Прашањето може да се разбере ако се сетиме на изреката за тоа како се станува успешен и добар професор. Таа гласи: успешен професор е оној што ќе остави добар, дури и подобар наследник по повлекувањето и отстапувањето на своето место! Соодветно на оваа изрека добар и успешен политичар е оној што ќе му ја остави партијата, односно државата некому што е подобар од него
Став: Како дојдовме во ситуација пред очи да ни ја разградуваат државава, кој кога сака, како што сака и кога и кај што ќе стигне
Денес во Македонија нема здраворазумен човек што не се прашува како дојдовме во ситуација пред очи да ни ја разградуваат државава, кој кога сака, како што сака и кога и кај што ќе стигне, од надворешни политичари – американски трговци со коли (од типот на О’Брајан), кои ни кажуваат за кого да гласаме, до домашни политичари – трговци на мало (едно евро за Вицето), згора на тоа клептомани, лажливци и демагози.
Прашањето е: како дојдовме во ситуација каква што немало во историјата на современата независна, сега самостојна македонска држава – државата да ја водат не само неуки политичари (со само три училишни часа неделно) и неискусни (со премиерско место како прво вработување) туку и политичари трговци што тргуваат само на ситно и само за своја лична корист? Политичарите, поточно политички слепци, кои веруваат на поуки од меѓународните „пријатели“ со бесрамна понизност ги прифаќаат сите нивни препораки и со поданички однос кон странците, а особено кон соседите, кои целосно ги игнорираат сопствените обврски потпишани и заверени со меѓународни олеснувачи, ги обезличуваат сопствениот народ и држава. Несвесни за својата неукост и кусогледост, згора на тоа возгордеани и надмени, за да го затскријат нивното чувство за инфериорност глумат супериорност и замислуваат дека се некаква елита, а всушност се само политиканти. И не само што се без јасно национално чувство туку и со презир кон сопствената држава и народ, кон неговата историја, култура и заедничко сеќавање, нели, на т.н. државотворна партија не ѝ личи патриотизмот! и затоа продаваат некаков космополитизам, иако не ни знаат што е тоа. Доволно е да се сетиме на клештењето во Нивици, кое заслужува сериозна и стручна анализа – од психолози.
Прашањето може да се разбере ако се сетиме на изреката за тоа како се станува успешен и добар професор. Таа гласи: успешен професор е оној што ќе остави добар, дури и подобар наследник по повлекувањето и отстапувањето на своето место! Соодветно на оваа изрека добар и успешен политичар е оној што ќе му ја остави партијата, односно државата некому што е подобар од него.
Ако се вратиме наназад и се потсетиме на некогашната СДСМ, сега само „сдс“, ќе се сетиме од кого и кому му беше оставена, поточно ПРЕДАДЕНА партијата, а со тоа и државата. На човек помилуван за криминални дејанија („Глобал“)! Да се разбереме: да бидеш осуден за идеологија или т.н. вербален деликт и потоа помилуван е доблесна одлика, како на помилуваниот така и на помилувачот – „државникот“. Но да помилуваш некого за дела од типот на „Глобал“ и сл., тогаш значи дека и помилувачот не е подобар од помилуваниот. Уште понесфатливо е што тоа го направи човек не само со политичко искуство во успешно водење на партијата, при што се прикажува како нејзин основач (всушност само преземач и наследник на СКМ), туку некој што бил дури и на чело на државата! Од можните причини за такво примопредавање доволно е да се споменат неколку.
Прво, такво нешто може да направи само човек без никакво политичко знаење и искуство, што не може да се рече за помилувачот – „чудото од државник“, кој од млади години бил на највисоки државни должности (на 29 год. премиер, а на 42 претседател на државата); потоа заради личен интерес или, пак, поради целосна негрижа – според народната: после мене потоп. Без оглед на причините, кои само тој ги знае, последиците и за поранешната голема партија, но уште повеќе за државата се погубни. Крадецот помилуван од „државникот“ го продаде името, и тоа за џабе давајќи му ја државата на НАТО како обезличена територија, зашто не е само неспособен политичар туку и лош трговец. И така, раководството на т.н. државотворна партија на чело со рожбата на „државникот“ – за помалку од една деценија, а со великодушна помош од меѓународните „пријатели“, кои ги поддржуваа и наметнуваа неправедните решенија (ОРД, Преспанскиот договор, преговарачка рамка за ЕУ по мерак на Бугарија), ја поништи државата – менувајќи ѝ го личниот опис до непрепознатливост и ги разнебити нејзините институции правејќи од нив партиски разграноци.
