Фото: КФМ

Првиот натпревар е на домашен терен и тој е најбитниот, без разлика на циклусот, кој ќе трае цела година. Овој натпревар ќе реши многу работи за понатамошниот настап, вели селекторот Александар Јончевски, пред дуелот од првото коло, со Естонија во Скопје, в петок

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025

Македонската кошаркарска репрезентација ги почна мини-подготовките за првите два меча, со Естонија, во Скопје (СРЦ „Кале“), в петок (19 ч.) и на гости во Полска, в понеделник, во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2025 година, во Летонија, Кипар, Финска и во Полска. Во групата Х е и репрезентацијата на Литванија. На ЕП 2025 ќе се пласираат двете најдобропласирани репрезентации од оваа група, и Полска, како еден од четирите кодомаќини на континенталното првенство.
– Четири репрезентации од кои само една нема да оди понатаму. Ако направиме математика дека Полска како домаќин сигурно оди понатаму, а дека Литванија со децении нема пропуштено европско првенство, шансата ни преостанува со Естонија. Првиот натпревар е на домашен терен и тој е најбитниот, без разлика на циклусот, кој ќе трае цела година. Овој натпревар ќе реши многу работи за понатамошниот настап – вели селекторот на македонската репрезентација Александар Јончевски.
Естонците, на чело со финскиот селектор Јука Тоијала, во Скопје доаѓаат со девет интернационалци, кои настапуваат во силни првенства во Европа, а отскокнуваат Сандер Рајесте и Маик-Калев Котсар од шпанска Басконија.
– Би бил задоволителен со каков било триумф, бидејќи се работи за репрезентација што е во подем, која има сѐ повеќе интернационалци во својот состав. Можеби годинава бројот на овие играчи е најголем, имаат девет што настапуваат во силни европски лиги. Тоа е репрезентација што можеби ќе атакува и на многу повисок пласман отколку само настап на ЕП. Како и да е, имаме свои адути, играме на домашен терен. Играчите ќе го дадат максимумот, а тоа ќе биде мотив плус и шанса за позитивен исход – вели Јончевски.
Билетите за натпреварот со Естонија се по цена од 250 денари и се пуштени во продажба на онлајн платформата „мктикетс“. Г.И.


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025, ПРВО КОЛО

Група А
Словенија – Украина утре
Португалија – Израел утре
Група Б
Исланд – Унгарија утре
Италија – Турција утре
Група Ц
Словачка – Белгија утре
Шпанија – Летонија утре
Група Д
Шведска – Бугарија утре
Германија – Црна Гора утре
Група Е
Кипар – БиХ петок
Франција – Хрватска петок
Група Ф
В. Британија – Холандија петок
Грција – Чешка петок
Група Г
Данска – Грузија петок
Србија – Финска петок
Група Х
Литванија – Полска утре
Македонија – Естонија петок