Британскиот министер за одбрана Бен Валас разговарал со лажен повикувач кој се претставил како украинскиот претседател Владимир Зеленски, пренесуваат британските медиуми. Самиот Валас откри дека бил контактиран од измамник и оти го прекинал повикот откако се посомневал дека не разговара со Зеленски.
– Беше направен обид од измамник кој тврдеше дека е украинскиот претседател да разговара со мене. Тој постави неколку збунувачки прашања и откако се посомневав го прекинав разговорот. Не постои количество на руски дезинформации и валкани трикови кои можат да одвратат од руската злоупотреба на човековите права и од нелегалната инвазија врз Украина. Очајнички обид – напиша Валас на Фејсбук по повод инцидентот.
Инцидентот во Британија потсетува на слична измама од 2019 година чија цел беше поранешниот македонски премиер Зоран Заев, на кого руските комичари Владимир Кузнецов и Алексеј Столјаров, познати како Вован и Лексус тогаш му се претставиле како поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко, и како генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во текот на нивните телефонски разговори.
Вован и Лексус: Не очекувавме дека шегата со Заев ќе биде толку голема сензација
Згора тие објавија и снимка од телефонски разговор на Заев со лажната Грета Тунберг и со нејзиниот татко кој е снимен во 2019 година. Во него се слуша како лажната Грета го наведува Заев да зборува за Доналд Трамп и за Емануел Макрон, за спорот со името и бара од него да затвори еден од двата аеродроми поради загадувањето, со што Заев се согласува. Потоа тогашниот советник на Заев, Марјан Забрчанец, соопшти дека разоткриле хибриден напад врз кабинетот на поранешниот премиер, при што бил злоупотребен идентитетот на младата екоактивистка Грета Тунберг.
Во интервју за српскиот весник „Политика“, руските комичари своевремено кажаа дека не очекувале оти шегата со Заев ќе биде толкава сензација во Македонија, како и дека освен поранешниот македонски премиер, досега не успеале да измамат некој друг функционер во текот на цела година. Тие разговрарале и со Емануел Макрон, Реџеп Таип Ердоган, Јункер, Хуан Гваидо, Мило Ѓукановиќ, Рамуш Харадинај, Борис Џонсон, Федерика Могерини Џастин Трудо…
Не е јасно како измамникот стапил во контакт со Валас, ниту пак, дали ова бил негов прв повик до британското Министерство за одбрана, со што беше соопштено дека е покрената истрага за инцидентот.
Според првичните информации на британски „Индипендент“, станувало збор за видеоповик договорен преку мејл, испратен од адреса за која се тврди дека му припаѓа на вработен во украинската амбасада во Обединетото Кралство. Пораката била испратена до оддел на британската влада, а потоа проследена до министерството за одбрана, спроед извори блиски до Валас. Владините извори на британскиот весник се убедени дека станува збор за измама сторена од Русија поради софистицираниот пристап. М.Ж.