Фото: ЕПА

Кинескиот ВМ стигна до трофејот по тајбрејкот меѓу четворица играчи со идентичен број поени во регуларниот дел на 86-то издание на престижниот турнир што се игра од 1938 година

ТУРНИР ВO ВАЈК АН ЗЕ

Кинескиот велемајстор (ВМ) Веи Ји е победник на еден од најстарите и престижни шаховски турнири во светот, во холандски Вајк ан Зе. Серијата од 4,5 поени од пет партии во финишот го одведе до тајбрејкот, каде што во финалето го победи Индиецот Гујрати Видит. Оваа победа е најголем резултат на Ји (24), кој пред турнирот беше рангиран деветти.
Актуелните светски шампиони во машка и во женска конкуренција Динг Лирен и Ју Венјун ремизираа во последното коло, а истото тоа го направи и Индиецот Рамешбабу Прагнананда со Французинот Алиреза Фирузја. Прагнананда со евентуалната победа можеше да го престигне на рејтинг-листата сонародникот и поранешен светски првак Вишванатан Ананад, но Фирузја одлично се бранеше. Единствената шахистка на турнирот, Ју, е 10-та, со 4,5 поени.
Тајбрејковите се играа според нокаут-систем меѓу четворица играчи со време од три минути плус две секунди по секој потег. Во првото полуфинале Ји ремизира со Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов во првата партија, а ја доби втората. Во второто полуфинале, ланскиот победник, Холанѓанецот Аниш Гири, ја доби првата партија со Индиецот Домарају Гукеш, но ја загуби втората, како и третата, т.н. армагедон-партија. Во финалето, Веи против Гукеш ремизира во првата, но ја доби втората партија, а со тоа и 86-то издание на турнирот, кој се игра од 1938 година и кој често го нарекуваат „шаховски Вимблдон“.
Табела, регуларен дел: Гукеш (2.725 рејтинг-поени), Гири (2.749), Абдусаторов (2.727), Веи (2.740) по 8,5 поени, Фирузја (2.759), Видит (2.742), Прагнанада (2.743) по 7,5, Непомнијачши (2.769) 6,5, Лирен (2.780) 6, Ју (2.549), Донченко (2.643), Ван Форест (2.682), Магсодлу (2.740) по 4,5, Вармердам (2.625) 4. Г.И.