Фото: Фејсбук/Виктор Орбан

Поенти од неколку западни медиумски анализи во врска со политиките на унгарскиот премиер

Во својата најнова јавна кампања за информирање, по нешто повеќе од една година од конфликтот во Украина, унгарската влада ја прикажува сопствената земја како „мирољубива сила што се бори против западната воена машина“. Токму ваквата реторика и препознатливоста на Унгарија на чело со Орбан дека е сѐ почесто „против одредени политики на бриселската супердржава“, всушност, се најдобрите примери за да се отсликаат содржините на политиките на унгарскиот премиер, кои ги практикува со години. Огромното мнозинство западни аналитичари, поради ваквите политики, ги сместуваат Орбан и Унгарија во „кампусот што е контра Брисел, односно одредени политики на ЕУ“. Но и покрај тоа, во западноевропски медиуми се појавуваат исклучително интересни различни мислења и ставови, со кои се доведува во прашање ваквото разбирање и сфаќање од страна на Западот

Деновиве се појави еден интересен осврт во реномираниот германски медиум „Ди велт“, во чии заклучоци на своевиден начин се тврди дека „сепак, прорускиот став на Орбан често е погрешно разбран“ од Западот.
– Таа е чисто стратегиска, а не лична и е насочена кон слабеење на европската поддршка за Украина од други причини. Ова е релативно нова позиција во однос на Москва, израз на неговиот себичен политички стил и неговата подготвеност да ризикува со цел да ја зајакне позицијата на Унгарија на меѓународната сцена. На крајот на краиштата, Орбан не е проруски настроен, тој е едноставно про Орбан – ја започнува својата анализа Зсузана Селењи анализа за германскиот „Ди велт“.
Во низа заклучоци во однос на политиките на Орбан, сепак во повеќе анализи се среќава ставот дека тој своите политики ги базира првенствено на напорите за благосостојба на унгарскиот народ и држава, на економски, финансиски, стопански, енергетски, социјален и друг план, балансирајќи меѓу „чеканот и наковалната“, не прифаќајќи ги „априори“ ниту политиките на Брисел, ниту пак политиките на Москва, туку пред сѐ интересите на својот народ.

Краток пресек на настани од поблиската историја

За да се разбере како и зошто Орбан се залага за „неврзана позиција во украинската војна“, како што е напишано во последната од низата анализи за Орбан, овој пат објавена во германскиот „Ди велт“, направен е и краток пресек на настани од поблиската историја на Унгарија.
– Кога Русија ја нападна Грузија во 2008 година, Орбан – тогаш во политичката опозиција – ја осуди руската агресија, отворено изјавувајќи дека „воената агресија е – воена агресија“. Во периодот што следуваше, во заднината на економската неизвесност, таканаречениот „антилиберален“ став на Орбан доби интензитет. По изборната победа во 2010 година, тој заклучи дека „доминацијата на Западот“ е во глобален пад. Орбан беше решен дека Унгарија треба да оди сама и да игра водечка улога во новата централна и источна европска економска област, во која помалите сили би можеле подобро да се претстават на глобалната сцена. Приближувањето до Москва беше централна компонента на тоа „отворање кон исток“. Само две години откако Орбан ја нарече Русија „воен агресор“ ги повика централноевропските држави да се вклучат во нов дијалог со Русија, што претставува пресвртница во две децении од унгарскиот антимосковски надворешнополитички став.

Енергетските политики во фокусот на Орбан

Како што пишува „Ди велт“, помеѓу 2010 и 2014 година, владата на Орбан ги национализираше енергетските компании во земјата и ги извади од странски раце. Токму тоа му овозможи на Орбан да ги контролира преговорите во енергетскиот сектор: во 2014 година, тој преговараше за изградба на нуклеарна централа со руско државно финансирање, како и за југоисточниот гасовод Турски тек, што беше пуштен во употреба во 2021 година. Беше договорен и нов 15-годишен договор за снабдување на гас од Русија, а Унгарија земјата стана седиште на Меѓународната инвестициска банка.

За издвојување е фактот дека унгарскиот премиер за сето тоа време одржуваше „годишни состаноци со претседателот на Русија“, од кои последната нивна заедничка средба, во февруари 2022 година, беше опишана како „мировна мисија“.
Затоа, според анализата на германскиот „Ди велт“, кога започна војната во Украина, Орбан беше соочен со избор: да продолжи да балансира на тенката линија меѓу западните и источните интереси или да покаже солидарност со Европа за поддршка на Украина. Тој го избра првото, поминувајќи ја изминатата година критикувајќи ја улогата на ЕУ во војната, а истовремено повикувајќи на „мир“.

„Треба да останеме надвор од оваа војна“ беше слоганот на кампањата на партијата на Виктор Орбан – ФИДЕС.

Политиките на Орбан кон ЕУ доведоа до обид на Европската комисија (ЕК) да го санкционира. На крајот на 2022 година, ЕК услови доделување на 7,5 милијарди евра од Фондот за постпандемска обнова. Тие тврдеа дека „унгарската влада мора да покаже подемократско однесување“. Но дури и притеснет до ѕидот, Орбан повторно најде излез. Во декември Орбан се закани дека ќе стави вето на европскиот пакет помош од 18 милијарди евра за Украина. Досега тој успешно ја искористи позицијата на Унгарија во војната за да продолжи да ги користи средствата од ЕУ.

Како што пишува „Ди велт“, „во секоја криза поврзана со ЕУ и Русија, Орбан успеваше да избегне потенцијалните мини и да ги наметне своите интереси. Како што војната во Украина се одолжува, тој ги има своите адути. Тој знае, на пример, дека Европа плаќа висока цена за поддршката на Украина и дека некои политички партии во Европа сега бараат брзо решение на конфликтот. Тој, исто така, смета на намалената поддршка за војната и реизборот на Доналд Трамп во 2024 година за уште еднаш да ги промени правилата на играта“.

Орбан покажа дека е подготвен да ризикува и да ја загрози позицијата на Унгарија на меѓународната сцена за да остане на власт. Тој и понатаму е убеден дека неговата „прагматична“ поддршка за „мир“ ќе се исплати. Тој во минатото освои многу со оваа стратегија и би можел повторно да освои многу, се вели во анализата на германскиот медиум „Ди велт“.

Во истиот контекст на малку поразлични опсервации, повеќемина аналитичари од западноевропските земји се совпаѓаат со констатацијата дека Орбан „своите политики ги темели пред сѐ со свртен поглед внатре – кон својата земја, со напори за благосостојба на унгарскиот народ и држава, на економски, финансиски, стопански, енергетски, социјален и друг план, балансирајќи меѓу ’чеканот и наковалната‘ и ставајќи ги приоритетите во Будимпешта наместо во Брисел“. Времето ќе покаже кој политички приод ќе биде исправен за Унгарија, односно за натамошното развивање и проширување на ЕУ, политички интровертниот или политички екстровертниот? Р.Н.М.