Во неделата, на 28 јануари, две демонстрантки истурија супа врз заштитното стакло под кое се наоѓа сликата „Мона Лиза“ во музејот „Лувр“ во Париз. Сликата, дело на Леонардо да Винчи, е едно од најпознатите уметнички дела и отсекогаш се чува во францускиот музеј „Лувр“. Заштитена е со стакло отпорно на куршуми и има мали шанси да се оштети.
На видеата може да се видат двајца демонстранти што бараат право на „здрава и одржлива храна“, извикувајќи дека „земјоделскиот систем е болен“. По инцидентот, обезбедувањето на музејот постави црни заштитни панели пред да ја евакуира просторијата.
Групата, која себеси се нарекува „Рипосте алиментаре“, ја презеде одговорноста за инцидентот. Во изјавата дадена за агенцијата Франс прес, тие рекоа дека истурањето на супата го означило „почетокот на кампањата на граѓански отпор со јасно барање – да се обезбеди одржливо производство на храна“.
Рашида Дати, француската министерка за култура, рече дека „ништо не може да го оправда“ нападот на „Мона Лиза“.
– Нашето наследство, како што е оваа слика, им припаѓа на идните генерации – порача таа.
Земјоделците последните неколку дена протестираат во француската престолнина барајќи прекин на постојаното поскапување на горивата, како и субвенции и поедноставување на регулативата за извршување на нивните активности.
Сликата „Мона Лиза“ е заштитена со трајни стакла отпорни на куршуми од раните 1950-ти, бидејќи била оштетена од посетител што ја полеал со киселина. Во 2019 година, претставниците на музејот инсталирале потранспарентна форма на стакло, отпорно на куршуми, за да ја заштитат. Три години подоцна, активист фрли торта на сликата, повикувајќи ги луѓето „да мислат на Земјата“.
Сликата била украдена од „Лувр“ во 1911 година, предизвикувајќи меѓународна сензација. Винченцо Перуџа, вработен во најпосетуваниот музеј во светот, прекуноќ се криел во плакарот за да ја украде сликата. Била пронајдена две години подоцна, кога се обидел да му го продаде делото на антиквар во Фиренца, Италија.