Педиополисите: Време е за меѓународна истрага!

КОЈ ЌЕ ПРОГОВОРИ ЗА ОДЗЕМЕНИТЕ ДЕЦА – АКО НИЕ МОЛЧИМЕ?

По трите колумни посветени на педиополисите, на повоените посвојувања и на луѓето што децении подоцна ја барале вистината за сопственото потекло, чувствувам потреба да објаснам како ја отворив оваа тема и зошто сметав дека треба да ја изнесам пред македонската јавност. Јас сум по професија адвокат. Истражувањето на историските процеси првенствено им припаѓа на историчарите, а откривањето и поврзувањето документи, сведоштва и институционални одговорности е работа и на истражувачкото новинарство. Токму затоа, кога документацијата стигна до мене, мојата прва намера беше да им ја предадам на луѓе што професионално би можеле да ја обработат и да ја претстават пред јавноста. Се обратив до неколку историчари и новинари. Им ја понудив документацијата и им укажав на прашањата што ги отвора. Во тие разговори се соочив со непознавање на темата и со недостиг од интерес таа да се истражи. Ова го кажувам како мое лично искуство со луѓето на кои им се обратив, без да го претворам во оценка за целата историска или новинарска професија, која особено ја ценам. Но за мене остана едно прашање: што да направам со материјалите? Да ги вратам во фиока затоа што не сум историчар? Да чекам некој друг да се заинтересира, додека луѓето за кои зборуваат документите и нивните семејства продолжуваат да живеат без одговори? Одлучив да пишувам. Да ја запознаам јавноста со изворите што ги имав на располагање и да побарам темата да добие посериозно истражување.

КАКО ДОКУМЕНТАЦИЈАТА СТИГНА ДО МЕНЕ

Материјалите ми ги даде мој пријател, кој е Евреин и води реномирана меѓународна институција. Неговиот идентитет и името на институцијата нема да ги објавувам без негова согласност. Човек што има голема симпатија и почитување кон нас Македонците. Неговото споделување на документацијата го разбирам како личен чин на доверба, а не како официјален став на институцијата во која работи. За мене беше значајно што човек надвор од нашата непосредна средина препознал дека овие материјали заслужуваат внимание. Некој ги зачувал документите и написите, некој ги истражувал, а некој сметал дека треба да стигнат и до нас. Сепак, нивната доказна вредност произлегува од самите извори: кој ги создал, кога настанале, каде се чуваат и што навистина пишува во нив. Пријателството ја отвори вратата до документацијата. Проверката на документацијата треба да ја отвори вратата до вистината. Затоа во колумните се повикував на именувани истражувачи, книги, научни трудови, весници и судски предмети. Сакав читателот да знае дека зад поставените прашања постојат извори до кои може повторно да се стигне.

ШТО ПОКАЖАА ТРИТЕ КОЛУМНИ?

