Фото: ЕПА

Игрите во 1924 година беа последни организирани под водство на Пјер де Кубертен, претседател на ИОК и човек што ги оживеа Игрите на крајот на 19 век. Спортските федерации почнаа сериозно да ги сфаќаат Игрите, стандардизирајќи ги правилата за натпреварување, а олимписките организации во многу земји воведоа процес на квалификации за да се осигурат дека најдобрите спортисти ќе бидат испратени да се натпреваруваат. Додека ЛОИ 2024 ќе изгледаат и ќе се чувствуваат далеку од нивниот предок, бидејќи Париз пречекува 10.500 спортисти што ќе учествуваат во многу спортови и ниту еден од нив нема четка за сликање, изданието од 1924 помогна да се покаже патот кон глобалниот спектакл по кој се препознаваат ЛОИ денес

Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава одбележуваат 100 години откако француската престолнина последен пат беше домаќин на Игрите, кои оттогаш многу се променија. Од уметнички натпревари до спринтови што ја лансираа легендата на Огнените кочии, ЛОИ 1924 беа Игри со многу први и последни, пишува „Би-би-си“. На ЛОИ 1914 се натпреваруваа 3.089 спортисти во 126 настани во 17 спорта, но, сега, еден век подоцна, Игрите станаа огромни. Во Париз годинава ќе има 329 натпревари за медали во 32 спорта. Многумина отпаднаа од олимписката програма и многу други беа воведени, рекордите беа постојано соборувани, а технологијата и инфраструктурата се развија до непрепознатливост.
Игрите во 1924 година беа последни организирани под водство на Пјер де Кубертен, претседател на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и човек што ги оживеа Игрите на крајот на 19 век. Спортските федерации почнаа сериозно да ги сфаќаат Игрите, стандардизирајќи ги правилата за натпреварување, а олимписките организации во многу земји воведоа процес на квалификации за да се осигурат дека најдобрите спортисти ќе бидат испратени да се натпреваруваат. Додека ЛОИ 2024 ќе изгледаат и ќе се чувствуваат далеку од нивниот предок, бидејќи Париз пречекува 10.500 спортисти, кои ќе учествуваат во многу спортови и ниту еден од нив нема четка за сликање, изданието од 1924 помогна да се укаже патот кон глобалниот спектакл по кој се препознаваат ЛОИ денес.
Записите од 1924 година покажуваат дека 19.052 гледачи се собрале на Олимпискиот стадион, инаку познат како „Стад де Коломб“, за да бидат сведоци на церемонијата на отворањето на Игрите. Стадионот во северозападното предградие на Париз беше реновиран за Игрите и беше место за натпревари во атлетика, фудбал и во рагби. Сто години подоцна, церемонијата на отворање годинава ќе биде екстравагантна, забавна и уникатна прослава. Многу чамци ќе пловат шест километри по Сена низ Париз, со секој олимписки тим на својот брод, поминувајќи ги познатите градски знаменитости додека пристигнуваат со стил. Според бројките од неодамнешните ЛОИ, церемонијата најверојатно ќе ја следат близу една милијарда телевизиски гледачи низ светот. Каква разлика прави еден век, пишува „Би-би-си“.

Вкупно 625.000 гледачи ги следеа настаните на ЛОИ 1924, летово се очекуваат повеќе од 15 милиони

– Олимписко село: Првпат спортистите во 1924 година можеа да останат заедно во наменски изградено Олимписко село. Изградено во близината на Олимпискиот стадион, сместувањето беше во мали дрвени вили со проточна вода, а на локацијата имаше пошта, продавач на весници, менувачница, фризерски салон и ресторан.
– Медиумско покривање: Игрите во 1924 година беа и првите што се емитуваа во живо на радио. Имаше 724 новинари официјално акредитирани за покривање на ЛОИ, главно од странство, што беше доказ за зголемената популарност и за глобалниот интерес за Игрите.
– Олимписки терени: На Олимпискиот стадион во 1924 година се одржа и финалето на Светското првенство во фудбал во 1938 година. Неколку реновирања подоцна, истата локација ќе се користи на Игрите летово за хокеј. Неколку други места беа изградени специјално за Игрите пред 100 години, како што се нов стадион за водни спортови и тениски терени. Базенот што ќе се користи во 2024 година како место за тренинзи на пливачите беше првиот олимписки базен со должина од 50 м. Патеките беа обележани со плута. Само два нови терена се изградени од почеток за ЛОИ 2024, бидејќи Градот на Светлината сака да ги користи своите постојни места, заедно со познатите знаменитости како заднина на настаните. Се градат привремени спортски сцени, вклучувајќи ја и таа кај Ајфеловата кула, за одбојка на плажа.
– Церемонија на затворање: Игрите во 1924 година беа првите на кои беше одржана церемонија на затворање со сличности со денешните. Ова вклучуваше дистрибуција на медали на земјите, заедно со кревање четири знамиња, на ИОК, Франција, Грција, која ги организира инаугуративните модерни игри во 1896 година, и на Холандија, домаќинот на ЛОИ 1928.
– Зимски олимписки игри: Спортските натпревари одржани во Шамони помеѓу 25 јануари и 5 февруари 1924 година во врска со Игрите во Париз подоцна беа означени како инаугуративни Зимски олимписки игри (ЗОИ). Спортисти од 16 земји се натпреваруваа на ЗОИ, во 16 дисциплини, опфаќајќи карлинг, боб, уметничко и брзо лизгање и скијање.
– Од 3.089 спортисти што се натпреваруваа во Париз во 1924 година, 135 беа жени. Сто години подоцна, 10.500 спортисти ќе учествуваат на Игрите во 2024 година со рамномерна поделба на мажи и жени. Тоа ќе бидат првите Игри што ќе постигнат целосна родова еднаквост во однос на бројот на спортисти. Скокови во вода, пливање, мечување и тенис беа единствените спортови во кои се одржуваа настани за спортистки во 1924 година.

