Ѓорче Петров – икона на борбата за независна македонска држава

По повод 101 година од смртта на големиот македонски револуционер

На страниците на македонската историја, Ѓорче Петров останува засекогаш забележан со златни букви како еден од најголемите водачи и идеолози на македонското револуционерно движење кон крајот на 19 век. Бил главен застапник за самостојност на македонското револуционерно движење и главен противник на дипломатијата и политикантството. Со својата револуционерна активност се пројавил како противник на бугарската државна политика кон Македонија и нејзино приклучување кон бугарската држава. Како идеолог, заедно со Гоце Делчев го создава првиот устав на Македонската револуционерна организација (МРО). Туше Влахов, кој и самиот бил вклучен во македонското револуционерно движење, во својата книга пишува дека при изработката на споменатиот устав, Гоце Делчев и Ѓорче Петров ги внеле своите крајно радикални идеи – повикувале на обединување на сите Македонци.
Поради своите македонски определби и принципи, од страна на непријателите на македонската кауза бил навредуван со зборовите „изрод“ и „гад“, или како „македонскиот велзевул Ѓорче Петров“.
Ѓорче Петров бил антагонистички настроен кон црковната и училишната политика на Бугарската егзархија во Македонија. Во однос на оваа проблематика, Ѓорче Петров во своите спомени вели: „Немаше владика или повиден егзархиски учител, којшто не беше подложен на напади и гонења од страна на населението“. Понатаму, тој додава дека ова движење се појавило истовремено со напливот на македонското национално самосознавање, што меѓу другото било изразувано преку списанието „Лоза“ во Софија, а во Солун помеѓу учителите во гимназијата. Според него, во почетокот на револуционерното дело во Македонија, водечко и најзначајно учество имале истите оние луѓе што ја воделе борбата против егзархијата.
По основањето на МРО, бугарските политичко-општество кругови се обидуваат да ја преземат македонската организација преку егзархијата. Од нивната дејност ќе произлезе Бугарското тајно братство, предводено од Бугаринот Иван Гарванов. Членовите на Братството се обидувале да ја попречат дејноста на МРО, а во крајна мера и да го преземат раководењето со македонското движење. Ѓорче Петров е противник на Братството и неговата политика. Ова се потврдува во писмото на Иван Гарванов, од 12 јуни 1899 година, во кое се вели: „За нас е несомнено дека оној изрод и гад Ѓорче Петров е најсреќно избрано лице, преку кого ги спроведуваат своите намери Иван Хаџи Николов и Татарчев“. Меѓу другото, Иван Гарванов во писмото пишува и за „сепаратизмот“ и „македонштината на интелигенцијата“.

Заминувањето во Софија како задграничен претставник

По барање на Гоце Делчев, Ѓорче бил испратен во Софија како задграничен претставник на Македонската револуционерна организација (МРО). Тие двајца, Ѓорче Петров и Гоце Делчев, како задгранични претставници, се обиделе да пронајдат сојузници што би можеле да му помогнат на македонското револуционерно движење. Во овој правец се и контактите на Ѓорче со претставниците на бугарската влада. Но поради антимакедонското поведение на бугарските министри, тој заклучил дека бугарската влада сакала да ги искористи за свои цели.
Затоа, Ѓорче Петров решава да бара сојузници на друга страна и стапува во контакт со бугарските офицери, учесници во Мелничкото востание од 1895 година, со намера да ги искористи за целите и потребите на македонското движење. Како резултат на оваа активност, за претседател на Врховниот македонски комитет е избран Борис Сарафов, кој ветил дека ќе дејствува унисоно со задграничните претставници.
За обележување е дека Ѓорче Петров и Гоце Делчев преку сојузот со Борис Сарафов успеале да го обединат македонското револуционерно движење, за создавање македонска држава. Но токму таквото усогласување на ставовите предизвикало реакција од бугарскиот двор и влада. Затоа, бугарската политичка елита преку бугарскиот генерал Иван Цончев се обидува директно да го преземе Врховниот македонски комитет, а со тоа, индиректно, и целото Македонско револуционерно движење.


Ѓорче Петров решително се спротивставил на таквата бугарска политика и меѓу другите чекори што ги презел, ја објавил и брошурата „Македонското ослободително дело на бугарска почва“ во весникот „Право“. Во брошурата истакнал дека македонските друштва, македонските комитети и воопшто македонското дело во Бугарија, во својата крајна цел се чисто револуционерни и несообразни со државничките начела на управниците во Бугарија. Според Ѓорче Петров, најконзервативните, најфанатичните сепаратисти државници, најекстремните цареви поданици не само што се мешале во комитетите и друштвата туку и активно учествувале во нив. Ѓорче исто така забележува дека колку што новиот развој на настаните започнал да прогресира, толку повеќе се засилувале мерките. Кога организацијата изјавила дека сака да живее самостоен живот, мерките станале крајно лоши и неповолни по Македонците.
Ѓорче согледал дека бугарските владетели со своето поведение кон македонското прашање, „во своите души со ништо не се разликувале од австриските, грчките и српските – кои на Македонија гледале како на погодно тло за иден грабеж“.

До крајот на својот живот останал приврзаник на идејата за македонска
независна држава

Непосредно пред започнувањето на Илинденското востание, Ѓорче Петров заедно со Делчев се спротивставува на концептот за масовно востание. Како противтежа на масовното востание, Ѓорче го претставува концептот за перманентно востание. Со овој концепт, Ѓорче се надевал дека МРО ќе може да издејствува автономија без да се влегува во дипломатски врски со надворешни државни фактори.
По завршувањето на Илинденското востание, во редовите на Македонската револуционерна организација се оформуваат две групации, кои се именуваат како радикална и конзервативна. Меѓу инспираторите на првата група биле Димо Хаџи Димов и Антон Страшимиров и други, а како заштитници на принципите на оваа групација – демократските начела и децентрализацијата, се пројавиле Ѓорче Петров и Пере Тошев. Ѓорче се нашол во оваа групација затоа што идеолошки припаѓал таму, при што дошол во судир со Даме Груев и Христо Матов, но од принципиелна природа, а не од лична. Важно е да се истакне дека Ѓорче Петров и Делчев ја исклучувале варијантата за бугарска воена интервенција во Македонија. Сите тие се залагале за децентрализацијата, затоа што на тој начин ќе се изолирале дејци од типот на Иван Гарванов и ќе се спречеле бугарските концепти, кои биле спротивни од принципите на МРО.
По Балканските војни и Првата светска војна, се повлекол од активно учество во македонското револуционерно движење. Но до крајот на својот живот останал приврзаник на идејата за македонска независна држава, противник на бугарската политика кон Македонија и заштитник на македонските идеали и принципи. Ѓорче Петров е убиен на 28 јуни 1921 година во Софија, по наредба на Тодор Александров. Д. Ст.