Фото: Принтскрин

Политикологот Синиша Пекевски за вчерашниот инцидент во Собранието

Инцидентот во Собранието на Бугарите им дава прилика да поставуваат небулозни барања, гледајќи со кого имаат работа, а однесувањето на пратениците покажува дека се недостојни на функцијата што ја извршуваат. Вака политикологот Синиша Пекевски го коментира вчерашниот инцидент во македонското Собрание при кој Арбер Адеми од ДУИ фрлаше предмети кон колегите од опозицијата, по жестоката расправија и нивниот обид да ја прекинат седницата на Комисијата за европски прашања (КЕП). Физичката пресметка во Собранието се забележува на видеоснимките од инцидентот што беа споделени на социјалните мрежи и во медиумите.

– Ова е пример зошто никој не нѐ сака во свое друштво и како самите сме дивјаци. Пратеници што треба да бидат претставници на законодавната власт да фрлаат со филџани и да се пресметуваат во Собранието… Ваквиот инцидент покажува и зошто Бугарија инсистира нa небулозни барања, а однесувањето на македонските пратеници се одразува и на начинот на кој Бугарите поставуваат се повеќе барања додека не попуштиме, гледајќи со кого имаат работа – истакнува Пекевски.

Синиша Пекевски/Фото: Приватна архива

Фрлените филџани во Собранието одекнаа и во регионот

Тој смета дека ситуацијата на политичката сцена ќе продолжи да се заострува со оглед на бројните проблеми со кои се соочува општеството.

– Не гледам смирување на ситуацијата, таа само ќе се заострува. Луѓето се нервозни, нема пари во државата, политичарите се под огромен притисок да ги исполнат и ветувањата дадени во самите партии, додека истовремено цените се зголемуваат и животот се влошува. Пратениците ја манифестираат ваквата ситуација на најлош начин, при што покажуваат дека се недостојни за функцијата што ја извршуваат – категоричен е Пекевски.

Инцидентот предизвика бурни реакции, засилувајќи ги меѓупартиските тензии. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара Адеми да поднесе оставка на пратеничката функција, а потоа да одговара за нападите врз пратениците, тврдејќи оти „Адеми имал намера да нанесе физички повреди, што се забележува и на снимките“. СДСМ, пак, обвинува оти ВМРО-ДПМНЕ не сака решавање на проблемот со недостатокот на судии. М.Ж.

Милошоски поднесе кривична пријава против Азири по фејсбук-објавата за „кршење раце и нозе“