И кога тркалото еднаш ќе почне да се тркала прудолу, тешко е да застане, та така примопредавањето на партијата и на државата од политичките водачи на „сдс“, во стилот „на ти го дај ми го (прстенчето)“, како партиите и државата да се дуќанчиња наследени од нивните дедовци, продолжува по ист терк од времето на „државникот“ сѐ до ден-денес.
И кога сме кај дедовците – да ги потсетиме денешниве политичари трговци дека нашите дедовци ги дале животите за слобода на овој народ и успеале барем на дел од нашата татковина да создадат држава со сите нишани и неопходни институции, кои сегашниве политичари ги разнебитуваат со што ја ставија државата во своевиден вакуум, а своите граѓани во изолација (личните документи), што е не е само неодговорно туку и мизантропија и потсмев кон оние што ги плаќаат. Ова покажува колку е тешко да се одбрани државата нападната не само од сите страни туку и однатре. И овде морам да признаам дека, иако многу добро знам како се создавале, распаѓале и растурале државите низ историјата, дури сега, живеејќи ја сегашнава состојба, многу појасно ми станува, како нашите предци без ничија поддршка, во многу тешки услови и со пречки од сите соседи, успеале да создадат сопствена, независна и самостојна држава! Очигледно со натчовечки напори какви што денес не можеме ниту да си замислиме! И сега многу подобро ги разбирам предавствата во минатото (најчесто за зачувување на голиот живот) на што укажуваше уште Гоце Делчев, кого претседателот на државата великодушно им го подари на Бугарите, зашто последниве години истото тоа (притисоци, уцени, закани) кон секој бранител на државата го гледаме во сопствената држава по тричетврт век од нејзиното нормално функционирање. И сега ми станува јасно колку е тешко да се одбрани и зачува државата кога е нападната од сите страни, а најмногу однатре! Овие мирновременски квислинзи и изроди имаат своја мрежа поддржувачи: од интелектуалци, професори, академици, новинари, бизнисмени до разно-разни НВО основани од приучени и недоучени „интелектуалци“, без трошка морал, често и без зрно ум и знаење, и всушност обични политиканти жедни само за моќ и пари.
И само од себе се наметнува прашањето зошто народот, кој е прелажан од домашните „сдс-овци“ и изигран од надворешните западни „пријатели“, млако или ретко се спротивставува?
Со куса анализа на модерната историја се добива многу јасен одговор. Имено, порано соседите, а денес и домашните квислинзи систематски ја убиваат самодовербата на Македонецот, кому му се лепат етикети дека е мал, неспособен, дека не може да ја зачува својата држава итн., сѐ со цел да се скрши неговиот дух и да се фрли во малодушност. На прво место се користи тоа што македонскиот народ бил пет века под турско ропство и не создал своја држава. Притоа се премолчува, дека за разлика од Македонија сите нејзини соседи создале држави со туѓа помош, а некои од нив само неколку децении пред Македонците (Албанците – 32 год., Бугарите – 36 год). А најтешка од сите етикети е онаа за некаков синдром на самоуништување без да се запрашаат како, со таков синдром, Македонците успеале да опстојат низ вековите? Постојано се подгреваат и неединството и поделбите кај македонскиот народ што влечат корени од времето на пропагандите од соседите, со што се оневозможува општествен договор за националните потреби.
И по ова на сите треба да ни биде јасно со каква цел беше реформата во образованието, особено во општествените науки и сакатењето на стожерните предмети (историјата и македонскиот јазик) за зачувување на идентитетот на секој народ. Колапсот на образовниот систем секогаш доведува до колапс и одумирање на државата. Имено, истите тие што ни наметнуваат образовни обрасци од типот на бодовен (т.н. кредит-систем), не го применуваат тоа во нивните земји! Но тоа е така поради комплексот на нашите политичари и „интелектуалци“ кон сѐ што доаѓа од толку фалениот дури и обоготворен Запад, и нивната заслепеност и желба по секоја цена да влезат во елитниот ЕУ-клуб. Ако на тоа се додадат и политичко-административните комисии за оценување на историјата – сѐ е кристално јасно.
Наде Проева