Најнапред морам да истакнам дека овие колумни кај македонската јавност разбудија голем интерес. Нешто што лично и непосредно го доживеав со прашања од читатели, а во согласност со информациите што ги добив од редакцијата на „Нова Македонија“, од 12.000 до 15.000 индивидуални прегледи има на порталот на „Нова Македонија“ во зависност од колумна. Да не ги вклучуваме другите медиуми што ги презедоа овие колумни, како и печатеното издание на „Нова Македонија“.
Во првата колумна го отворивме прашањето за педиополисите — установите создадени под покровителство на кралицата Фредерика — и за положбата на македонските деца во нив. Ме интересираше што се случувало со детето по одвојувањето од домот: со неговиот јазик, името, семејните врски и чувството на припадност.
Во втората колумна се осврнавме на повоените меѓународни посвојувања, на истражувањата на Гонда ван Стин, на аферата „Скопас“ и на американските новинарски и судски записи. Во средиштето беше прашањето како биле утврдувани околностите под кои едно дете станувало достапно за посвојување. Кој ги проверувал податоците за родителите? Како била обезбедувана нивната согласност? Што се случувало кога судската одлука се темелела врз спорни информации?
Во третото продолжение, „Антропологија на иронијата“, вниманието го насочивме кон „Агиос Стилианос“, кон објавените приказни за спорните евиденции и кон потрагата на посвоените лица по сопственото потекло. Случајот на Ефтихија Нула го постави човечкото прашање зад секое досие: што значи да пораснеш со една приказна за својата мајка, а подоцна да откриеш дека таа приказна не била вистинита?
Овие теми бараат внимателно поврзување. Педиополисите, повоените посвојувања се комплексни процеси, како општествени така и индивидуални! Не значи дека секое дете родено во Грција било Македонче, можеби било Влавче, можеби Албанче, а можеби и Гркинче. Но факт е дека мнозинството биле Македонци! Исто така не значи дека секое посвојување било незаконско. Врските меѓу установите, постапките и поединечните судбини мора да се утврдат со документи и делотворни истраги. Токму таму започнува задачата за професионалното истражување што го побарав уште пред да ја објавам првата колумна. Сметам дека литературата и документарните извори наведени во трите колумни даваат посебен кредибилитет и основа за започнување меѓународна истрага (Loring M. Danforth и Riki Van Boeschoten, Children of the Greek Civil War: Refugees and the Politics of Memory, University of Chicago Press; особено поглавјата „The Paidopoleis of Queen Frederica“ и „Children of the Paidopoleis“; Gonda Van Steen, истражувањата за повоените посвојувања од Грција, вклучително трудот The Face of Forced Consent in Postwar Adoptions from Greece: What Does It Look Like?; Eirini Papadaki, Unwed Pregnancy and Adoption in Postwar Greece (1950–1983), Journal of Modern Greek Studies; The New York Times: „New York Is Cited as a Baby Market“, 6 јануари 1959 година; „Scopas Arrested in Sale of Babies“, 5 мај 1959 година; Chicago Daily Tribune, „Greeks Probe Procedures of Adoption“, 1 јули 1959 година, со известување на Reuters; Los Angeles Times, „Greek Americans Fear They May Have Been Black-Market Babies“, 29 септември 1996 година, со известување на Associated Press; ΤΑ ΝΕΑ — „Та неа“, написите за „Агиос Стилианос“, архивските евиденции, истрагите и потрагите по биолошки родители, наведени во третата колумна: 9 ноември 1998 година, 13 јануари 1999 година, 10 февруари 2001 година и дополнителните известувања од 2000 и 2002 година; Судските предмети People v. Issachar и People v. Scopas, разгледувани во врска со посредувањето и признавањето на посвојувањата извршени во Грција; Сведоштвата на Ефтихија Нула — Линда Керол Тротер и материјалите поврзани со The Eftychia Project).

