Зошто Европската Унија знае да замижи за човековите и малцинските права?

Колку и да звучи чудно, 76 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права и 32 години од усвојувањето на Декларацијата за малцинствата, припадниците на македонскиот народ во Бугарија немаат право да ги негуваат својата историја, култура и јазик, а немаат право ниту на организирање сопствени друштва и здруженија, кои би биле во насока на негување на особеностите на Македонците. Секоја година, на 21 април, претставниците на непризнаените македонски друштва и организации се собираат пред гробот на Јане Сандански во Роженскиот манастир и му оддаваат почит на великиот македонски деец. Низ децениите, семакедонскиот собир во Роженскиот манастир се оформи како симбол на борбата за човекови и малцински права на Македонците во Република Бугарија, но и потсетување дека една држава членка на Европската Унија и Обединетите нации ги прекршува основните човекови и малцински права, односно дека на Македонците во бугарското општество е им ускратено правото на слободна мисла и здружување

Пред 76 години, во 1948 година, Обединетите нации ја усвоија Универзалната декларација за човекови права, која го зацврсти разбирањето низ светот дека „сите човечки суштества се раѓаат еднакви по достоинство и права“. Во споменатата декларација, меѓу другото, се вели дека малцинствата имаат право да уживаат во сопствената култура и право да го користат својот мајчин јазик. Оваа декларација исто така содржи и одредени дејства што државите членки на Обединетите нации би можеле да ги спроведат во насока на создавање позитивна средина за уживање на малцинските права. Овие дејства предвидуваат охрабрување на општеството да се запознае со историјата, традициите, јазикот и културата на малцинствата, како и дека државите треба да спроведат одредени национални политики и програми во насока на унапредување на малцинските права.
Универзалната декларација за човекови права од 1948 година се оформи како основа (камен-темелник) за изградба на меѓународното право за човековите и малцинските права, кое вели дека сите ние имаме еднакво право на нашите човекови права. Овој принцип се повторува во многу меѓународни конвенции, декларации и резолуции за човекови права, кои ги признаваат универзалните права на еднаквост пред законот, заштитата на културните права, правото на учество и правото на идентитет, како и дека државите треба да ги спроведат меѓународните стандарди за почитување на човековите и малцинските права во нивните домашни правни системи и за нивно ефективно спроведување.
Статистичките податоци велат дека сите држави членки на Обединетите нации имаат ратификувано најмалку еден од вкупно деветте основни договори за човекови права, како и еден од деветте опционални протоколи, а 80 отсто од државите ратификувале четири или повеќе. Ова значи дека државите имаат обврски и должности според меѓународното право да ги почитуваат, штитат и да ги исполнуваат човековите права. Овие обврски и должности определуваат дека државите мора да се воздржат од мешање или ограничување на уживањето на човековите права, државите мора да ги заштитат поединците и групите од кршење на човековите права, државите мора да преземат позитивни активности за да го олеснат уживањето на основните човекови права.

Меѓутоа потпишувањето или ратификацијата на одделни меѓународни конвенции, декларации или резолуции за човекови права, по автоматизам не водат кон почитување на човековите и малцинските права. Карактеристична потврда за ова е Република Бугарија, која е членка на Обединетите нации, но не ја почитува Универзалната декларација за човекови права, како и Декларацијата за малцинствата на Обединетите нации од 1992 година, која вели дека државите членки на ОН треба да ги промовираат и заштитуваат правата на националните или етничките, верските и јазичните малцинства. Со други зборови, Република Бугарија го прекршува меѓународното право за човековите и малцинските права, односно меѓународното право на припадниците на македонскиот народ што се родени и живеат во Република Бугарија.
Колку и да звучи чудно, 76 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права и 32 години од усвојувањето на Декларацијата за малцинствата, припадниците на македонскиот народ во Бугарија немаат право да ги негуваат својата историја, култура и јазик, а немаат право ниту на организирање на сопствени друштва и здруженија, кои би биле во насока на негување на особеностите на Македонците. Секоја година, на 21 април, претставниците на непризнаените македонски друштва и организации се собираат пред гробот на Јане Сандански во Роженскиот манастир и му оддаваат почит на великиот македонски деец. Низ децениите, семакедонскиот собир во Роженскиот манастир се оформи како симбол на борбата за човекови и малцински права на Македонците во Република Бугарија, но и потсетување дека една држава членка на Европската Унија и Обединетите нации ги прекршува основните човекови и малцински права, односно дека на Македонците во бугарското општество е им ускратено правото на слободна мисла и здружување. И покрај многубројните пресуди на Европски суд за човекови права од Стразбур во полза на македонското малцинство, Бугарија како држава и општество и понатаму одбива да ги спроведе. Доколку се земе предвид дека Европската Унија се заснова на слободата и почитувањето на човековите права, би требало да се очекува дека Брисел ќе изврши одредени влијанија врз Софија за почитување на човековите и малцинските права на Македонците од Бугарија, но овие дејства изостанаа.
Но непочитувањето на човековите и малцинските права на Македонците добија и една друга поголема и апсурдна димензија, кога Бугарија како држава, нација и општество започна да ги прекршува и човековите права на сите Македонци без разлика дали живеат во Македонија, Албанија, Грција или во Косово. На еден најгруб начин, официјална Софија го негира постоењето на македонските национални особености – јазик, историја, култура, обичаи итн., а Брисел и европските институции и понатаму молчат. Во услови кога Бугарија како држава и општество не го почитува меѓународното право за човековите и малцинските права, потребна е проактивност од страна на македонските политички субјекти, особено во пресрет на претседателските и парламентарните избори во Македонија. Македонските партии, без разлика на идеолошката припадност, треба јасно да го образложат својот став за ова прашање пред македонските гласачи, а не како што се вели народски – да го кријат под тепих. Проактивноста за човековите и малцинските права на Македонците во Република Бугарија од наша страна, како држава и општество, позитивно ќе се одрази и во заштитата на македонските национални особености.

Можеби нештата понекогаш изгледаат премногу сложени, но во оваа ситуација, Македонија како држава, нација и општество може да го постави принципот на реципроцитет. Македонската држава, која ги почитува човековите и малцинските права на сите свои граѓани, вклучувајќи ги и припадниците на бугарската заедница, може да побара од Софија и Брисел почитување на меѓународното право. Притоа треба да се потсети Брисел дека кога Република Бугарија ги прекршува малцинските права на Македонците, всушност тоа е прекршување на меѓународното право од страна на самата Европска Унија. Редно време е Македонија како држава и нација да изгради јасен став за македонското малцинство во Република Бугарија, јасно да се посочат двојните стандарди на Брисел, но и да се постави прашањето – зошто Европската Унија си дозволува да замижи и да не го почитува меѓународното право за човековите и малцинските права (односно, кој е тој нејзин повисок интерес). И мајката во Брисел да не почитува, а и децата воспитани во тој дух, во Софија, Атина… итн.