Неодамнешната демонстрација на избор на прв човек на државата во Собранието, направена од страна на ДУИ на првиот ден од почетокот на кампањата за парламентарните избори, само потврдува дека од оваа партија сериозно се решени во својата намера изборот на шеф на државата во парламентот да биде следна точка во нивната етничка агенда, откако претходно ги освоија функциите претседател на Собранието и премиер, така што сега им остана уште позицијата претседател на државата, која со сегашниот изборен модел тешко е остварлива во блиска иднина

Модел за избор на претседател на државата на тапет?

Македонските граѓани недвосмислено сакаат првиот човек на државата да го избираат тие на непосредни избори бидејќи на тој начин со нивниот глас тие истовремено го обврзуваат тој да биде вистински народен гласноговорник и коректор на лошите политики на која било извршна власт што ќе се оглуши на предизборните ветувања и на волјата на мнозинството граѓани.
Сето тоа нема да биде можно доколку се подлегне на притисокот на албанскиот политички блок во земјава, кој заеднички притиска претседателот да се избира во Собранието со Бадентер и на тој начин уште повеќе да се маргинализира неговата улога.
Иако албанските политичари во земјава ваквата иницијатива ја правдаат со некаква експедитивност во изборот на шеф на државата, со заштеда на средства од буџетот за организирање избори, како и со намерата тој да биде прифатлив и изгласан од сите партии, сепак во заднина се крие желбата за добивање на уште еден адут за политичко пазарење меѓу политичките субјекти, но многу повеќе за задоволување на уште еден етнички каприц од богатата палета на барања и услови со која постојано во клучни моменти за иднината на државата истапуваат политичките партии на Албанците во земјава.

Симулација или фрлена ракавица за провокација?

Неодамнешната демонстрација на избор на прв човек на државата во Собранието, направена од страна на ДУИ на првиот ден од почетокот на кампањата за парламентарните избори, само потврдува дека од оваа партија сериозно се решени во својата намера изборот на шеф на државата во парламентот да биде следна точка во нивната етничка агенда, откако претходно ги освоија функциите претседател на Собранието и премиер, така што сега им остана уште позицијата претседател на државата, која со сегашниот изборен модел тешко е остварлива во блиска иднина.
Сето ова уште еднаш покажува дека албанските политички партии во земјава настапуваат исклучиво од етнички побуди, кои немаат никаква врска со функционалност на државата, туку многу повеќе со себедокажување пред сопственото гласачко тело.
Сепак, неформалната теренска сондажа што изминатите денови ја направи „Нова Македонија“ низ десетина поголеми градови низ земјава, уште еднаш го потврди јасниот граѓански став, претседателот на државата да го избираат граѓаните на непосредни избори.
Дел од аналитичарите имаат свое мислење зошто граѓаните се за избор на шеф на државата на избори, а не во Собранието.
– Граѓаните секогаш во претседателот гледаат еден вид сопствен претставник, човек кому можат да му се обратат директно и од него да побараат да влијае врз одредени политики што тие не ги одобруваат. Од него очекуваат да стопира сѐ што е штетно за државата во согласност со неговите ингеренции, па дури и да ги моделира ингеренциите, односно да наоѓа начини како да спречи некои штетни политики, без да излезе надвор од неговите уставни надлежности. Тоа се вика умешност на владеењето, умешност да најде начин како да мотивира процеси што ќе ја принудат секоја власт да ги преиспита своите одлуки пред да ги донесе. Ако претседател избираме во Собранието, тоа нема да го има. Таквиот претседател ќе зависи само од партиите што го избрале и ќе им реферира ним, ќе биде еден вид марионета во нивните раце, протоколарна кукла што само ќе се фотографира. Дополнително, изборот на претседател во Собрание, на што инсистираат албанските партии во земјава, е само за задоволување на нивните етнички цели, а не во насока на подобро функционирање на државата. Тие ќе добијат уште една алатка за пазарење, ќе го заглават Собранието и лесно може да се случи земјата да влезе во политичка криза бидејќи нема да постои усогласеност да се избере претседател на државата. Тоа е тоа либанско сценарио, односно свесно правење либанизација на Македонија. Не сакам да верувам дека некој смислено го прави тоа – велат дел од аналитичарите.

