има најголеми шанси да ја освои власта. Тоа би било голем проблем за Европската Унија, која веќе се бори со Унгарија и со политиките на премиерот Виктор Орбан, кој има различни гледишта од Брисел за суштински политички, економски и енергетски прашања.

Херберт Кикл, кој беше министер за внатрешни работи за време на краткотрајната коалиција на Партијата на слободата со Народната партија на поранешниот канцелар, Себастијан Курц, е познато лице во Брисел. Брисел него не го памети по добро. Еден од неговите први потези како министер за внатрешни работи беше промената на името на австриските центри за регистрација на барателите на азил во „центри за заминување“.

Ставот на Брисел за Херберт Кикл сликовито го искажа претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола. Таа изјави за јавноста деновиве дека има „сериозни сомневања“ дека Херберт Кикл е способен за која било министерска функција.
– Нему едноставно не може да му се верува – изјави Мецола.
Следните редовни избори во Австрија се предвидени за есента следната година, но продолжувањето на тензиите во сегашната коалиција на канцеларот Карл Нехамер, чија Народна партија моментално заостанува зад Партијата на слободата со осум процентни поени, ги зголемува шансите да има избори на гласање уште многу порано.
– Не станав партиски лидер за да водам на изборите, туку за да победам на нив – изјави неодамна Кикл. Тој уште од сега ветува дека ќе го искористи австриското вето во Европскиот совет за да ги поништи, како што тврди, „бесмислените“ санкции против Русија.

За потсетување, во јануари, неговата партија заврши на второто место на регионалните избори во Долна Австрија, најголемата покраина во земјата, со што го урна долгогодишното апсолутно мнозинство на Народната партија. Слично сценарио се случи неколку недели подоцна во провинцијата Салцбург, каде што Партијата на слободата освои место во регионалната влада.

На национално ниво, Кикл веројатно нема да се согласи да биде втора виолина. Неговата партија на вакво сценарио се согласи двапати во последните 25 години како помал партнер на Народната партија и двете коалиции завршија со партиска поделба поради скандали и внатрешни поделби. Кикл посочува дека овој пат неговата цел е јасна: да стане „фолксканцлер“ – народен канцелар!

За издвојување е информацијата дека за време на неодамнешната посета на Во Будимпешта, каде што австрискиот политичар Херберт Кикл се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан, Кикл не криеше дека има цел да ја претвори Австрија во нова Унгарија, која ја пофали како „рај на националното самоопределување и отпор на глобалистичката интервенција од Брисел“.

По Австрија, и во Словачка проблем за ЕУ во најава

Австрија не е единствената земја во регионот склона кон „орбанизам“. Во соседната држава на Австрија, имено Словачка, исто така, има силни индикатори за политики што се разликуваат од политиките на Брисел.

Одредени политики на партии и лидери во Словачка се движат по истата линија како и Унгарија, односно со слични политики како и австрискиот политичар Херберт Кикл. На пример, политичката партија во Словачка, Смер-СД, чиј лидер е поранешниот премиер Роберт Фицо, сменет од функцијата во 2018 година поради бранот протести поради убиството на истражувачки новинар и неговата свршеница, сега води во анкетите пред предвремените избори во септември!

Роберт Фицо вети дека, доколку биде избран, „Словачка повеќе нема да дава воена поддршка за соседна Украина“!

Европските претставници предупредуваат дека овие евентуални победи во Словачка и на Австрија ќе ѝ создадат дополнителни проблеми на Унијата на повеќе полиња: третманот на мигрантите, поткопување на санкциите и напорите на ЕУ да ѝ помогне на Украина, како и дефокусирање на проширувањето и фокусирање на Унијата на внатрешните ЕУ-проблеми…
– Тоа би било катастрофа – изјави висок претставник на Европската комисија од регионот. Р.Н.М.