Фото: Архива на „Нова Македонија“

Сегашниот скептицизам кај граѓаните во ЕУ за проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан не е нов. Европските причини првенствено се ориентирани кон општиот сомнеж на европските граѓани дека Унијата би била помалку функционална доколку има нови членки, сметаат политичките аналитичари во регионот

Граѓаните на ЕУ со ниска поддршка за проширувањето

Истражувањето на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) за расположението на Европејците за прием на нови членки во Европската Унија покажало понизок „рејтинг“ за земјите од Западен Балкан, во однос на посакуваниот прием на Украина и Молдавија. Европските граѓани, особено тие од Австрија, Данска, Франција, Германија, Полска и Романија, во голема мера го поддржуваат влезот на Украина во ЕУ, додека Молдавија и Црна Гора имаат нешто послаби поддршка. Но тие не се ентузијасти за приемот на повеќето држави од регионот на Западен Балкан, Грузија и Турција. Како што покажаа резултатите, 25 отсто од Европејците се за влез на Србија во ЕУ додека 35 отсто од нив сметаат дека Србија „не треба да може да влезе во ЕУ“. Кога станува збор за преостанатите резултати од истражувањето, од истиот број на испитаници односно 35 отсто позитивно одговориле за приемот на Албанија во ЕУ, а 37 отсто кога станува збор за Косово. Мислењата се порамномерно поделени за прашањата поврзани со членството на Македонија (26 отсто за, 27 отсто против) и Босна и Херцеговина (28 отсто за, 29 отсто против), додека поддршката за Црна Гора изнесува 30 отсто во споредба со 25 отсто од оние што се против.
Кандидатурата на Турција има особено низок рејтинг низ цела Европа, при што повеќе од половина од испитаниците (51 отсто) велат дека не треба да ѝ се одобри членство во ЕУ.

Од друга страна, 44 отсто од испитаниците го поддржуваат пристапувањето на Украина, додека само 27 отсто сметаат дека таа не треба да влезе во ЕУ.
Кога станува збор за проширувањето на Европската Унија во земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Србија, споменатиот скептицизам кај граѓаните во ЕУ не е нов, сметаат политичките аналитичари во регионот. Европските причини првенствено се ориентирани кон општиот сомнеж на европските граѓани дека Унијата би била помалку функционална доколку има нови членки.
– Претпоставката е дека сегашната нефункционалност на ЕУ би се зголемила со нови членки, особено со земји што не се целосно организирани. Постои одреден сомнеж кај делот од европското население, кој е евроскептичен и смета дека ЕУ не треба да постои, па затоа не треба да се шири понатаму. Друго сомневање присутно кај граѓаните во Европа е дека приемот на Србија потенцијално би значел и прием на друга земја слична на Унгарија, односно земја со различна надворешна и безбедносна политика, во поглед на Русија и Кина, како и зајакнување на позицијата на Будимпешта во однос на Брисел. Поради актуелниот конфликт на релацијата Брисел – Будимпешта, добрите односи меѓу Белград и Будимпешта предизвикуваат сомнеж и кај некои Европејци, вели надворешнополитичкиот аналитичар Димитрије Милиќ за „Еуроактив“.

Причината зошто 35 отсто од Европејците не се за прием на Србија во ЕУ, Милош Павковиќ, истражувач во Центарот за европска политика, ја гледа во неколку извори. Пред сѐ, клучно влијание врз нивниот став има тоа каков е односот на политичката елита и какви политички пораки испраќаат државниците, конкретно премиерите, претседателите, министрите за надворешни работи на Унијата.
– Ова најмногу влијае на јавното мислење, затоа што граѓаните во земјите членки не се толку добро информирани за Србија ниту за Балканот. Она што особено влијаеше на односот кон Србија беа честите критики што доаѓаа од земјите членки, но и од европските институции. Пред сѐ, кога зборуваме за две клучни работи, а тоа е неусогласеноста на политиката на Србија со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и поради тоа Србија постојано е критикувана и огорчена. Тоа имаше одек меѓу медиумите во земјите членки, а со тоа и ставовите на граѓаните на земјите членки во однос на Србија. Поради ова се гледа Србија како безбедносен проблем и несигурен партнер – вели Павковиќ.

Македонскиот политички аналитичар Синиша Пекевски, во врска со ниската стапка на поддршка кај Европејците за нашето зачленување во ЕУ, вели дека „треба да бидеме фер и да ни биде јасно дека не сакаат да бидеме во ЕУ поради состојбата во која сме, високата стапка на корупцијата, невладеењето на правото и криминалот“.
– Која нормална организација сака да прими ваква членка? Никој! Поврзано со поддршката за нашиот северен сосед, во западните медиуми владее состојба на неприфатливост на Србија поради нивниот лидер Вучиќ, но и поради големиот раст на земјата. Власта во Белград се грижи првенствено за сопствените интереси, а потоа за интересите на ЕУ. Состојбата во однос на поголемата поддршка за Украина е поради конфликтот што владее таму. Штом заврши тој конфликт, таа поддршка ќе опадне поради корупцијата и општите состојби во таа земја – ни изјави Пекевски.
Истражувањето покажа најголема поддршка за влез на Украина во Данска (50 отсто) и Полска (47 отсто), а мислењето беше поделено во Романија (32 отсто за, 29 отсто против), во Германија (37 отсто за, 39 против) и Франција (29 отсто за, 35 отсто против). Во Австрија мнозинството од 52 отсто беа против.
Сепак, 45 отсто од испитаниците се загрижени дека приклучувањето кон Украина негативно ќе влијае на безбедноста на ЕУ. На прашањето дали ЕУ треба да се прошири, испитаниците во Австрија (53 отсто) и Германија (50 отсто) рекоа дека не сакаат ЕУ да прима нови членки.
Од друга страна, 51 отсто од Романците и 48 отсто од Полјаците изјавиле дека проширувањето на ЕУ треба да се случи, пренесе „Еуроактив“.

Подготвил: Митко Јовановски