Фото: „Нова Македонија“

Непосредните избори даваат вистински граѓански легитимитет

Според нив, актуелниот модел за избор на прв човек на државата на непосредни избори дава и друга тежина на функцијата.
– Претседателот се избира со цензус над 40 отсто, додека за избор на пратеник во Собранието нема цензус. Тоа значи дека претседателот на државата на избори добива поголем граѓански легитимитет за разлика од пратениците, кои важат за народни избраници, но на дело не го покажуваат тоа. Затоа граѓаните во изборот на претседател на непосредни избори гледаат шанса да испратат порака до актуелната власт, дека се противат на одредени политики, а претседателот треба да го артикулира тоа институционално. Од друга страна, изборот во Собранието е сценарио што полека води кон федерализација на државата бидејќи следното албанско барање чека на маса, а тоа е дводомен парламент, промена на химна, на знаме, сето она што е главно обележје на една унитарна држава – посочуваат аналитичарите.
Понатаму уште наведуваат дека и она што досега ДУИ го издејствува преку уцени и притисоци, всушност се покажа како нефункционално и дополнително го оптоварува системот.
– Инсистираа на рамковниот договор, на Бадентер, на балансер, а се покажа дека сите тие алатки се целосно нефункционални бидејќи на сметка на етничката припадност се занемари мерит-системот и институциите се наполнија со припадници на етничките заедници не затоа што знаат да работат, туку затоа што треба да пополнат одредена квота. Тоа доведе до целосен колапс на државните институции. Нема институција што работи како што треба, па затоа граѓаните бараат да се прекине со таквите лоши практики. Истото тоа се случи и со употребата на албанскиот јазик, кој повторно и покрај забелешките на Венецијанската комисија се напика на сила во употреба за да предизвика целосен хаос со кој се соочија и самите припадници на албанската заедница во земјава, кои сега наместо да завршат работа за една минута, губат време со часови на преводи и за плаќање разни дополнителни такси. Од нивна страна се проблематизираше и пописната методологија, за на крајот да добиеме нецелосни пописни резултати, поради што веќе сега дел од партиите што претендираат да ја освојат власта најавуваат нов електронски попис уште следната година оти овие резултати што сега ги добивме не се релевантни за креирање развојни политики и со тоа ѝ се прави штета на државата. Ова се само неколку примери што покажуваат дека времето на условувања и уцени е поминато и дека е потребно земјата да се ослободи од етничките стеги и да почне да функционира како секоја нормална држава, каде што ќе се гледаат квалитетот и способноста, а не етничката припадност. Нефункционирањето на државниот апарат еднакво го чувствуваат сите етникуми и на сите им е прекуглава од луѓе што не знаат да си ја вршат својата работа – посочуваат соговорниците.
Затоа уште додаваат дека треба да си остане актуелниот модел за избор на претседател на државата преку непосредни избори, за да постои некаква контрола на извршната власт бидејќи досегашните искуства покажаа дека Собранието не го прави тоа, туку се става во функција на Владата.
– Од секојдневните контакти што ги правиме со граѓаните во насока на истражување на јавното мислење за одредени прашања, мислењето на огромен број граѓани е дека претседателот не само што треба да се избира на избори туку треба и да му се зголемат ингеренциите. Една од тие нови ингеренции на кои инсистираат граѓаните е кога шефот на државата ќе стави вето на одреден закон, тој да мора да се враќа од почеток, со отворање нова јавна дебата, повторно вклучување експерти, нови комисиски расправи, па потоа да следува гласање во Собранието. Да не се случува претседателот да мора да потпишува нешто за што и самиот не се согласува, само затоа што вторпат му го пратиле на потпис и во согласност со законите мора да го направи тоа. Граѓаните сметаат и дека претседателот треба да добие поголеми ингеренции и во надворешната политика, за да не се случува некој министер на своја рака да преговара, да склучува договори и да тера агенди што се спротивни на националните интереси. Со други зборови, сите сакаат еден контролор на политиките за кои граѓаните не дале мандат. Такво нешто, ако претседателот се избира во Собранието, ќе биде невозможно, па дури и оние малку ингеренции што ги има, и тие ќе ги изгуби – заклучуваат нашите соговорници.