ДОКУМЕНТАЦИЈА ПОСТОИ И ВО АРХИВИТЕ НА ЦРВЕНИОТ КРСТ

За педиополисите постои јавно документирана трага до архивите на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (во понатамошниот текст со кратенка – МКЦК) во Женева. Покрај неа, во грчките архивски каталози се наведени и конкретни фондови на самите установи: службена преписка, извештаи, ученички регистри, лични досиеја и картички на децата. Тоа ни овозможува прашањата од претходните колумни да ги насочиме кон точно определени документарни извори.
На 28 септември 2014 година, Центарот за еколошко образование во Филипијада организирал средба за педиополисот Зирос. Станува збор за некогашната установа „Свети Александар“, крај езерото Зирос, во областа Превеза во Епир. Центарот ја најавил средбата во просториите на поранешниот педиополис, каде што и самиот бил сместен. Во програмата било предвидено излагање на Клод Ноар за истражувањето на педиополисите во архивите на Меѓународниот црвен крст во Женева.
Што конкретно најавил организаторот? Нови сознанија од архивското истражување во Женева, историски преглед на периодот, образложение за прогласувањето на педиополисот за историско место и усни сведоштва на поранешни ученици и вработени. Била најавена и публикација за природното и културното наследство на езерото Зирос, со посебен дел за установата „Свети Александар“.
За самиот Зирос постои уште поконкретен податок. Во грчкиот Национален архивски каталог е заведен фондот на педиополисот „Свети Александар“ — Зирос, Филипијада, со ознака GR GRGSA-PRE ADM028.01, за периодот 1948–1966 година. Неговиот опис наведува деловодни протоколи, влезна и излезна преписка, преписка на децата, административни извештаи, лични досиеја и картички на децата. Ова се категории чијашто зачуваност ја потврдува самиот каталог. Фондот е во грчката архивска мрежа; не треба да го претставуваме како фонд на МКЦК во Женева.
Значењето на тие записи е големо. Личното досие може да овозможи следење на животниот пат на детето. Преписката може да покаже со кого комуницирало и каква врска одржувало со семејството. Службените извештаи можат да помогнат да се утврди како функционирала установата и кој одлучувал за децата. Што точно открива секој документ ќе покаже неговото читање, но постоењето на овие архивски категории веќе е утврдено.
Дополнителна документација е достапна преку Arolsen Archives, меѓународен архивски и истражувачки центар во Бад Аролзен, Германија. Институцијата потекнува од Меѓународната служба за потраги, основана во 1948 година, и првенствено ја документира судбината на жртвите и преживеаните од нацистичките прогони. Нејзината долгогодишна работа опфаќа разјаснување човечки судбини и помагање на семејствата да пронајдат информации за своите блиски.
Во нејзината збирка 7.12, под референтен код 11000632, се наоѓа единицата „Граѓанската војна во Грција, документи 831–938, 1949“. Таа е каталогизирана во архивската серија на МКЦК. Описот наведува документи за депортирани лица и заложници, активности на Црвениот крст, репатријација на деца и доенчиња, извештаи од посети на затвори и преписка со други делегации на Црвениот крст и меѓународни институции.
Репатријација значи враќање во земјата на потекло или државјанство — во овој контекст, враќање деца во Грција. Тој административен поим сам по себе не кажува дали секое дете веднаш им било предадено на родителите, ниту ја определува неговата етничка припадност.
Каталогот ги опишува страните во преписката општо; не ги наведува поединечните испраќачи, примачи и содржината на секое писмо. Затоа од овој опис не можеме да изведеме конкретно тврдење кој кому му наредувал преместување или кој одбивал родителско барање. Наводот дека оригиналите се во Женева ја означува нивната локација, додека Arolsen овозможува пристап до репродуцирани материјали во својата збирка.
За подлабоко разбирање на педиополисите, оваа документација треба да се спореди со досиејата на самите установи. Така може да се утврди дали одделно дете се појавува во повеќе евиденции, каде престојувало и кога повторно воспоставило семејна врска. Особено е значајно да се испита како во тие записи биле заведувани македонските деца, нивниот јазик и потекло.

ЗОШТО ОВА Е ВАЖНО ЗА НАС КАКО НАРОД?

Затоа што историјата на еден народ ја сочинуваат и животите на неговите деца. Кога се поставува прашање за присилно одвојување, губење на јазикот или прикривање на потеклото, се поставува и прашањето како била прекинувана врската меѓу генерациите.
За македонските семејства засегнати од овие настани тоа е прашање на лична вистина. За нашата историска наука е прашање на неистражени или недоволно поврзани извори. За државата е прашање дали ќе им помогне на луѓето да дојдат до документите за сопствениот живот.
Да се истражува оваа тема значи да се утврдат конкретни постапки и одговорности. Одговорноста мора да се врзува за докажани дејства на лица и институции, без да се претвора во колективна вина на денешните генерации.
Точноста тука е наша обврска. Секоја непоткрепена генерализација може да им наштети токму на луѓето чии судбини сакаме да ги расветлиме.

