Фото: ЕПА

Како што пишуваат косовските медиуми, во една од последните афери на косовскиот премиер Албин Курти е фотографијата на која тој е со советникот и сопартиец во Самоопределување, Бесник Мујечи. Имено, Мујечи неодамна беше уапсен во Албанија со уште четири лица, кои беа основано осомничени дека се вмешани во шверц на дрога. Наркотиците одземени при лишувањето од слобода на осомничените се проценуваат дека се во вредност од околу 400.000 евра, а имало дури 11.300 дози екстази.
Претседателот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, побара од премиерот Курти соодветно да реагира на апсењето на советникот Мујечи.
– Курти досега беше на страната на обвинетите за корупција. Добро би било сега да се огласи за да го знаеме неговиот став – рече Харадинај.
Министерката за правда, пак, Албулена Хаџију, обидувајќи се да го дистанцира премиерот Курти од луѓето инволвирани во овој кривичноправен настан, рече дека „одговорноста е индивидуална и дека Мујечи ќе ја добие казната што ја заслужува според законот“ и ја обвини опозицијата дека го користи ова во функција против премиерот Курти.
Деновиве, токму ова е главна тема во Приштина, при што во медиумите премиерот Курти се става во директна корелација со наркодилери. Но во Косово ова не е прв настан во чиј центар беа соработниците на премиерот Курти од најтесното опкружување, а поврзани за криминал и корупција.
Имено, претходно беше уапсен и директорот на косовската енергетска корпорација, Нагип Красниќи, поради злоупотреба на службената положба и судир на интереси. Потоа амбасадорот на Косово во Хрватска, Мартин Беришај, е осомничен дека проневерил милионски суми, а имаше и скандали со трговијата со нафта и брашно од државните резерви…
Неодамна Армед Мехај поднесе оставка од функцијата министер за одбрана, а иако официјалната верзија е дека тоа го направил од семејни причини, се шпекулираше дека тоа е токму поради конфликтот со премиерот Курти.
Во секој случај, медиумите во Косово ја издвојуваат изјавата на Курти пред да дојде на власт кога тој рече дека му се доволни пет советници, а сега има 38. Неговиот прв соработник и вицепремиер Бесник Бисљими има 18 советници, министерот за надворешни работи т.н. Косова Доника Гервала, 21. Р.Н.М.