Медали за архитектура, скулптурство, литература, сликарство и музика

Уметничките натпревари беа дел од олимписката програма во Париз, со медали во архитектура, скулптурство, литературата, сликарство и музика.  Уметничките натпревари не се појавуваат на ЛОИ од 1948 година, бидејќи беа прекинати поради загриженоста за неусогласеноста на правилата, кои инсистираа спортските натпреварувачи да бидат аматери додека професионалните уметници можеа да учествуваат.
ЛОИ 1924 беше инспирација за оскаровскиот филм „Огнени кочии“. Филмот од 1981 година ја прикажуваше, со мала дозвола за раскажување приказни, легендата на британските спринтери Харолд Абрахамс и Ерик Лидел и нивната потрага по олимписко злато. Филмот освои четири награди „оскар“.
Спринтерите Абрахамс и Лидел не беа единствените двајца атлетичари што се истакнаа во Париз. Двајца од Финска ги осветлија Игрите на можеби уште позабележителен начин, соборувајќи рекорди и доминирајќи со медалите на средни и на долги патеки, Пааво Нурми (злато и олимписки рекорди на 1.500 метри, а помалку од два часа подоцна и на 5.000 метри, плус уште три златни медали во крос-кантри, екипен крос-кантри и екипна дисциплина на 3.000 метри) и Вил Ритола (злато на 10.000 м и светски рекорд, златни медали и на 3.000 метри со пречки, екипно на 3.000 м и екипно крос-кантри, како и сребро во крос-кантри и на 5.000 метри), пишува „Би-би-си“. Доминацијата на Нурми и Ритола во текот на 1920-тите им го донесе прекарот Летачките Финци.
Натпреварувајќи се за САД, Џони Вајсмилер се појави како несомнена ѕвезда на базенот во 1924 година. Во 1922 година, Вајсмилер стана првиот човек што пливаше побрзо од една минута на 100 метри слободно и тој го повтори достигнувањето во Париз, завршувајќи ја трката за рамно 59 секунди за да му го ускрати на сонародникот Дјук Каханамоку третото последователно злато во таа дисциплина. Вајсмилер продолжи да триумфира во штафетата на 400 метри слободно и 4х200 метри слободно, како и да го претставува ватерполо-тимот на САД, помагајќи им да освојат бронза. Тој освои и 52 национални титули на САД, постави 67 светски рекорди и се пензионира со непобедлив аматерски рекорд, бидејќи никогаш не изгубил трка, додавајќи уште два олимписки златни медали во Амстердам во 1928 година. Почитуван до денес како великан во пливањето, Вајсмилер ја остави зад себе својата спортска кариера и влезе во филмската индустрија, па златното момче стана ѕвезда на сребрениот екран, пишува „Би-би-си“.
САД доминираа со бројот на медали на ЛОИ 1924 освојувајќи вкупно 99, вклучувајќи 45 злата. Втора на табелата за медали беше Франција, а спортистите домаќини ја израдуваа домашната публика освојувајќи 14 златни, 15 сребрени и 12 бронзени медали. Финска беше трета, со 14 злата меѓу нивните 37 медали, а Нурми и Ритола имаа голем удел.
За Игрите во 1924 година, едната страна од златниот медал прикажува победнички спортист како ја зема раката на ривалот за да му помогне да стане од подот. Од другата страна беше прикажана спортска опрема, како и харфа како симбол на културната програма на ЛОИ. За игрите ова лето, медалите ќе вклучуваат метал земен од Ајфеловата кула. Деловите во форма на шестоаголник, вградени во средината на медалот, се ковани од железо извадено од споменикот за време на реновирањето. Н.М.