МАКЕДОНСКИТЕ ИНСТИТУЦИИ СЕ НА ПОТЕГ — ВРЕМЕ Е ЗА МЕЃУНАРОДНА ИСТРАГА!

По објавувањето на овие сведоштва, истражувања и архивски упатувања, македонските институции треба јавно да одговорат: дали ќе преземат нешто за да се утврди вистината за судбината на македонските деца?
Министерството за надворешни работи треба да поведе официјална иницијатива за пристап до релевантната документација во Меѓународниот комитет на Црвениот крст и во странските архиви. Државниот архив треба да го организира нејзиното прибирање и зачувување. Институтот за национална историја, МАНУ и универзитетите треба да обезбедат стручна обработка, а правните експерти да ги испитаат можните повреди и одговорности. Владата треба да обезбеди средства, јасни рокови и обврска резултатите да бидат објавени.
Семејствата заслужуваат конкретна адреса на која ќе можат да достават документи, да остават сведоштво и да побараат помош. Секое зачувано писмо, секој запис за прием во установа и секое лично досие може да помогне да се реконструира нечиј живот. Времето е важно: сведоците стареат, сеќавањата исчезнуваат, а со нив се губи можноста документите да се поврзат со луѓето за кои зборуваат.
Македонија треба да иницира независна меѓународна истрага за утврдување на фактите, со историчари, архивисти и правници од повеќе држави. Нејзиниот мандат треба да опфати конкретни прашања: кои деца биле одвоени од семејствата, под какви околности, кој одлучувал за нивното сместување и преместување, што се случувало со нивниот јазик и идентитет и дали им било овозможено враќање кај родителите.
Треба да се испита и дали постоела поврзаност меѓу одвојувањето, институционалното воспитување, промените во евиденциите и одделните посвојувања. Секоја таква врска мора да се докаже. Токму затоа се потребни независни истражувачи, пристап до изворите и јавен, образложен извештај.
Со подготвено доказно досие, македонската дипломатија треба да побара меѓународна поддршка и да ја отвори темата пред надлежните тела на Обединетите нации. За механизам под покровителство на ОН е потребен соодветен мандат. Наша задача е да изградиме аргументирана иницијатива и да побараме таа да биде разгледана.
Во нејзиното средиште мора да стои и најтешкото прашање: дали врз македонските деца биле извршени дејства што ги исполнуваат елементите на геноцид над Македонците? Членот II, точка (е), од Конвенцијата за геноцид го опфаќа присилното пренесување деца од една заштитена група во друга. За квалификацијата геноцид мора да се докаже и посебната намера групата, како таква, да биде уништена целосно или делумно. Истрагата треба да ги испита и дејствата и намерата, со внимателна оцена на применливото право, временскиот опфат и можната судска надлежност.
Ако доказите укажат на геноцид, тој заклучок мора јасно да биде образложен и јавно изнесен. Ако не го потврдат, мора точно да се именуваат другите утврдени повреди и нивните последици. Вистината за едно одземено дете не ја губи својата важност поради правната квалификација до која ќе доведе истражувањето.
Ја објавив оваа приказна затоа што сметав дека документацијата што стигна до мене заслужува јавност, проверка и институционален одговор. Како адвокат и како Македонец, го поставувам прашањето што сега им го упатувам на надлежните: кој ќе ја преземе одговорноста да ја поведе оваа иницијатива и кога?
Овие колумни завршуваат. Обврската да се утврди вистината останува.
Децата од оваа приказна не можеле да избираат кој ќе одлучува за нивната судбина. Ние денес можеме да избереме дали ќе молчиме.
Македонија треба да побара меѓународна истрага. На семејствата им должиме одговори. На одземените деца — вистина што нема повторно да биде оставена во фиока.

Тони Менкиноски