Сега кога градоначалникот Коњановски ја нема поддршката од советниците во Советот, едно е сигурно: Општина Битола во наредниот период ќе биде во политичка криза, која засега никој нема идеја како ќе се надмине, за да не се одрази на штета на граѓаните на општината…

Дали рекомпонирањето на мнозинството во Советот на град Битола е вовед во длабока политичка криза од општински
карактер

Тоа што пред неколку месеци го најавија советниците на СДСМ и коалицијата „Поинаку“, дека градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, ќе го претворат во „англиска кралица“, и дека тој ќе има само протоколарна функција, завчера се обвистини. Градоначалникот на Битола, Коњановски, го загуби мнозинството во Советот и сега донесувањето на одлуките и реализацијата на програмите и проектите во Општината зависат исклучиво од волјата и желбата на новата коалиција во Советот, формирана меѓу СДСМ и „Поинаку“. Со 16 гласа, тие сега го имаат мнозинството во Советот, кое до пред разидувањето меѓу градоначалникот Тони Коњановски и претседателката на Советот, Габриела Илиевска, го држеа ВМРО-ДПМНЕ и „Поинаку“.
Претседателката на Советот, Габриела Илиевска, го преживеа ударот на ВМРО-ДПМНЕ за нејзина смена и со гласовите на советниците на СДСМ ја зачува својата фотелја. За смена на Илиевска гласаа 13 советници на ВМРО-ДПМНЕ, советниците на Левица беа воздржани, а за останување на спикерското место на Габриела Илиевска гласаа 16 советници, 13 од СДСМ и тројца од „Поинаку“. По таквиот резултат од гласањето, градоначалникот на Битола, Коњановски, на прес-конференција изјави дека во Битола и официјално беше промовирана новата коалиција, која ја сочинуваат СДСМ и „Поинаку“.

– Денес и официјално бевме сведоци на новата коалиција во Советот на Општина Битола, составена од СДСМ и „Поинаку“, што има јасна тенденција на пресликување на деструктивната централна политика на локално ниво. И за едните и за другите, главен приоритет се незаконското работење, партизацијата на институциите и блокирање на локалната самоуправа преку оневозможување на реализацијата на општинските програми, кои произлегуваат од приоритетите на нашите сограѓани, на битолчани од кои сме избрани сите да дејствуваме во интерес за остварување на истите тие. Новата коалиција, која со месеци неофицијално се препознаваше, денес се потврди со неизгласувањето на разрешувањето на советничката Габриела Илиевска, од позицијата претседател на Советот на Општина Битола. Зад ваквото дејствување не постојат чесни намери и тоа лесно се препознава. Мојата конструктивност, за која сум избран од граѓаните, продолжува и токму затоа со поддршка од општинската администрација, изготвени се предлог-програми што не се популистички, туку реални потреби за 2024 година за продолжување на инфраструктурните проекти, поддршката на спортот, социјалната заштита, образованието, културата – изјави Коњановски, според кого, отсега натаму зад секоја кочница на реализацијата на проектите, одговорноста пред граѓаните ќе мора да ја понесе новата коалиција на СДСМ и „Поинаку“, која повеќе од очигледно е дека долго време била планирана, па оттаму доаѓа и одговорот зошто проектите и општинската работа во континуитет се кочат.
Дека повеќе во Советот нема да биде ништо исто како што беше до пред смената на мнозинството во Советот, се покажа на истата седница кога новото мнозинство по итна постапка ги смени претседателите на комисиите во Советот.

– ВМРО-ДПМНЕ изгуби сѐ во овој град. Го изгубија мнозинството во Советот, денес ќе ги изгубат и претседателите во комисиите. Утре ќе го изгубите бројот на членови во комисиите, за неполни два месеца ќе ги изгубите и членовите во управните одбори. Тоа е реалноста во Општина Битола. Денес ние ќе гласаме негативно за програмите на јавните претпријатија. Ние нема да поддржиме субвенции за јавни претпријатија, освен за „Пела линк“, покачување на цена на услугите на претпријатијата не ни поаѓа ни на памет. А вие нема да се справите со сето ова. И ќе ги оставите и ќе избегате како ѓавол од темјан и од јавните претпријатија и од Општина Битола. Ние ќе ја исправиме Општина Битола напред како што ја водевме четирите години. Нема да дозволиме да се случи хаварија никаде ни во Општината, ни во јавните претпријатија – рече Методија Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ од Битола на денешната седница на Советот.
За прекомпонирањето на Советот, претседателката на Советот, Габриела Илиевска, се огласи на Фејсбук.

– Кога неправдата и партизацијата стануваат правила на однесување, отпорот станува должност. Токму заради тој ОТПОР, денес од оние што така се однесуваат беше побарано мое разрешување од позицијата претседател на Советот на Општина Битола. Истите тие најпрво ќе ве залажуваат, потоа ќе се обидат да ве купат и поткупат, а на крајот ќе глумат дека ве игнорираат. Две години сум цел на секакво насилство, две години сум цел на лажни вести, две години целото мое семејство е цел на секакви напади. Сепак нема да ви помини – напиша Илиевска.
Во својот коментар за промените во Советот, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Пеце Милевски изјави.
– Пред две години ВМРО-ДПМНЕ како никогаш претходно покажа демократски капацитет и во тој момент како идно политичко дејствување за градот ги вклучи и „Поинаку“, поради волјата на граѓаните, кои го поддржаа ова движење со цел да се испочитуваат поголем број гласачи, битолчани. Демократскиот капацитет на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата беше дотаму потврден – со отстапувањето на местото претседавач на Советот, во името на заедничката соработка и афирмирање на граѓанските идеи за Битола.

По две години, очигледно е дека намерата не била да работиме за граѓаните, приоритет биле исклучиво личните ставови и интереси пред интересот на граѓаните и Битола. За жал, Битола и нејзините граѓани и натаму остануваат заробеници на наследниците на крајно деструктивната Шарена револуција – истакна претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ, Пеце Милевски.
Сега кога ВМРО-ДПМНЕ го изгуби мнозинството во Советот и градоначалникот Коњановски ја нема поддршката од советниците во Советот, едно е сигурно, дека Општина Битола во наредниот период ќе биде во политичка криза, од која никој не знае како ќе се извлече.
Повеќе од јасно е дека овој судир нема да заврши само со смена на претседателите на комисиите, туку ќе продолжи и со нови смени во комисиите, како и со смени во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија, а можеби и на директорите поставени од ВМРО-ДПМНЕ.
Политичката криза во Битола почна деновиве и со одземање на ингеренциите од страна на министерот за образование и наука Јетон Шакири на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, како и стопирањето на европскиот проект за изградба на велосипедските патеки.