Монтажа: „Нова Македонија“

Имајќи предвид дека станува збор за апроксимативна бројка од над 100 илјади луѓе што нема да можат да го остварат своето основно демократско, човеково и уставно гласачко право, односно да гласаат, поради пропустите направени од државата, под сериозен прашалник уште сега се доведува и легитимитетот на самите избори. Ако државата за време на пописот свесно ги затвори очите за стотиците илјади Македонци надвор од државата и буквално замиже, очигледно е дека некој има намера да го повтори истото сценарио и со умисла да ги лиши граѓаните од можноста да гласаат и на тој начин активно и демократски да влијаат врз исходот од изборниот процес. Очигледно ваквите неизвесни состојби најмногу им одговараат на некои сили внатре во државата што не сакаат просперитет и развој на земјата, па опструирајќи го гласачкото право на многу граѓани се обидуваат да ги остават работите непроменети

Над 100 илјади македонски државјани што се привремено надвор од земјата нема да можат да го остварат гласачкото право?!

Нередот што се генерира со нефункционалното работење на надлежните државни институции од претходната влада, со ненавремената промена на документите на граѓаните, предизвика сериозна загриженост кај многумина дека во пресрет на изборите, кои се за три месеца, би можело да им биде ускратено демократското право да гласаат, доколку не успеат навремено да обезбедат документ со новонаметнатото име на државата.
Поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека и по истекот на рокот, односно по 12 февруари, документите ќе продолжат да важат внатре во земјата и со нив ќе може да се гласа, но останува отворено прашањето што се случува со луѓето што се надвор од земјава.

(Не)намерно доведување под прашалник на
легитимитетот на изборите

Имено, според некои неофицијални информации, повеќе од 100 илјади македонски државјани се наоѓаат надвор од државата и нивното право да гласаат на претстојните претседателски и парламентарни избори е ускратено бидејќи не можат навреме да извадат валидни документи.
Повеќето македонски ДКП низ светот едноставно немаат капацитет ни приближно да издадат толкав број пасоши заклучно со април и мај, така што илјадници македонски државјани се доведени во пат-позиција, да сакаат да гласаат на изборите во земјава, но да не можат да го остварат ова демократско право бидејќи нема да имаат валиден документ за патување.
– Јас сум на привремена работа во Швајцарија и имам пасош со името „Република Македонија“ со важност до 2030 година. Гласам на сите избори, сакам и сега да гласам, но се плашам дека ако со овој пасош отидам на гласање во Македонија, потоа нема да можам да се вратам назад на работа во Швајцарија бидејќи тој документ нема да ми биде валиден. Којзнае колку време ќе помине додека да извадам нов пасош со новото име. Работодавецот сигурно нема да ме чека пет месеца, така што искрено чувствувам дека некој како намерно да го загрозува моето демократско право да гласам – вели Бојан Крстевски, Македонец на привремена работа во Цирих.
Проблемот за кој говори Бојан добива сериозна димензија ако се земе предвид бројката на нашинци што сакаат да го остварат граѓанското право на македонските избори, а кои очигледно сега се спречени во својата намера.
Имајќи предвид дека станува збор за бројка од над 100 илјади луѓе што нема да можат да гласаат поради пропустите направени од државата, под сериозен прашалник уште сега се доведува и легитимитетот на самите избори. Ако државата за време на пописот свесно ги затвори очите за стотиците илјади Македонци во дијаспората и буквално ги избриша, сега очигледно некој има намера да го повтори истото сценарио и со умисла да ги лиши граѓаните од можноста да гласаат и на тој начин да влијаат врз исходот од изборниот процес.

