Фото: Игор Бансколиев

Како да се европеизира Бугарија, а Македонија непречено да влезе во ЕУ

Сѐ додека не се поништат сите уценувачки и негаторски документи, кои ги имаат донесено бугарските власти сиве изминати години во однос на Македонија, бесцелни и беспредметни се какви било нови отстапки од наша страна. Во таа насока, прво Бугарија да го признае македонското малцинство во Бугарија, во согласност со препораките на ЕУ и меѓународното право, и истовремено да ги признае посебноста и самобитноста на македонскиот народ, со сите свои идентитетски и историски вековни обележја. Тоа е рецептот за вистински добрососедски односи и за отстранување на сите евентуални пречки на патот кон ЕУ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во однос на внесување на Бугарите во Уставот, вели дека во Македонија се шират пропаганда, конспирација и лажни вести и дека тој гарантира дека Бугарија нема да може да додаде ниту едно друго барање од тоа што веќе е во преговарачката рамка.
– Бугарија не може да додаде услови во преговарачката рамка, бидејќи никој не може да преговара преговарачка рамка – истакна Османи во ТВ-интервју во предвечерјето на лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозицијата, Христијан Мицковски. Но колку вака дадената гаранцијата и увереност на македонскиот шеф на дипломатијата имаат реална и силна поткрепа во политичката реалност и актуелните услови пред кои е исправена државата?

Дипломатите и аналитичарите се едногласни во ставовите дека надворешната политика на која било земја, вклучувајќи и на Македонија, не може да се темели на лични надежи и претпоставки на политичарите, туку на реални факти и документи. Во таа насока, Османи не може да гарантира ама воопшто ништо за тоа какви ќе бидат следните потези на бугарската дипломатија и со оглед на фактот на веќе одамна воспоставената бугарска националистичка догма дека нема, не може и не треба да има Македонци. Впрочем, Бујар не е бугарски министер, па да дава лични гаранции во име на Бугарија.

Зашто и самата преговарачка рамка, во која е вклучен францускиот предлог, ја остава широко отворена вратата за нови бугарски вета и условувања кон Македонија во која било фаза од преговорите. Бугарските позиции се зацементирани и со последната резолуција, која ја усвои Народното собрание со огромно мнозинство гласови од сите политички партии, во која уште еднаш се нагласени негаторските и асимилаторски политики на Бугарија кон Македонија. Сѐ додека не се поништат ваквите уценувачки и негаторски документи, кои ги имаат донесено бугарските власти сиве изминати години во однос на Македонија, бесцелни и беспредметни се какви било нови отстапки од наша страна, велат аналитичарите.

Инаку, во последната резолуција на бугарското собрание, донесена во 2022 година, има најмалку 20 нови потенцијални вета во однос на Македонија, доколку не се исполнат и прифатат сите барања и уцени од Бугарија.

Така, во резолуцијата, која патем се повикува на став 22 од преговарачката рамка за пристапување на Македонија во ЕУ, се вели дека создавањето на „македонскиот јазик“ во 1944-1945 година во поранешна Југославија било чин на секундарна кодификација (рекодификација) врз основа на бугарскиот литературен јазик и дека Бугарија не признава постоење на македонски јазик. Со други зборови, „ниту еден документ во процесот на пристапување не може да се сфати како признание од бугарска страна за постоењето на т.н. ‘македонски јазик’ различен од бугарскиот“, порачува официјална Софија.

Во бугарската декларација, како што пренесе и „Дојче веле“, се содржани повеќе од 20 услови што Македонија ќе мора да ги исполни за да стане членка на ЕУ. Сите овие бугарски услови и барања задираат длабоко во историјата и идентитетот на државата и на македонскиот народ. Тогаш што е ова ако не нови потенцијални бугарски вета и блокади, за кои Османи сега гарантира дека нема да ги има.

Бугарија категорично бара и откажување од поддршката или барање за признавање на македонско малцинство во Бугарија; рехабилитација на жртвите на „југословенскиот комунистички режим, кои трпеле репресија поради бугарската самосвест“; нов процес на лустрација во Македонија, отстранување на квалификативот „бугарски фашистички окупатор“ од сите текстови на споменици и спомен-плочи, усогласување за личности и настани од „заедничката историја до 1944 година“ меѓу кои и „Гоце Делчев, Илинденското востание“ итн. Сето ова може да биде повод за нови потенцијални вета и блокади доколку Македонија не биде доволно кооперативна, односно не ги прифати бугарските барања.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, во однос на ваквите потенцијални ризици предлага да се донесе соодветна декларација од страна на бугарскиот законодавен дом каде што ќе се гарантираат македонскиот јазик, континуитет, македонската државност и нација.
– Но повеќе од јасно е дека нема политичка волја од другата страна да се донесе такво нешто бидејќи Бугарија е закоравена во ставовите по 1948 година, во сталинистичките методи и, за жал, на тоа поле во однос на македонизмот немаат мрднато ниту чекор напред. Вториот предлог е една таква декларација што ќе даде гаранција од меѓународната заедница, во овој случај Европската Унија, бидејќи во согласност со францускиот предлог, ние разговараме за мултиратерално прашање, не за билатерално прашање, каде што се направи и суштинската грешка и во согласност со преговарачката рамка ние сме должни да разговараме на оваа тема – вели Димитриевски.

Тој смета дека во следниот период Европа треба многу повеќе своите пораки да ги пренасочи кон Софија, а доколку се донесат уставните измени нивната примена да биде по влегувањето на Македонија во ЕУ.

Според историчарите, бугарското негирање на македонскиот народ и држава, со тези дека народот и државата се создадени од Тито и Коминтерната, се најголемата навреда кон македонскиот народ, кое има своја вековна историја и континуитет.
Во таа насока во согласност со меѓународното право многу посоодветно би било Бугарија прво да го смени својот устав и да го усогласи со европските стандарди за почитување на човековите права, односно за признавање и почитување на правата на малцинствата во својата земја, а не негирање на македонското малцинство во Бугарија.
– Во 21 век, Бугарите не признаваат цел народ. Триста илјади Maкедонци не се во бугарскиот устав, иако според податоците од пописот од 1956 година во Бугарија имало 180.000 Македонци во Пиринска Македонија. Треба само да го признаете македонскиот народ и да сфатите дека постојат три милиони Македонци во светот. Во дипломатија е јасен реципроцитетот – се признава македонско малцинство во Бугарија и се признава бугарско малцинство во Македонија – им порача неодамна историчарот Бранислав Светозаревиќ на бугарските новинари.

Дали домашните политичари од власта и од опозицијата ќе ги слушнат овие пораки и конечно заеднички ќе изградат и усогласат ставови во интерес на македонскиот народ и држава, останува да видиме во периодот што следува.