Се чини дека во една таква застојана „статус кво“ ситуација околу проширувањето, Грција повторно сака да се наметне како лидер на Балканот што ќе го надгледува и ќе го менаџира овој процес. Атина направи сличен чекор пред 20 години, кога на самитот во Солун, Европската Унија и Западен Балкан поставија јасна цел за интеграција на целиот регион во Унијата. Поминаа нешто повеќе од 20 години, а од оваа оптимистички поставена цел нема ништо. Единствено Бугарија, Романија и Хрватска станаа членки, што претставува недоволен и разочарувачки резултат за граѓаните на другите шест држави на Балканот

Лидерите од земјите од Западен Балкан
на неформална вечера во Атина

Во време кога Европската Унија е сериозно погодена од војната во Украина, прашањето за проширувањето повторно е ставено „ад акта“ по малиот проблесок со доделувањето на кандидатски статус на Украина и на Молдавија минатото лето и најавите дека процесот ќе заживее.
Имајќи предвид дека овој европски парламентарен состав влегува во последната година од мандатот, малку е веројатно дека на неговата агенда ќе се најде проширувањето откако стана јасно дека војната во Украина нема да заврши брзо, а ЕУ е убедена дека нестабилноста нема да се прелее на нејзина територија.
Затоа сите сили во Брисел сега се многу повеќе насочени кон претстојните избори отколку кон процесот на проширување, за кој единствени што говорат дека е жив се македонските политичари, кои и натаму веруваат дека 2030 година е реален датум за полноправно членство на земјава во Унијата.
Оптимизмот на домашните политичари во власта не го делат многубројните европски гости што изминатиот период ја посетија Македонија, кои поучени од досегашните негативни искуства, сега не даваат никакви ветувања што не можат да ги исполнат, особено не ветување за брзо членство.
Се чини дека во една таква застојана „статус кво“ ситуација околу проширувањето, Грција повторно сака да се наметне како лидер на Балканот што ќе го надгледува и по свој терк ќе го менаџира овој процес. Атина направи сличен чекор пред 20 години, кога на самитот во Солун, Европската Унија и Западен Балкан поставија јасна цел за интеграција на целиот регион во Унијата.
Поминаа нешто повеќе од 20 години, а од оваа оптимистички поставена цел нема ништо. Единствено Бугарија, Романија и Хрватска станаа членки, што претставува недоволен и разочарувачки резултат за граѓаните на другите шест држави на Балканот, кои сега одеднаш се најдоа во ист пакет со Украина и Молдавија, иако 20 години го усогласуваат сопственото законодавство со она на Унијата, а Србија и Црна Гора преговараат без некаков посебен резултат повеќе од 10 години.

Грција сега се обидува да ја „излечи“ таа фрустрација на балканската шесторка со нова иницијатива за заживување на проширувањето и затоа вечерва во Атина ќе се одржи неформална средба, вечера, на лидерите на земјите од Западен Балкан со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, по повод одбележувањето 20 години од „Декларацијата во Солун“. Како што јавуваат грчките медиуми, на денешната средба во Атина е најавено присуство и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. На неформалната вечера ќе учествуваат и лидерите на земјите од регионот што се членки на ЕУ: премиерите на Бугарија, Николај Денков, на Хрватска, Андреј Пленковиќ, и на Романија, Јон-Марсел Чиолаку, последните земји што влегоа во Унијата по Солунската декларација.
– Иницијативата Мицотакис да ги покани лидерите од Западен Балкан и земјите-членки на ЕУ во замокот „Максимос“ на вечера – неформална дискусија за проширувањето и европската иднина на регионот, ја нагласува улогата на Грција како столб на стабилност, мир и енергетска безбедност на Балканот и во Југоисточна Европа – велат извори од кабинетот на грчкиот премиер за грчката државна новинска агенција.
Аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека потегот на Мицотакис да ги покани лидерите на земјите од Западен Балкан на неформална вечера е исклучително добро осмислен чекор.

– Мицотакис неодамна победи убедливо на изборите во Грција, има комоција дома и сега сака да се наметне како лидер на Балканот што ќе ги менаџира (држи под контрола) процесите. Грција го направи истото тоа на солунскиот самит во 2003 година, но не можеше да биде предводник на проширувањето кога самата го кочеше целиот процес, особено со блокадата на Македонија и притисокот таа да го смени уставното име. Сега, откако со Преспанската спогодба ова прашање делумно се затвори, Мицотакис сака повторно да ја позиционира Грција како главен фактор на Балканот и еден вид посредник на земјите-кандидати со ЕУ. Колку е реално да се случи проширувањето во краток рок е прашање, но лично сметам дека Унијата ќе го форсира проектот со две лиги, во едната ќе бидат актуелните земји-членки, додека во втората сегашните земји-кандидати, но со ограничени права – сметаат соговорниците.
Меѓу нив има и такви што се на ставот дека класични проширувања како досега нема да има.
– Мицотакис е прагматичен политичар и знае дека ЕУ повеќе нема да се шири на начин како што досега го правеше тоа. Затоа на Македонија ѝ беа наметнати услови што немаат никакви допирни точки со Копенхашките критериуми, туку билатералните бугарски условувања станаа дел од преговарачкиот процес. Тоа јасно говори дека пред нас е процес што води кон неизвесност или, некаква поинаква европска рамка што не е оваа класичната, што сите ја гледаме. Затоа Грција во една таква констелација на околностите сака да се наметне како лидер во регионот – посочуваат соговорниците.


Декларацијата од Солун даде надеж за големото проширување што никогаш не се случи

Оваа неформална средба е закажана по повод 20-годишнината од Декларацијата од Солун на самитот ЕУ – Западен Балкан, што во суштина го отвори патот за интеграција на многу земји од регионот во ЕУ.
Поврзување на перспективата за членство со почитувањето на основните вредности на ЕУ од страна на државите од Западен Балкан, но и со регионалната соработка, процесот на стабилизација и асоцијација (ПСА) ќе биде рамката на процесот на интеграција сѐ до членството во ЕУ, беа дел од основните постулати на Солунската декларација.
Со неа се унапреди процесот на набљудување и оцена преку годишните извештаи по моделот на оние за источните кандидати и се воведоа европски партнерства, како документ што треба да ги води реформите. Се воведоа редовниот економски дијалог и инструментите за пристапна помош КАРДС и ИПА.


Трајанов со три барања се обраќа до ЕУ

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, ги упати следните барања до Европската Унија и до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен:
Прво, Советот на Европската Унија да донесе одлука со која ќе ја обврзе Бугарија да ги спроведе одлуките на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, да им дозволи регистрација на здруженијата на Македонците во Бугарија за негување на нивните идентитетски, јазични, културни и други особености.
Да се обезбеди реципроцитет.
Второ, Советот на Европската Унија да ги изостави од преговарачката рамка билатералните прашања или најмалку да донесе одлука со која ќе се дадат гаранции дека билатералните прашања не можат да бидат основа за блокада на Македонија на патот кон ЕУ.
И трето, Советот на ЕУ да донесе одлука за тоа дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик по приемот на Македонија во ЕУ.
– Очекувам зад овие три клучни барања да застанат сите политички партии, претседателот Стево Пендаровски и Владата на Република Македонија – истакна Трајанов.