Сериозно нарушување на човековите права и слободи

Очигледно ваквите неизвесни состојби најмногу им одговараат на некои сили внатре во државата, кои не сакаат просперитет и развој на земјата, па опструирајќи го гласачкото право на многу граѓани се обидуваат да ги остават работите, кажано со речникот на еден партиски лидер и потврдено од поранешниот премиер, како досега.
Дополнително, доколку на македонските граѓани што се на привремена работа во странство не им се овозможи да гласаат на изборите, тогаш може слободно да се говори за Македонија како за земја што сериозно ги нарушува човековите права на сопствените граѓани, вклучувајќи и на уставно загарантираното право на секој македонски државјанин да избира и да биде избран.
Доброупатени извори во делот на надворешнодипломатската активност наведуваат дека ако не се најде решение како пасошите да продолжат да важат и по 12 февруари, тогаш не треба да се исклучи ниту сценариото дека некој намерно и со умисла го прави тоа.
– Илјадници граѓани заминаа на работа во странство последниве пет-шест години, а податоците за тоа колку деца се отпишале од училиштата на почетокот на второто полугодие говорат дека станува збор за фрапантен процент. Повеќето нашинци се во Германија, дел во Италија, дел во Франција, во Швајцарија, имаме доста нашинци и во Чешка, помалку во Полска и приближно тоа се земјите каде што македонските сезонци гравитираат. Најголем дел од нив сакаат да гласаат на изборите, доаѓаат на двонеделен одмор да се видат со фамилијата, гласаат на избори и се враќаат таму од каде што дошле. Но оние што немаат нов пасош ако дојдат во Македонија, нема да можат да се вратат назад и ќе ја загубат работата. И тоа кај нив создава чувство на фрустрација, како државата намерно да сака да ги спречи да дојдат да гласаат. Да не заборавиме, ДУИ на секои избори низ Европа организираше авиони и автобуси да ги донесе нивните да гласаат и така тие директно влијаеја врз исходот на локалните избори во Кичево. Сега одеднаш 100 илјади луѓе нема да можат да гласаат. Еве, нека се 50 илјади. Тоа е нарушување на нивното демократско право и ако утре тие тужат во Стразбур, тогаш за каква валидност на изборите ќе зборуваме? Па тоа е сериозна бројка што може да го одреди победникот на изборите, а не бројка што е на ниво на статистичка грешка – истакнуваат соговорниците.
Тие не исклучуваат можност дека сето ова е добро осмислено сценарио од структури што сакаат да влијаат врз изборниот резултат, така што ќе спречат голем број луѓе однадвор да се вратат и да гласаат.
– Значи институциите ги знаеја роковите од Преспанската спогодба. Тогаш зошто во 2021 или 2022 година уште издаваа пасоши со старото име? Слободно ќе кажам, со намера. Едно да се слеат дополнителни пари во буџетот, второ луѓето што се надвор да се држат подалеку од изборниот процес. Ова е срамота за држава што зборува дека негува некакви демократски и европски вредности – категорични се соговорниците.
За поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски кризата со пасошите е повеќеслојна, а неможноста на нашинците во странство да дојдат и да гласаат ќе ѝ предизвика штета на опозицијата.
– Кризата со пасошите е многуслојна и може да се разгледува од многу аспекти. Јас не гледам јасна намера на ДУИ и на СДСМ за опструкција на избирачкиот процес, туку едноставно ова е стилот на нивното владеење – целосна неодговорност кон добиената доверба и изигрување на граѓаните. Треба јасно да се лоцира вината за оваа ситуација во министрите Оливер Спасовски и Бујар Османи, премиерот Ковачевски и претседателот Пендаровски. Секако дека неможноста дијаспората да дојде дома и да го реализира своето право на глас ќе ѝ наштети на опозицијата – потенцира Боцевски.

Владата да најде начин и да го гарантира гласачкото право

Првиот човек на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, оперира со бројка повисока од половина милион македонски државјани што се надвор од земјата и кои на овој или оној начин нема да можат да го остварат своето демократско право да гласаат токму поради Преспанската спогодба.
– Светскиот македонски конгрес предупреди дека за последните 30 години од Македонија емигрирале околу 600.000 македонски државјани, а со рестриктивно читање на спогодбата Димитров – Коѕијас, ним им се оневозможува враќање на територијата на Република Македонија, бидејќи на нивните лични исправи стои името Република Македонија – наведува Петров.
Според него, сите лични исправи со Република Македонија мора да важат до рокот што на нив е запишан и на тој начин граѓаните што се надвор да можат да го остварат правото на глас.
– Тоа не може да го суспендира ниту еден закон или меѓународен договор што не е дел од уставноправниот поредок на државата, бидејќи не е ратификуван во согласност со Уставот, каков што е договорот Димитров – Коѕијас од 17 јуни 2018 година во спротивност со одлуките на референдумите од 8 септември 1991 и 30 септември 2018 година – посочува Петров.
Тој додава дека сето ова е резултат на домашната сервилна политика, која не успеала да обезбеди непречен влез и излез во државата со патни исправи со валиден рок на траење.
– Ќе видиме дали новата техничка ќе пројави интерес барем да постапи во согласност со Устав и закон и да го прекине насилството врз македонските државјани во присилната трка до 12 февруари 2024 година, да имаат нови лични исправи со новото име на државата, бидејќи отпосле немало да важат! Иако власта ниту е технички подготвена, ниту временски може да се испочитува тој рок, ниту замената на личните исправи е поради вина и волја на македонските државјани! Напротив, Владата смета дека мора да биде сервилна кон Атина во геноцидот врз сопствените државјани – констатира Петров.